„Денес децата се во катастрофална емоционална состојба. Повеќето доаѓаат на училиште емоционално неподготвени за учење. Многу работи во нашиот модерен стил на живот доведуваат до тоа“ – Викторија Прудеј

Според сопственото искуство, мојата пријателка Викторија Прудеј, работен терапевт, смета дека ова е толку многу раширено и алармантно, па ја прашав за дозвола да ги споделам нејзините спознанија во јавност. Поради огромниот интерес и разговори на оваа тема, го споделувам нејзиниот напис.
Викторија пишува:

Јас сум работен терапевт со долгогодишно искуство во работа со деца, родители и учители. Целосно се согласувам со пораката на оваа учителка дека нашите деца стануваат сè полоши и полоши во многу погледи. Постојано ја слушам истата порака од секој учител што го запознавам. Јасно е дека откако сум работен терапевт, сум видела и гледам опаѓање во социјалното, емоционалното и образовното функционирање на децата, како и силен пораст на тешкотии во учењето и други дијагнози.

Како што знаеме, мозокот е подложен на промени. Опкружувањето може да го „зајакне“ или да го „ослаби“ мозокот. Цврсто верувам дека и покрај нашите најдобри намери, за жал, го менуваме мозокот на нашите деца во погрешна насока.
Еве зошто:

1. Децата добиваат сè што сакаат кога ќе посакаат

„Гладен сум!“ „За еден момент ќе застанам кај ресторанот“. „Жеден сум!“ „Еве го автоматот за пијалаци“. „Досадно ми е!“ „Еве, земи го мојот мобилен!“ Способноста да се одложи задоволувањето на нивната потреба е еден од клучните фактори за иден успех. Имаме најдобри намери – да ги усреќиме нашите деца – но, за жал, ги усреќуваме во тој момент, но ги правиме несреќни на долги патеки. Способноста за одложување на задоволувањето на потребите на децата значи способност за функционирање под стрес. Нашите деца полека стануваат помалку подготвени да се носат и со најмали стресни фактори, кои им стануваат големи препреки во постигнувањето успех во животот.

Неможноста да се одложи задоволувањето на потребите на децата често се гледа во училниците, трговските центри, рестораните и продавниците за играчки кога детето ќе чуе „не!“, бидејќи родителите го научиле мозокот на детето да добива веднаш сè што сака.

2. Ограничена социјална интеракција

Сите имаме обврски, па така на децата им даваме дигитални уреди и ги „ангажираме“ на тој начин. Порано децата си играа надвор каде што во природната средина учеа и вежбаа социјални вештини. За жал, технологијата ја оневозможи интеракцијата меѓу родителите и децата. Очигледно, нашите деца заостануваат… Технологијата не може да им помогне на децата да развијат социјални вештини. Повеќето успешни луѓе имаат одлични социјални вештини. Тоа е приоритет.

Мозокот е како мускул кој може да се вежба. Ако сакате вашето дете да знае да вози велосипед, учете го на таа вештина. Ако сакате вашето дете да биде способно да чека, треба да го научите на трпение. Ако сакате вашето дете да се социјализира, треба да го научите на социјални вештини. Сето ова се применува и кај другите вештини. Нема разлика!

3. Бескрајна забава

Создадовме вештачки свет за забава на нашите деца. Не постојат досадни моменти. Оној момент кога детето ќе стане тивко, брзаме да го забавуваме бидејќи во спротивно, чувствуваме дека не ја вршиме нашата родителска должност. Живееме во два одвоени света. Тие имаат свој „свет за забава“, а ние го имаме нашиот „деловен свет“. Зошто децата не ни помагаат во кујната? Зошто не ги средуваат своите играчки? Тоа е темелна, еднолична работа која го вежба мозокот да биде ефикасен и да функционира за време на „досадувањето“, што е истиот „мускул“ кој на крајот бара да се подучува на училиште. Кога ќе дојдат таму и треба да пишуваат, нивниот одговор е: „Не можам. Претешко е. Предосадно“. Зошто? Затоа што „мускулот“ за работа не се вежба со бескрајно забавување. Се вежба со работа.

4. Технологија

Да се користи технологијата како „бесплатно чување деца“ всушност воопшто не е бесплатно. Наплатата ве чека веднаш зад аголот. Плаќаме со нервниот систем на децата, нивното внимание и нивната способност за одложување на задоволувањето на потребите. Во споредба со виртуелната реалност, секојдневниот живот е досаден. Кога децата ќе дојдат во училница, изложени се на човечки гласови и соодветни визуелни дразби што е спротивно од она кога се бомбардирани со графички експлозии и посебни ефекти кои навикнале да ги гледаат на екраните. После часови поминати во виртуелната реалност, обработката на информациите во училницата станува пресилен предизвик за децата затоа што мозокот им се навикнал на голема количина дразби кои им ги даваат видеоигрите. Технологијата исто така емоционално нè исклучува од нашите деца и семејството. Мозокот на децата најмногу се храни со емоционалната достапност на родителите. За жал, постепено ги лишуваме децата од таа храна.

5. Децата владеат со светот

„Мојот син не сака зеленчук“. „Таа не сака рано да оди на спиење“. „Тој не сака да појадува“. „Не сака играчки, но добра е на ајпадот“. „Не сака сам да се облекува“. „Премногу е мрзлива сама да јаде“. Ова го слушам од родителите цело време. Од кога децата ни диктираат како ќе ги воспитуваме? Кога сè би зависело од нив, тие би јаделе макарони со сирење и печива со крем-сирење, би гледале телевизија, би играле на своите таблети и никогаш не би легнувале да спијат. Какво добро им правиме давајќи им го она што го САКААТ кога знаеме дека тоа НЕ Е ДОБРО за нив? Без правилна исхрана и квалитетен сон, нашите деца на училиште доаѓаат нервозни, анксиозни и невнимателни. Дополнително, им праќаме погрешна порака. Тие ќе научат дека можат да прават што сакаат и дека не мора да го прават она што не го сакаат. Недостига концептот дека нешто „треба да се работи“. За жал, за да ги оствариме целите во животот, треба да го правиме она што е потребно, што не мора секогаш да биде она што сакаме да го правиме… Нашите деца многу добро знаат што сакаат, но тешко им е да го прават она што треба да се прави за да се постигне целта. Тоа резултира со недостижни цели и децата се разочаруваат.

Вежбајте го нивниот мозок

Можете да направите разлика во животот на вашето дете вежбајќи го неговиот мозок за тоа да може успешно да функционира на социјално, емоционално и академско ниво. Еве како:

1. Не плашете се да поставите граници. На детето му требаат граници за да порасне здраво и среќно!

* Направете временски распоред за оброци, спиење и време за технологија.
* Размислувајте што е ДОБРО за нив – не за тоа што САКААТ/НЕ САКААТ. Подоцна ќе ви бидат благодарни за тоа. Родителството е тешка работа. Мора да бидете креативни за да ги натерате да го прават тоа што е добро за нив бидејќи поголемиот дел од времето тоа е целосно спротивно на она што сакаат да го прават.
* На децата им треба појадок и квалитетна храна. Треба да поминуваат време надвор и да одат на спиење во исто време за утредента да бидат способни за учење на училиште!

2. Ограничете ја технологијата и емоционално поврзете се со своите деца

* Изненадете ги со цвеќе, насмејте се, скокотнете ги, оставете порака полна со љубов во нивниот ранец или под перницата, изненадете ги со ручек во работен ден, танцувајте заедно, лазете заедно, тепајте се со перници…
* Организирајте семејни вечери, вечери за друштвени игри, возете велосипеди, шетајте навечер со светилка.

3. Вежбајте одложување на задоволувањето на нивните потреби

* Оставете ги да чекаат!!! Во ред е да имаат „досадно ми е“ време, тоа е прв чекор кон креативност.
* Постепено зголемувајте го времето меѓу „ми треба“ и „добивам“.
* Избегнувајте користење технологија во автомобилите и рестораните, а наместо тоа, учете ги да чекаат со разговори и играње игри.
* Ограничете го постојаното грицкање.

4. Научете ги своите деца да работат еднолична работа од мали нозе, како подлога за „способност за работа“ во иднина

* Средување на облеката, играчките, прехранбените продукти, поставување на масата, подготвување ручек, местење на креветот.
* Бидете креативни. Од почетокот направете го тоа да биде интересно и мотивирачко, така што нивниот мозок ќе го поврзе со нешто позитивно.

5.Учете ги на социјални вештини

* Учете ги да ги слушаат другите, да споделуваат, да губат/победуваат, да прават компромиси, да велат „благодарам“ и „те молам“.

Од мое искуство како работен терапевт, децата се менуваат во оној момент кога родителите ќе го променат својот поглед на воспитувањето. Помогнете им на вашите деца да успеат во животот вежбајќи го и зајакнувајќи го нивниот мозок што порано!

Извор



912

X