Без разлика дали имате син или ќерка, сигурно се прашувате што кажува науката за улогата на умот во обликувањето на однесувањето на детето. Д-р Мајкл Најџел од Австралија ги истражува разликите помеѓу половите од невролошка перспектива и дава насоки кои се од голема корист за начинот на кој го практикуваме родителството, начинот на кој ги едуцираме и ги поддржуваме децата.


„Седи мирен!“ – колку пати сте слушнале некој да му ги каже овие зборови на машко дете? И колку пати сте виделе момчиња како не ги следуваат тие барања?

Науката ни кажува дека на момчињата, поради нивните биолошки предиспозиции, им е многу тешко да седат мирни.
Повеќето момчиња се во постојано движење – дури и кога читаат можете да ги видите како мрдаат со нозете или се поместуваат. Ова не значи дека се работи за некаков проблем во однесувањето, туку всушност се работи за биолошки императив поради хемикалиите кои се движат низ нивните тела и мозоци. Истражувањата за развојот на машкиот и женскиот мозок посочуваат дека мозочниот развој во текот на бременоста е долг процес во однос на обликувањето на овие видови однесување.
На почетокот е важно да се земе предвид дека сите деца го почнуваат животот како анатомски идентични, а тука спаѓа и мозокот на секое дете. Но, развојот на машките хормони поттикнати од хромозомот Y кај момчињата е она што се разликува во текот на првото тримесечје и поттикнува не само развој на сексуалните органи и другите физички разлики, туку и креирање „машки“ мозок.

Овие промени посочуваат дека причината зошто момчињата се однесуваат различно од девојчињата делумно е поради биолошките разлики во мозокот. Родителите и едукаторите се сведоци на овие разлики секој ден – на пр., пократок распон на внимание, поголема потреба за одмор и константно движење.

Има многу фактори што придонесуваат за овие разлики. Сепак, има два важни хормони што ни помагаат да разбереме зошто движењето е позастапено кај момчињата, и зошто е многу важно за нивниот целокупен развој. Тука се вбројуваат тестостеронот и серотонинот. Сепак, сите деца имаат потреба да се движат, а движењето е интегрално за сите аспекти од развојот, па ова е особено вистина кога тестостеронот се движи низ умовите и телата на момчињата.

Улогата на тестостеронот

Повеќето луѓе се свесни дека тестостеронот е примарниот машки хормон и е поврзан со низа однесувања, меѓу кои и парењето и агресијата. Некои студии го поврзуваат високото ниво на тестостерон и со различни нивоа на антисоцијално однесување, криминал, коцкање. За момчињата, важно е да се потенцира дека имало многу студии кои го поврзуваат тестостеронот со импулсивност, невнимание и движење. Тестостеронот не само што ги креира машките физички карактеристики, туку и агресивните и компетитивни однесувања, а подоцна во животот и сексуалната желба. Овој хормон е причината зошто на момчињата им се поинтересни предметите отколку луѓето и зошто се впуштаат во истражувачка и погруба игра. Како што растат во мажи, високите нивоа на тестостерон ги прават поагресивни и/или амбициозни, имаат поголеми мускули и се подоминантни. И иако е познато дека и жените имаат тестостерон, сепак, тој не е доминантен сексуален хормон кај жените.

Кога ќе му речете на момче да се смири, разберете дека тоа едноставно во себе има процеси кои не му го дозволуваат тоа

Кај жените, прогестеронот и естрогенот се доминантни, па кај нив се случува женски физички раст и промовираат поврзување и ги насочуваат девојчињата повеќе кон соработка отколку кон натпреварување. Тестостеронот функционира различно кај момчињата – амигдалата, која е структурен дел во однос на емоционалниот регион во мозокот кој помага во справување со опасностите и одговор на стравот, кај мажите е поголема, а освен тоа амигдалата кај мажите е и побогата со тестостерон. Оттаму произлегува фактот дека момчињата се многу позаинтересирани за агресивна, груба игра и такви однесувања.

Како влијае серотонинот врз однесувањето

Се работи за невротрансмитер. Невротрансмитерите се хемикалии кои се создаваат во синапсите на невронот и им дозволуваат на навроните да зборуваат еден со друг. Комуникацијата која произлегува од електро-хемиските импулси помеѓу невроните и невротрансмитерите влијае врз целото однесување. Серотонинот е тип на невротрансмитер и е поврзан примарно со процесирањето на емоциите. Серотонинот игра улога и во контролата на јадењето, спиењето и возбудата, како и регулацијата на болката и различните расположенија. Истражувачите ги поврзуваат високите нивоа на серотонин со високата самодоверба и социјалниот статус, додека ниските нивоа се поврзани со депресија, импулсивност, ризично однесување, агресија, лутина.

Серотонинот не е процесиран доволно добро во мозокот на момчињата. Често има ниски нивоа на серотонин кај момчињата и почеста можност за импулсивно однесување. Па така кога ќе му речете на момче да се смири, тоа едноставно во себе има процеси кои не му го дозволуваат тоа.

Како родители и едукатори, може да е потешко да си ги приспособиме очекувањата отколку да ги принудиме момчињата да направат нешто што е психолошки тешко за нив. Едниот начин е да им дадеме можност да се движат и да ја трошат енергијата на физички активности. Тоа е парадоксот… Промовирањето физички активности помага во смирување на немирното момче преку менување на био-хемијата. Ова е обезбедување можност за него да ги балансира хемиските реакции во неговиот ум.

Совети за родителите

Професорот Јап Панксеп, еден од водечките светски авторитети за човечко и животинско однесување, верува дека сите деца подобро учат да се контролираат себеси и да ги регулираат своите емоции преку игра. Со цел да се промовира здравиот социјален и емоционален развој, изгледа очигледно дека наместо едноставно да се обидувате да ја спречите потребата на момчето да се движи, би било подобро да му се обезбедат поголем број можности за активности каде што ќе може да ја насочи својата енергија.

Со други зборови, ценете го тоа што момчињата се создадени за активности, а и така се градени. Важно е да се забележи дека момчињата се поврзуваат меѓу себе преку заеднички активности. Во нивната природа, тие се дизајнирани да бидат активни, да фрлаат работи, да се натпреваруваат, да истражуваат.

А најважно е дека не можат да седат мирни, па зошто да се обидувате тоа да го сторите?

Наместо тоа, обидете се да ја прифатите нивната висока желба за движење и високи нивоа на активност и обезбедете им безбедни можности за соодветен развој, кога и да е тоа можно.

Автор: д-р Макјл Најџел

Извор



912

X