Воспитување

Зошто децата во другите култури немаат тантруми?

Кога ќерката на Мајкалин Доуклеф од Сан Франциско наполнила 3 години, Доуклеф била на крај со нервите. Тригодишната Роузи постојано имала напади на бес, таканаречени тантруми, а додека тоа ѝ се случувало, таа удирала, гризела, го туркала мебелот и одбивала да се облече. Доуклеф, која е по струка доктор по хемија и новинарка што следи наука, темелно читала родителска литература и ги слушала советите од педијатарот, кој ѝ рекол постојано да зборува со Роузи. Но, ништо не помагало и нејзината родителска самодоверба паднала на најниско ниво. „Никогаш порано не сум била толку неуспешна во нешто во кое сум сакала да бидам успешна.“

Потоа се сетила дека децата што ги гледала додека била во Либерија и пишувала приказна за еболата, како и децата на Арктикот кои ги сретнала кога известувала за климатските промени – биле фини и послушни. Можеби не е таа виновна за својот родителски неуспех – помислила – туку западните методи за воспитување?

Поттикната од тој увид, почнала да ги истражува начините на кои луѓето во другите култури одгледуваат деца. Одела со ќерка си во села во Мексико, Канада и во Танзанија учејќи ги тамошните родителски методи и тестирајќи ги на Роузи. Така настанала книгата „Лови, собирај, воспитувај: На што може да нè научат старите култури за изгубената умешност за воспитување среќни и срдечни луѓе“.

Малите деца се „родени помошници“

Доуклеф во селата на Маите во Јукатан (Мексико) сретнала деца кои извршуваат домашни обврски, но и водат сметка за тоа што од работите треба да се заврши, што е комбинација од свесност и претприемаштво, која во Мексико ја нарекуваат „акомедидо“. Родителите не ги присилуваат децата на работа, бидејќи сметаат дека со тоа се уништува внатрешната мотивација. Децата се водени со примерот од постарите. Доуклеф во мајанско село набљудувала 12-годишно девојче кое се разбудило, се протегнало и отишло да мие садови. На прашањето зошто помагаат во домаќинството, мајанските деца обично одговараат: „Затоа што тука живеам.“ За нив тоа е глупаво прашање бидејќи навиките им се всадени многу рано. Родителите не им смислуваат специјални активности за тие да можат на мир да ги измијат садовите. Миењето садови е таа активност.

Мајките, бабите и постарите сестри развиваат „акомедидо“ така што дури и најмалите деца ги пуштаат да учествуваат во секојдневните работи – од правење тортиљи до копање на нива. Постарите внимателно надгледуваат, без многу критики и пофалби. Децата полека стекнуваат вештини и природно се вклучуваат во работите бидејќи се чувствуваат како дел од семејниот тим. Доуклеф сфатила дека ја потценувала способноста на својата ќерка. Малите деца се „родени помошници“ за кои вклучувањето во активностите на возрасните е облик на учење и игра.

Сепак, ништо не може да се научи преку ноќ, предупредува Доуклеф. Потребни се години на постепено навикнување на децата за учество во домашните обврски. Детето треба да знае и како се прави одредена активност, но и кога треба да се заврши и зошто е тоа корисно за семејството и за него.

Детето е дел од тимот

Заблуда на модерното родителство, пишува Доуклеф, е идејата дека децата треба да се носат на разни места специјално приспособени за нив, а кои по правило се досадни за родителите. „Кога ќе дојде викенд, обично размислувавме што да организираме за Роузи. Меѓутоа, идејата дека родителите се одговорни за забавување на децата не е присутна во повеќето светски култури“. Родителите на Западот сметаат дека штедат време така што ќе го остават детето пред екран за да зготват ручек. Со тоа всушност му порачуваат на детето дека не е дел од тимот и дека тие работи не се негова грижа. Непотребно се исцрпуваат смислувајќи активности за децата наместо да ги извршуваат тековните обврски или да се одмораат додека децата во тоа ги следат.

Инуитска смиреност

Лекциите од родителството се продолжуваат на студениот север, на канадската територија Нанавут, каде што Доуклеф набљудува инуитски родители кои ни најмалку не се возбудуваат кога нивните деца лошо се однесуваат. Нивното мислење е дека децата се „неразумни суштества кои сè уште не научиле како треба да се однесуваат“, па детските испади не ги земаат при срце. „Инуитските родители никогаш не комуницираат на начин кој детето го диктира. Просто не се спуштаат на нивото на детето.“ Никогаш не викаат бидејќи сметаат дека така и децата учат да викаат. Без реакција ги набљудуваат децата или едноставно одат да прошетаат. Поради таквиот пристап, децата никогаш немаат тантруми. „Ми беше непријатно што мојата ќерка беше единственото дете таму што така се однесува. Беше надвор од контрола, а околу себе гледав мајки кои со леснотија и смиреност одгледуваат по 5 деца.“

Доуклеф ја опишува и првата средба на својата ќерка со инуитската „рамнодушност“ кон детските испади: „Една вечер во инуитско домаќинство кое ни понуди гостопримство Роузи доби напад на бес бидејќи сакаше млеко, а немаше. Кога сфати дека нејзиното однесување не предизвикува ама баш никаков впечаток кај ниту една возрасна личност во просторијата, буквално падна на земја и викаше – Нееее – сфаќајќи дека останала без својата моќ. Инуитите едноставно не паѓаат на тоа.“

Автономија наспроти постојано мешање

Доуклеф во својата книга ги доведува во прашање и омилените современи методи за воведување самодоверба кај децата: „Една од најбудалестите работи што денес ги правиме е што толку ги фалиме децата. Каде и да одев, речиси никогаш не слушнав родител да пофали дете. А повторно, овие деца се неверојатно самостојни, самоуверени и полни со почит. Сето она што сакаме да го постигнеме со пофалби, овие деца веќе го имаат и без тоа.“ Доуклеф одлучила да престане со постојаното пофалување на својата ќерка и вообичаените фрази: „Одлично го направи тоа“ и „Браво“, со повремена насмевка и кимање со главата. Однесувањето на Роузи навистина се подобрило.

Автономијата што ја поседуваат овие деца е стекната со голема доверба од родителите во детските способности, довербата која ние денес сме ја изгубиле. Доуклеф го наведува податокот дека научниците кои набљудувале колку пати родителот од племе на ловци во Централна Африка интервенира во детските активности со наредба или совет, утврдиле дека тоа го прави 3 пати во еден час. „Истиот експеримент го спроведов на себе и други родители на игралиште во Сан Франциско. Родителите би интервенирале околу 100 пати во текот на еден час!“ Автономијата не е исто што и независноста, нагласува таа. Во овие заедници децата секогаш имаат одговорност кон групата – се грижат за другите деца, одат во потрага за храна и слично. Но, нивните родители ги оставаат да го прават тоа без многу прашања, освен кога е баш неопходно.

Селото ги воспитува децата

Она што Доуклеф го научила за време на посетата на племето Хаџа во Танзанија е дека родителите имаат голема помош од заедницата. Како што вели таа, било тешко да се одреди кое дете на кои родители им припаѓа бидејќи за децата се грижеле сите. Антрополозите сметаат дека за децата е природно да ги воспитува група на луѓе, а не само двајца родители. „Мислам дека ние го потценуваме она што децата го можат – сретнав 12-годишни девојчиња кои прават оброци и се грижат за помалите деца, бидејќи од мали нозе се вклучени во овие активности.“

Неверојатна промена

Дали усвојувањето на новите пристапи ѝ помогнало на Доуклеф? Како што вели во својата книга, усвојувањето на методите на Инуитите направило нејзината ќерка сосема да престане со тантрумите. Исто така, семејниот живот им се подобрил кога отфрлила поголем дел од играчките на својата ќерка. Промената што се случила кај ќерка ѝ по нивното истражувачко патување е неверојатна и вели дека сега едноставно ужива во родителството.

„Мислам дека нашиот однос беше премногу заснован на тензија и конфликт, бидејќи јас се обидував да ја контролирам, а таа за возврат се обидуваше да ме контролира мене. Овој нов пристап е фокусиран на што помалку судири и тензии и потенцира соработка“, заклучува таа.

Доуклеф е свесна дека не може да се пресликаат родителските методи од традиционалните заедници во нашите брзи и стресни животи во современите градови. Но, смета дека многу можеме да научиме и да усвоиме. „Роузи никогаш нема да биде толку самостојна како дете во племето Хаџа. Но, малите промени сепак може да донесат сериозни резултати.“

Пораката што ја има за родителите е дека мораат да се замислат за современите воспитни методи и да се запрашаат колку тие негативно влијаат врз уживањето во родителството: „Изгубивме некои темелни принципи за воспитување на децата и итно ни е потребно да ги вратиме. Родителството никогаш не било толку тешка работа како што е денес.“

Автор: Јована Папан

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top