Пубертетот е преоден период помеѓу детството и адолесценцијата и се карактеризира со низа промени во телото на момчињата и на девојчињата. Во последните години е забележано дека пубертетот започнува порано и според некои податоци, се појавува во просек три месеци порано секоја деценија почнувајќи од 1970 година.

Генерално, пубертетот започнува на возраст од 8 до 13 години кај девојчињата и меѓу 9 и 14 години кај момчињата, според веб-страницата „Ју ар мам“. Она што почна да загрижува многумина е тоа што се јавува на сè помлада возраст. Евидентирани се случаи во кои девојчиња на 6-годишна возраст веќе почнале да минуваат низ промените од овој период, а тоа би можело да предизвика сложени последици.

Што е пубертет?

Пубертетот е период од животот во кој телото на момчињата и на девојчињата сексуално созрева. Кај жените овој развој започнува со развојот на градите, поточно со појавата на млечната пупка.

Генерално, овој знак се појавува околу десеттата или единаесеттата година, иако тоа зависи од неколку работи. Околу две години по првите знаци на пубертет, девојчињата ја добиваат првата менструација, а во просек тоа се случува околу 12-годишна возраст.

Кај момчињата процесот започнува малку подоцна и најчесто се случува околу 12-тата година од животот. Се смета дека до 15 или 16 години повеќето момчиња го завршиле целиот пубертетски циклус.

Пубертетот започнува сѐ порано

Според некои истражувања спроведени во последните десет години, раниот пубертет е феномен кој се случува постепено. Според една студија спроведена во 90-тите, просечната возраст на почетокот на пубертетот кај девојчињата била 9,96 години, што е една година понапред од граничните точки утврдени со претходните истражувања.

Други неодамнешни студии, спроведени во САД и во Европа, открија прогресивен напредок во почетокот на пубертетот во споредба со претходните години.

Дополнително, данско истражување спроведено во 2018 година покажало дека момчињата и девојчињата денес поминуваат низ пубертетски промени на порана возраст од нивните родители. Кај девојчињата првата менструација се јавува околу 3 месеци порано, а кај момчињата промените на гласот се случуваат и до една година порано отколку што покажуваат претходните студии.

Причини што би можеле да објаснат зошто пубертетот започнува порано

Во текот на минатиот век научниците се обиделе да ги утврдат причините за прогресијата на сексуалното созревање. Во овој поглед не можеме да кажеме дека постои само една причина што го објаснува целиот феномен, туку збир на фактори кои тежнеат кон предвремен развој. Ова се следните:

Дебелина во детството: вишокот телесни масти може да го забрза физичкиот развој и да го унапреди пубертетот до три години над очекуваниот опсег.

Нагло растење: Некои студии заклучија дека момчињата и девојчињата што брзо растеле во првите 5 години од животот имале поголема веројатност да влезат во пубертет на порана возраст.

Трауматски настани во детството (историја на злоупотреба, малтретирање дома, големи загуби): Утврдено е дека доживувањето многу стресни настани рано во животот го забрзува почетокот на пубертетот.

Генетика.

Фактори на животната средина: фактори како стрес, неухранетост и одредени нездрави начини на живот.

Употреба на одредени лекови за време на бременоста: Се верува дека употребата на ацетаминофен за време на бременоста може да биде поврзана со порано започнување на пубертетот кај девојчињата, иако овие податоци треба да бидат поддржани со повеќе студии.

Контакт со одредени хемиски супстанции за време на бременоста: Некои козметички и хигиенски производи кои содржат фталати, парабени и микропластика може да го попречат развојот на фетусот и да го условат влегувањето во пубертет во иднина.

Зошто раниот пубертет е причина за загриженост?

Пораниот почеток на пубертетот може да има последици и врз физичкото и менталното здравје на момчињата и на девојчињата.

Од една страна, раниот сексуален развој го ограничува природниот раст на децата. Во принцип, по втората година од почетокот на пубертетот, висината на девојчето стагнира. Затоа, девојчето може да биде пониско отколку што треба според генетиката на нејзините родители.

Од друга страна, емоционалното влијание на раниот пубертет е значајно бидејќи овие деца поминуваат низ промени во нивните емоции, чувства и мисли кои не се во согласност со оние што ги доживуваат нивните врсници. Дури и во нивната индивидуална сфера, момчињата и девојчињата не се психолошки подготвени да се соочат со такви промени во нивните тела.

Исто така, се покажало дека предвремениот пубертет е поврзан со зголемен ризик од развој на одредени болести во зрелоста, како што се дијабетес тип 2 (кај мажи) и мигрена (кај жени).

Извор



912

X