Воспитување

Зошто престанав да кријам од децата дека имам рак на дојка

„Мамо, дали ќе умреш?“

Имало неколку моменти во мојот живот како родител кои ја смениле траекторијата на одгледувањето на моите деца. Но, ниту еден не ми влијаел толку како моментот кога мојот 3-годишен син легна до мене во креветот и ми го постави тоа прашање.

Се разбира, му реков „не“, па го прегрнав и го бакнав за дополнително осигурување. Но, не можев да го обвинам што прашува. Бев на третман за рак на дојка, а тој немаше поим. Ниту неговата 7-годишна сестра. Сѐ што знаеше е дека бев во кревет поголем дел од времето, не можев да играм и да му читам приказни. Се лутеше и ме нарекуваше мрзлива. Мојата ќерка потивко ги менаџираше работите. Таа му читаше и ми носеше чаша сок и чинии со овошје. Таа сфаќаше дека работите се лоши, но колку лоши мислеше дека се? Не го знаев тоа бидејќи не зборував со нив за она што се случуваше. А тоа можеби беше најлошата родителска одлука што некогаш сум ја донела. Се чувствував како да ги заштитувам од тежок разговор, од нешто страшно, од стравови кои го поттикнуваат син ми да праша дали ќе умрам. Но, вистината беше дека бев преплашена. Се плашев дека нема да успеам.

Кога го открија туморот, тоа беше чиста среќа. Бев во моите 30-ти, немав историја на канцер во семејството, никогаш не пушев, се хранев добро и одев повремено на часови по балет. Но, по доењето на син ми отидов на првата мамографија, па се покажа малечка точка на снимката која изгледаше како циста. Сѐ додека не се дефинира дека е прва фаза канцер. Поради видот на канцерот, немаше стандардни насоки. Лекарот остави да одлучам дали ќе имам операција и радијација или да се додаде и хемотерапија. Бев вознемирена. Збунета. Скршена. Не можев да зборувам за тоа со никого, а особено не со децата. Јас и мојот сопруг им кажавме колку што можевме помалку. Мама е болна. Мама ќе биде добра. Потоа ги испративме на патувања.

Денот откако заврши училиштето ги испративме да поминат дел од летото со мојата мајка. Изгледав различно кога се вратија за 2 месеца. Ќелава, со лош тен. Тие се радуваа што се дома, но не разбираа. Мојата ќерка сфатила што се случува од ТВ-реклама со жени како мене, кои имале обвиено марами на своите глави. Дојде до мене и зборот канцер првпат се кажа меѓу мене и неа. Мојот син ја пронашол периката што ја купив мислејќи дека ќе треба да се сликам за да ја обновам мојата возачка дозвола. Зошто бев ќелава?

По 7 месеци откако мојот лекар ми ги соопшти вестите, конечно морав да се соочам со емоционалното влијание од мојата дијагноза за и моите деца да можат да се справуваат. Бев поранешна учителка. Имав посетувано часови по детска психологија. Сум напишала книги за деца, а сепак ова беше тешко. Не се сеќавам што точно рековме. Само се сеќавам дека се чувствував како нервите да ми се надвор од телото. Прво, децата беа лути. Секогаш сме им велеле дека искреноста е најважна. Дали сега ќе може повторно да ни веруваат? Но, ним им олесни што дознаа што се случува, а потоа ми помогнаа да размислувам појасно за моите опции за третман. Се спротивставував на трансфузија, но тие ме убедуваа дека тоа е будалесто. Зарем нема таквата постапка да направи да ми биде подобро?

Оттогаш, тие имаа прашања, а ние им одговаравме. Што е канцер, колку е голем туморот, колку третмани сум имала. Ги броевме. Ја славевме последната хемотерапија и потоа гледавме како повторно ми расте косата. Кога конечно можев повторно да фатам коњско опавче на косата, сите навиваа. Она што мислев дека ќе биде премногу тешко, излезе едноставно.

Полесно беше да се биде искрен со нив. Полесно беше и тие да помогнат со своите мислења. Полесно е да се одржува врска кога сите можеме да го кажеме она што ни треба да го кажеме. Па ни стана навика да зборуваме за различни теми. Добри, лоши итн. Нашите деца сега на возраст од 19 и 15 години, секогаш зборуваат за нешто: расизам, полициска бруталност, проблеми на ЛГБТ-заедницата, капитализмот. Научивме дека понекогаш може да биде тешко да се започне разговор, но има милиони изненадувачки начини на кои разговорот може да се води.

Лузната на градите е единствениот физички потсетник од она низ кое поминавме, но сега сме сите поинакви поради тоа искуство. Среќни сме.

Многу сме среќни што нашите тинејџери сакаат да бидат блиску до нас и што можеме да зборуваме за сѐ.

Сите знаеме што имаме и што можеме да изгубиме.

Автор: Трејси Баптист

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top