Лично обожавам стручна литература, особено онаа во која се зборува за развојот на мозокот, управувањето со сопствените постапки и чувствата и воспитувањето. Отсекогаш ме интересирале различните размислувања низ кои го анализирав сопственото однесување и дали тоа ми е од корист или не.

Уште во бременоста почнав да читам за воспитувањето. Но, зар сите родители би требало да читаат стручна литература и да ги следат нејзините насоки? Во кој момент станавме родители што ги штиклираат своите постапки, каде сме прочитале дека е пожелно, во која од книгите на Јул или на Рајовиќ? Да не ме сфатите погрешно, имам голема почит кон овие автори и сум ги прочитала сите книги на Јул и некои од книгите на Рајовиќ. Прекрасни се, поттикнувачки, охрабрувачки, живописни и толку едноставни. Се сеќавам дека на самите почетоци од мајчинството знаев да се задлабочам во книга за да ги прочитам начините на постапување со детето во одредена ситуација. Но, кога не би успеала, не го припишував тоа на мојот неуспех. Книгите ми служеа за подобро разбирање на постапките на детето и како поттик да се однесувам различно доколку тоа му одговара на моето дете. И мене. Она што често го забораваме.

Кој е всушност судијата? Самите ние.

Со текот на времето создадов сопствена рамка за воспитување, како и секој родител. Не постои рецепт, како што сите знаеме. Но, зошто тогаш чувствуваме грижа кога некој ќе ни приговори за нашиот начин на воспитување? Непрестајно се стремиме кон нечие одобрување. Ако некој ни упати пофалба, тогаш добро се чувствуваме, а ако ни упати критика, тогаш мислиме дека сепак не ги завршуваме работите најдобро. А кој е вистинскиот судија? Самите ние. Верувам дека секој од нас во некои моменти бил горд на себе и на својот стил на воспитување и покрај критиките и предлозите на другите за тоа како би било подобро. Интересно е да се набљудуваат реакциите на луѓето кога зборувате за својот стил кој е во целосна спротивност од нивниот стил на воспитување. Она што често го доживувам е тоа што многумина се чудат на моето двегодишно девојче – самостојно јаде, средува, има рутина, не прави драма околу одењето во градинка или на спиење, го почитува моето „не“, сама се качува на тобоган… Всушност, кога го читам сето ова што го набројав, изгледа смешно. Но, често во вакви ситуации сум наидувала на чудење и критика (особено кога ќе кажам дека не го успивам моето дете).

Кога стануваме родител-експерт?

Никој не знае што е добро за вас, како што никој освен вашето дете не знае што е добро за него. Ние сме чувствителни суштества, на кои им влијаат коментарите на другите луѓе, но кога ќе се погледнете себеси и вашето дете, или чувствувате задоволство или чувствувате желба за промена бидејќи нешто не функционира како што сакате во однос на вашето дете и вас. И тоа е она што Јеспер Јул или Ранко Рајовиќ не можат да го решат наместо вас.

Експерти стануваме кога детето ќе нè прегрне, ќе нè погледне в очи и ќе ни каже дека нè сака, нè бара со поглед за да го видиме неговиот успех, ни пружа рака кога се чувствува несигурно, кога смешно одиме по улица бидејќи нему тоа му е забавно, ги почитуваме своите потреби и ги изговараме за детето да ги почитува и да ги разбира туѓите одлуки, имаме време за себе за да поминуваме и квалитетно време со детето, учествуваме во неговите игри, го вклучуваме во донесувањето одлуки, ги поддржуваме неговите идеи и ги разбираме неговите емоции, кога му даваме слобода.

Опкружете се со луѓето што ве поддржуваат, прифатете ги идеите на другите преку филтер за промена на перцепцијата, набљудувајте се себеси и своето дете и проценете има ли смисла она што го правите, па дали е потребна промена на однесувањето. Ние сме најважната околина на нашето дете. А експерти сме кога ќе ги создадеме најдобрите услови за детето. Оние со кои не го храниме своето его, туку го поттикнуваме развојот на детето и му ги обезбедуваме најдобрите услови. А кои се најдобрите – тоа само вие го знаете.

Автор: Сара Новак



912

X