Како мајка на две деца на возраст под пет години, знам колку нередот што се прави за време на оброците може да ве доведе до лудило. Но, како терапевтски педијатар, со специјалност за сензорски прашања поврзани со хранење и пребирлива исхрана, исто така, знам кои се придобивките од тоа да ги оставам децата да бидат неуредни – односно подобро е да јадат редовно, а да прават неред, отколку да имаат неуредни (нередовни) оброци.
Многу мајки не ги пуштаат децата сами да јадат за да го избегнат нередот. Проблемот со одложувањето на самостојното хранење и недозволувањето на бебињата да ја истражуваат храната со рацете е во тоа што во некои случаи може да дојде до попречување на нормалните начини на хранење и долгорочно може да придонесе кон селективни начини на однесување со исхраната. Многуте начини на кои е одложено самостојното хранење може да го попречат развојот на нормалното хранење и развојот на оралните моторички способности (вештини кои помагаат устата, јазикот, усните и образите да дејствуваат координирано за храната да се џвака и да се проголта).
Бебињата учат преку допир
Можеби би било корисно прво да дознаете како учат бебињата за светот околу себе во првата година од животот. Бебињата се поттикнати со своето тактичко чувство и го истражуваат светот околу себе со своето чувство на допир. Допираат, чувствуваат и истражуваат предмети кои им се на дофат и ги ставаат в уста. Тоа им помага да сфатат повеќе за своето опкружување. Токму на врвовите на прстите, усните и јазикот се наоѓаат повеќе сензорни рецептори (клетки кои испраќаат тактични или допирни информации во мозокот за да ни помогнат да сфатиме за што се работи и какво е чувството) отколку во кој било друг регион во човечкото тело. Бебињата учат за прифаќање нови текстури по многу специфичен редослед на допир: прво со рацете, а потоа со усните. На бебињата и на децата треба да им се овозможи и да им се даде шанса да допрат, да почувствуваат и да ја намирисаат храната за да одлучат дали ќе ја пробаат и со устата.
Бебињата природно копнеат по автономија
Друга важна карактеристика на бебињата, својствена и вродена, е тоа што природно ги поттикнува желбата за автономија и независност. Едноставно кажано: тие самостојно сакаат да откријат како функционираат работите. Ова може да објасни зошто првите зборови на детето се „не“ или „јас“ или „мое“. Секако, некои бебиња се попасивни од другите, но во повеќето случаи децата сакаат да прават работи за себе. Тоа е особено важно во текот на критичниот период на хранење. Важно е на бебињата да им се овозможи сами да ја истражуваат храната кога се подготвени и да не го попречуваме овој вроден нагон за самостојност во хранењето. Токму самостојноста во хранењето може да постави рамка за развој на здрав однос кон храната.
Нередот помага при десензибилизирање на тактилниот систем
Преголемата заштита и претераното чистење ги учат децата дека нередот не е во ред. Детето на кое му недостигаат основни искуства со текстури на рацете и кое никогаш не било изложено на „неуредни“ текстури во природата може да стане премногу чувствително на тактилни информации (па децата ќе плачат или врескаат ако рацете или лицето им се извалка или ќе одбијат да одат по песок или трева). Сензорно поврзаната дијагноза е во пораст повеќе од кога било. Мораме да ги научиме децата дека нередот е во ред и дека е пресуден дел од играта и детскиот развој. На бебињата и на децата треба да им се дозволи да се извалкаат и да ја почувствуваат својата храна со рацете, бидејќи овој важен дел од сензорната игра ја поттикнува толеранцијата на поширок избор на текстури.
Самостојното хранење ја поттикнува координацијата рака-око
Последна, но секако не најмалку важна причина поради која нередот во текот на хранењето им користи на бебињата е тоа што нередот го поттикнува развојот на координацијата помеѓу раката и окото и фините моторички способности. Овие вештини на рацете влијаат врз многу други животни вештини. Неколку примери за животни вештини што зависат од координацијата рака-очи се: облекувањето, ракописот, врзувањето на чевлите, употребата на садови и сечењето.
Автор: Ешли Трн