Одлучив да се менувам заради моето дете. По вториот карцином животот ми изгледаше како страшно место. Неправедно, тешко подносливо и болно. Траумите имаат таква моќ над нашата перцепција, го бојат нашиот живот со нивните бои.

Кога тежината на неизвесноста ми стигна до грлото, помислив: Сакам да видам дали животот има поинакво лице! Сакам да го најдам за моето дете! Знам дека сум модел по кој моето дете се гради! Сакам да одам на крај од својот свет, до самата негова граница и таму да видам некое друго лице од животот! И да се вратам таква кај своето дете! Како таков модел! Па нека биде што биде!

И се променив. Стекнав знаење, флексибилност, животни вештини, решив многу внатрешни конфликти и дознав нешто чудесно: Животот е поле на бесконечни можности!

И само од нас зависи што од него ќе земеме, а ќе земеме онолку колку што гледаме.

Некој тогаш, додека тежината на животот ми го стиска грлото, да ми речеше дека по неколку години ќе го пишувам овој текст и ќе ја напишам оваа реченица за животот, не би му верувала. Толку бев поинаква тогаш.

Промената е можна. Таа е дел од биологијата на нашиот мозок. За 100 дена, велат научниците, нашиот мозок обновува 7 отсто од невролошките клетки. Тажно е што ние постојано ги репродуцираме истите. Не се шириме понатаму, не го стимулираме мозокот да гради нови патишта. Ако не заради себе, тогаш заради нашите деца. Бидејќи, истиот мозок им го оставаме ним. Промената е нашата обврска пред децата. Ако нѐ мачи сопствената кожа, ако се задушуваме во своите односи, ако постојано удираме во исти ѕидови, наша обврска е нешто да преземеме. Бидејќи тие уверувања, тие ѕидови, тие задушувања им остануваат на нашите деца. А тие не се виновни што ние не знаеме подобро. Ние сме одговорни што не го сознаваме тоа подобро!

Колку пати сум го слушнала она познатото: Сакам моето дете да биде среќно. А главното прашање: Што мене ме усреќува? Колку сум посветена на она што ме усреќува во денот? Колку такво среќно лице му покажувам на своето дете?

Сакам моето дете да биде креативно. Колку јас се впуштам во нешто ново? Колку од моето време посветувам на искажување на својата креативност?

Сакам моето дете да има пријатели. Колку пријатели имам јас? Колку време поминувам со нив? Дали сум им посветена?

Сакам моето дете да се почитува себеси. Колку јас се почитувам себеси Како покажувам почит? Како да ја очекувам од другите?

Бидејќи, зошто нашите деца да се трудат ако ние водиме мачни животи? Ако е тоа сѐ што гледаат од нас.

Како нашите деца да развијат свест за сопствените вредности ако ние не се однесуваме како да сме вредни за себе, ако се однесуваме како само нашите деца да се вредни? Ако не си посветиме ниту час себеси, додека на децата секоја минута од слободното време, ги водиме на секции и дополнителни лекции, зошто нашето дете би посакало да порасне? Ќе мора и тоа еден ден да се лиши себеси на истиот начин на кој ние се лишуваме себеси. Ќе мисли дека така мора.

Ние сме им модели на своите деца.

Примерок по кој ги плетат своите животи. И не сме само модел на родители. Ние сме модел на човек во кој нашето дете ќе се развие.

Сакаме нашите деца да имаат идеали? Да веруваат во добри вредности, да бидат слободни, искрени и чесни. Самосвесни. Главното прашање е: Го имаме ли тоа во себе за да им го дадеме? Можеби тие независно од нас ќе го развијат тоа, но патот ќе им биде многу тежок.

Ако сакаме да им го олесниме патот на своите деца, потребно е ние да си го олесниме животот.

Ако сакаме нашите деца лесно да ги палат светлата кога ќе ги совлада нивната темница, потребно е прво ние да се соочиме со своите вештерки.

Промената е наша обврска. Имаме обврска на храброст, да престанеме од генерација на генерација да пренесуваме ограничувања и уверувања кои градат генерации полни со самопрезир.

Јас одлучив да одам преку седум мориња и седум гори и да ги најдам своите вештерки и чудовишта.

Го наоѓам овој живот кој сум го скрила зад тие вештерки и чудовишта и го враќам пред лицето на моето дете. И горда сум на себе.

Автор: Лилјана Милиќ, тренер за личен развој

Извор



912

X