Воспитување

Зошто односот со браќата и сестрите е поважен отколку што мислите

Животот ни е преполн со односи со различен век на траење. Пријателите доаѓаат и си одат, сопружниците понекогаш се разведуваат, а родителите на крајот умираат. Но, односот помеѓу браќата и сестрите обично се покажува како најтраен. Исто така, односот со браќата и сестрите е најважниот во нашите животи. Истражувањата покажуваат дека односот помеѓу браќата и сестрите е пресуден за емоционалната благосостојба. Харвардска студија покажува дека блиската врска со братот и сестрата во текот на факултетските години е најдобар показател за емоционалното здравје во 65-тата година – повлијателна од блискоста со родителите во детството, разводот на родителите, бракот и кариерата.

Но, што го прави односот помеѓу браќата и сестрите здрав?

„Здравиот однос помеѓу браќата и сестрите, како и секое силно пријателство, го карактеризираат љубов, почит, грижа, доследност и заемност“, тврди Ферн Шумер Чапман, авторка на книгата „Браќа, сестри, странци: Отуѓување на браќата и сестрите и патот кон помирување“. Браќата и сестрите би требало да очекуваат судири, но во здравиот однос знаат дека ќе дојде до смирување и простување, вели Чапман. Поддршката и блискоста помеѓу браќата и сестрите резултира со помала осаменост, пониски нивоа на депресија и поголемо животно задоволство, покажува истражувањето на Чапман. Сепак, се открило и дека третина од луѓето го опишуваат својот однос со браќата или сестрите како напнат.

Што нудат блиските односи помеѓу браќата и сестрите?

Блискиот однос го овозможува заедничката семејна историја на која секогаш одново се потсетуваат. „Многу пати може да се случи ситуација еден од браќата или сестрите да каже: И јас тоа го поминав. Се сеќавам на таа фаза во нашето семејство. Тоа може да ви даде различни перспективи и разновидност на заедничкото искуство – вели Али-Џон Чодари, психотерапевт кој ја води веб-страницата „Сиблинг естејџмент“.

Здравите врски помеѓу браќата и сестрите ги олеснуваат родителите, кои создаваат култура на почитување и отворена комуникација. Ако родителот помеѓу браќата и сестрите гледа борба за моќ, интервенира и се обидува да го поттикне чувството на соработка и инклузивност, па тогаш ги негуваат здравите односи давајќи им на своите деца вештини за решавање судири. Во тие случаи браќата и сестрите не се фаворизирани и децата никако не се споредуваат во однесувањето, интелектот или изгледот.

Кога децата ќе пораснат, мора самите да издвојат време за негување на односите со браќата и сестрите. Треба да ја развијат потребата кон своите браќа и сестри да пристапат со чувство на љубопитство, особено кога постојат разлики во карактерите. „Всушност, се работи за чувство на почитување едни кон друг, па и создавање простор за себе, што го поттикнува тоа чувство на емоционална интимност. Еднаш кога ќе го запознаете својот брат и сестра, кога ќе дознаете кои се нивните интереси и ќе почнете да препознавате што им е важно, тоа станува однос на давање и примање“, објаснува Чодари.

Кога браќата и сестрите се расправаат?

Неколку причинители може да доведат до влошување на односите помеѓу браќата и сестрите. Големата возрасна разлика може да ги спречи да имаат заеднички искуства, што е важен дел од врзувањето. Семејните трауми, разлики во политички гледишта, зависности и борба со менталното здравје, исто така, може да предизвикаат лоши односи. Кавгите, исто така, може да се случат кога братот или сестрата не се однесуваат во согласност со семејниот идентитет, како што е венчавка со некој кој семејството не го одобрува. Чапман тука укажува на принцот Хари, кој признава дека неговиот однос со братот, принцот Вилијам, заладил поради различните семејни проблеми.

Браќата и сестрите често поминуваат низ периоди на разделеност

Со оглед на тоа дека односите помеѓу браќата и сестрите се меѓу најтрајните односи, тие со текот на децениите ќе се менуваат. „Ќе има периоди кога ќе бидете блиски, но и периоди на оддалеченост“, вели Чапман. Чапман напоменува дека постојат периоди кога односот помеѓу браќата и сестрите е особено ранлив кога членовите на семејството ги редефинираат своите улоги. Тоа може да се случи во текот на адолесценцијата, кога се поставуваат нови граници. Кога братот или сестрата ќе создадат нов идентитет – кога одат на факултет или нова работа, постои ризик од разделување. Кога нејзиниот брат отишол на факултет, раскажува Чапман, ја прогонувало длабоко чувство на напуштеност. Бракот е исто така ризик-фактор за блискост на браќата и сестрите. Новиот сопружник или сопруга можеби ќе сакаат да го ограничат или контролираат дружењето на парот со едната страна на семејството.

Раѓањето на детето, исто така, може да биде тешко. Братот или сестрата почнуваат да се фокусираат на своето ново семејство, па другиот брат или сестра може да се чувствуваат напуштени или предадени. Постојат случаи кога браќата и сестрите почнуваат да се натпреваруваат преку своите деца, особено за наколонетоста на бабите и дедовците. Болест или смрт на родителите, особено кога е наследството во прашање, исто така може да биде време на судири, бидејќи тогаш браќата и сестрите се натпреваруваат за пари, моќ и љубов.

Оддалечувањето на браќата и сестрите е болно, а помирувањето е предизвикувачка работа

Кога браќата и сестрите се отуѓуваат, особено кога еден од нив сака да бидат блиски, тоа може да доведе до голема тага – вели Чодари. Имено, Чапман 40 години немала речиси никаков однос со братот. Го гледала на погреб и се чувствувала како да гледа странец. Станало толку лошо, што не била сигурна дали ќе го препознае на улица. „Ова е единствено болно искуство. Тоа не е како смрт, за која не може да се преговара. Во овој случај имате ситуација дека некој со кого сте сметале дека ќе ја одржувате врската целиот живот, донел одлука дека веќе не сака да има врска со вас“, објаснува таа. Некои односи со браќата и сестрите се премногу токсични за да се поправат, а другите едноставно мора да останат ограничени. За отуѓените браќа и сестри, помирувањето е можно само ако сите членови на семејството се чувствуваат сигурни и ако не постои ризик од понатамошна злоупотреба или повторно трауматизирање.

Чапман вели дека разговорите во текот на помирувањето најдобро ги олеснува терапевт. Браќата и сестрите тогаш ќе мора да слушаат без да се прекинуваат меѓусебно или да ги оспоруваат меѓусебните приказни, па со емпатија да признаат повреда или отуѓеност на другата личност, и да го ослободат бесот. Односите со браќата и сестрите се меѓу најважните, но и меѓу најкомплексните. Тие односи ги карактеризираат постојаните напори помеѓу топлина и непријателство, соперништво и пријателство. Судирите помеѓу нив може да бидат најболни, а блискоста може да биде најисплатлива. „Тоа е личност запознаена со вашата семејна историја, со спомени кои сте ги доживеале, со работите кои можеби сте ги заборавиле. Некој кој знае низ што сте поминале. Тоа е она што ви преостанува откако родителите ќе заминат – заклучува Чодари.

Автор: Алиа Е. Дастагир

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top