Во соседна Србија во последните две години се самоубиле 20 деца. Термини кај психолозите главно закажуваат адолесцентите, и тоа оние што сфатиле дека им е потребна стручна помош. Колку деца и понатаму сами лутаат во мракот, никој не знае. Соговорничката за веб-порталот „noizz.rs“, психологот Мирјана Стевановиќ, вели дека најмладото депресивно дете со кое работела било во основно училиште. На прашањето како и зошто се намалува прагот на годините на луѓето што страдаат од депресија, таа вели:

– Сè помали деца реагираат депресивно затоа што начинот на животот стана таков што тие се сами, насочени кон компјутерите и телефоните, ретко се занимаваат со спорт, помалку се дружат. Таа нагласува дека не мисли оти околината е слепа и глува, туку дека не е свесна за сето она што им се случува на децата. Затоа на родителите многу би им помогнале едукации преку медиумите, некои видови трибини, разговори со стручни лица.

Кога кај децата се јавуваат суицидни мисли?

„Кога ситуацијата во која се наоѓаат ја доживуваат како нерешлива, а ги преплавува чувство на безнадежност и единствен излез гледаат во тоа да ги нема“.

Како да се препознаат симптомите кај малолетниците?

„Тага, беспомошност, иритација, бес и непријателско расположение, често плачат, се повлекуваат од семејството и пријателите, губат интерес за активности, имаат промени во начините на исхрана кои може да се манифестираат преку губење на апетитот или зголемен апетит, промени во навиките за спиење, промени во расположението, „краток фитил“, проблеми на училиште, ниска самодоверба, замор и недостиг на енергија, необјаснети болки и главоболки, проблеми со концентрацијата, чувство на безвредност и вина, мисли за смртта и за самоубиство“.

Што да прават родителите?

„Родителите би требало да бидат поддршка, да го слушаат својот тинејџер и да не му држат предавања. Треба да бидат нежни, но истрајни и упорни. Признајте ги неговите чувства, уважете го детето и не бегајте од приказните за проблемите. Побарајте стручна помош ако имате впечаток дека нешто се случува, а детето не ви се отвора и доверува“, вели Мирјана.

Со сета таа мака што ја носат, децата кои се депресивни се и жртви на средината, трпат насилството од врсниците, околината не ги прифаќа. Во тој момент родителите имаат пресудна улога преку безусловната поддршка на детето. На прашањето дали има впечаток дека родителите ја вртат главата на друга страна, бегајќи од проблемите, психологот вели:

„Не мислам дека го прават тоа. Повеќе е во прашање страв од соочување и недоволно знаење за тоа низ што поминуваат нивните тинејџери. На родителите треба да им се помогне да сфатат што се случува и како да го решат проблемот“, вели таа.

Но дали е можно да не се забележи депресијата кај детето?

„Можеби на самиот почеток, но како што се развиваат симптомите, невозможно е да не се забележи. Родителот кој го слуша своето дете и ги набљудува однесувањето и промените низ кои поминува детето, ќе ги уочи симптомите и ќе реагира“, заклучува психологот.

Автор: Ивана Стојанов



912

X