Вчера беше сосема обичен ден. Станав, се истуширав, се подготвив и отидов да ги будам децата. Сопругот стана, се истушира, се подготви и отиде да ги прошета кучињата. Потоа ги одведовме децата во градинка. Работевме цел ден, ги зедовме децата по работа и си отидовме дома.

Мојот сопруг го одведе нашето двегодишно дете да ги види малите кученца. Јас му ја соблеков јакната на бебето, ја соблеков мојата и ги ставив во плакарот. Исто така, ги ставив чевлите во плакар (верувајте дека сето ова што го споменувам е важно). Отидов да се пресоблечам и го поведов и бебето со себе. Се вративме, а потоа ги расчистив хартиите и глупостите од кујнската маса. Кога завршив, бебето и јас отидовме во дневната соба да играме.

Тогаш почна сè. Сопругот се врати од подрумот со детето, му ги соблече патиките и јакната и ги стави на кујнската маса. Потоа го однесе детето во дневната соба и отиде да си направи ужина (да, добро прочитавте – отиде да си направи на СЕБЕСИ ужина, а не на детето). Тогаш тоа и го изговорив. Реков: „Можеш барем да ми олесниш и да ги ставиш јакната на Хајден и чевлите во плакарот, барем?“

Можеш ли да ми помогнеш, можеш ли да ми помогнеш… Одеднаш целиот живот што го поминав со сопругот ми се појави пред очи. Можеш ли да ми помогнеш и…

…да ја тргнеш јакната на детето?
…да го донесеш шишенцето со млеко?
…да ја измиеш својата чинија?
…да ги ставиш чевлите во плакар?
…да го фрлиш ѓубрето?
…да ги спакуваш работите?

Одеднаш сè ми беше јасно. Ова беа сосема погрешни зборови. Тој не ми помагаше. Тој е возрасна личност, мој партнер. Тогаш гласно му кажав: „Всушност, можеш ли само тоа да го направиш? Тоа не е олеснување, ниту помагање. Тоа е само отстранување на работите од детето“. Ништо не кажа, но ги помести патиките и јакната.

Одлучив дека веќе ништо никогаш нема да го замолам сопругот, освен кога навистина треба да ми направи некоја услуга, на пример, да убие огромна бубачка. А еве и зошто ја донесов одлуката:

Тоа ја намалува неговата вредност

Мојот сопруг е возрасна личност, сосема способно човечко битие. Не би требало да го гледам како свој асистент или некој на кој му се потребни моите упатства за да биде корисен. Ако е потребно да ми помогне за нешто за кое самиот не е свесен, ќе му кажам. Но, тоа не е за мене. Тоа е она што треба да се направи во домаќинството кога нема време. Кога и да побарал тој да му го додадам шишенцето, никогаш не излегувало дека е за него. Јас не сум негов асистент, а не ниту тој мој.

Не сакам да бидам одговорна за сè

Организираното и средено домаќинство не е моја одговорност, а исто така не се ни чистите, нахранетите и облечени деца. Не е исклучиво моја работа да водам сметка за сè. Досега, барајќи да ми помага, сè си префрлав на себе. Постојат многу работи што би сакала да се само мои: јахта, скап автомобил, машина која дипли облека и ја пегла, наместо мене… Но, 100-процентна одговорност за одржување на куќата и нашите деца не е една од тие работи. Сакам само 50 проценти од тоа.

Не сакам на моите деца да им давам лош пример

Не сакам моите деца да растат мислејќи дека ако ја спуштат штицата од веце-школката, му прават некаква услуга на својот партнер. Не сакам да мислат дека заслужуваат некое посебно признание ако го изнесат ѓубрето надвор или ја стават јакната на свое место.

Не сакам тоа да влијае врз нашиот однос

Мојот сопруг, пред сè, е мој партнер. Тој е мојата втора половина. Можеби не ги вршиме работите на ист начин, но заедно одиме кон остварување на својата цел, а тоа е здраво и среќно семејство (и куќа која не е покриена со предмети, отпадоци од храна и сокови). Не сакам да му бидам шеф на мојот сопруг. Исто така, сигурно не сакам тој да мисли дека негово задолжение е да ми помага, бидејќи не му е. Негова задача е да биде добар татко и мој сопруг. И убиец на бубачки.

Така што, следниот пат кога неколку дена ќе ја остави облеката во машината за сушење, наместо да го замолам да „ми помогне“, убаво ќе му кажам да ги отстрани сите глупости од мојот пат.

Автор: Бетани Листон



912

X