Речиси секој родител барем еднаш рекол или помислил „само сакам моето дете да биде среќно“. А веројатно не ни размислувал за своите зборови бидејќи тоа е една од оние реченици што се изговараат несвесно, бидејќи се подразбира нејзината правилност, бидејќи се подразбира дека тоа е нормална желба на секој добар родител.
Но, вистината е дека нашите деца не само што не може секогаш да бидат среќни, туку и не треба. Среќата е чувство, а чувствата доаѓаат и поминуваат, не се постојани, се менуваат. А потоа, на таа желба децата да бидат само среќни, доаѓа и потребата родителите да го усреќат детето, да направат сè што можат за да го спасат од страдање, разочарување, тага…
А кога детето гледа дека негова другарка има нова кукла, мајката вели: „Одиме по градинка да ти купиме и тебе.“ Кога детето ќе изгуби во игра, таткото вели: „Не е важно, одиме јас и ти на сладолед.“ Кога друг ќе го повреди – „И така не сте баш добри другари, имаш ти многу други пријатели.“ Кога детето е нервозно и несигурно – „Нема причина да се нервираш, сè си научила, сè знаеш.“
Константна потреба да се зачува детето од непријатните чувства, брзо да се расположи и усреќи. И не само затоа што родителот верува дека детето треба да биде среќно и дека негова работа е да го усреќи, туку и затоа што родителот не може, односно не научил да се справува со силните и непријатни чувства. А детето само сака да ги почувствува своите чувства и некој да му каже: „Ти можеш да се справиш со сите чувства, тие не се поголеми и посилни од тебе. Чувствата се дел од животот, не можеш да избегнеш тага и разочарување, но имаш поддршка и не си сам, овде сум за тебе.“
На децата им се потребни родители кои се чувствуваат сигурни и со самодоверба во моментите на нивните силни чувства. Родителите кои може да бидат присутни во моментите кога детето чувствува беспомошност, разочарување, срам, бес, нервоза, тага… Родители кои не сакаат само да ги усреќат. Работата на родителите е да го осамостојат детето, да го зајакнат, да верува во себе, да развие кај себе одговорност, како и да му дадат безусловна љубов и поддршка.
Работата на родителите е да донесат некои тешки одлуки, одлуки кои на детето нема секогаш да му се допаднат, да кажат „НЕ“.
„Не може веќе слатки“.
„Не може подолго да остануваш надвор“.
„Не може да ја инсталираш таа игра“.
И кога родителот сака да постави граница бидејќи знае дека е добра за детето, но не сака да го разочара или растажи, во него настанува конфликт. Тој конфликт родителите најчесто се обидуваат да го решат така што го убедуваат детето во својата одлука. Чекаат детето да сфати дека одлуката е во негов интерес, да ја прифати одлуката, да не се лути, да биде среќно. Кога родителот верува дека треба да го усреќи детето и се обидува да го направи тоа, тој:

– го учи детето да се сокрива од непријатни чувства, намалувајќи ја отпорноста на детето;
– не им поставува граници на децата, што создава несигурност кај нив и одново ја намалува нивната отпорност;
– му ускратува на детето да преземе одговорност за себе, го учи да чека некој да ги реши неговите проблеми наместо да се бори за себе.
Не зборуваме дека не треба да правиме убави работи за своите деца,
туку дека не треба да ги чуваме од животот, туку да ги оспособиме за живот.
И сега ако работата на родителот не е да го усреќи детето, чија работа е тоа. Тоа е работа на детето, да се усреќи себеси.
Затоа, наместо целта да ни биде да ги усреќиме децата, многу поважна цел е да ги научиме да се справуваат со сите чувства, да ги прифатат, почувствуваат, научат и продолжат понатаму. За на тоа да можеме да ги научиме децата, прво мораме да се научиме себеси.
За почеток прифатете дека сите чувства се корисни и добри, иако не и пријатни.
Автор: Винка Радојковиќ