Јасно е дека живееме во загрижувачко време за сите нас, но дали знаете да препознаете дека вашите деца се борат со одредена состојба?
Кога Ковид-19 официјално беше прогласен за глобална пандемија, луѓето разбирливо беа загрижени за значењето на сето тоа и неговото влијание врз менталното здравје. Но, истото ниво на грижа е присутно и кога ги процесираме различните промени поврзани со транзицијата назад кон новиот „нормален“ живот.
Според „Бијонд Блу“, 1 од 7 млади лица на возраст помеѓу 4 и 17 години искусуваат проблем со менталното здравје секоја година. Кога тука ќе се додаде притисокот од глобалната пандемија, поважно е да се идентификуваат предупредувачките знаци на анксиозност кај нашите деца.
Што е анксиозност?
Таа може да биде нормален дел од развојот на децата и може да трае краток период. Анксиозноста може да е различна кај бебињата и децата во различните развојни фази. За бебињата и малите деца, може да има облик на страв од разделба и силни звуци. Децата од претшколска возраст може да бидат загрижени што се сами или, пак, се плашат од темнината. Децата од училишна возраст може да се плашат од духови, социјални ситуации или тестови.
Децата имаат тенденција да бидат позагрижени кога ја замислуваат иднината и лошите работи што може да се случат во неа. Затоа, грижaта кај децата генерално се случува на возраст над 8 години, бидејќи ова е период кога тие природно ја развиваат таа способност.
Физички знаци
Австралиска асоцијација и колеџ се здружиле со едукациски психолози за да создадат е-книга наречена „Анксиозност кај децата: Водич за родителите“. Советот е ако сте загрижени дека вашето дете е анксиозно, секогаш барајте професионална помош. Физичките знаци за анксиозност вклучуваат:
– Тресење;
– Недостиг на здив;
– Пеперутки во стомакот;
– Забрзано чукање на срцето;
– Испотени дланки, сува уста;
– Тензија во мускулите.
Овие знаци може да бидат нормална реакција на стресни ситуации и не мора да значи дека детето има анксиозно нарушување. Но, ако сте свесни за знаците и знаете како да ги идентификувате кај вашето дете, подобро ќе бидете подготвени да побарате совет.
Други знаци:
– Честа грижа;
– Тешкотија при спиењето или повремени кошмари;
– Проблеми со концентрација, немир;
– Нерегуларна исхрана;
– Несакани вознемирувачки мисли;
– Лутина и иритација;
– Главоболки и болки во стомакот;
– Често одење во тоалет;
– Избегнување загрижувачки ситуации;
– Перфекционизам и вознемиреност ако нештата не се совршени;
– Одбивање да се зборува или да се направи побараното;
– Одбивање подготовки за на училиште;
– Одбивање да се спие без родител или друг возрасен;
– Често барање да кажувате или да направите нешто за него;
– Тенденција да се фокусира на опасни или негативни страни на нештата.
Што може да се направи?
Ако анксиозноста на вашето дете влијае врз неговиот успех на училиште, семејниот живот или пријателствата, треба да побарате професионална помош. Обратете се кај учителот на детето, советникот во училиштето, педијатарот и слично. Постојат некои стратегии што веднаш можете да ги примените:
– Охрабрете го детето да диши длабоко и побавно за да ги намали физичките ефекти од анксиозноста – нека вдишува 3 секунди, нека го задржи воздухот 3 секунди, па нека го издишува 3 секунди.
– Откако ќе се смири, охрабрете го да зборува за своите чувства.
– Слушајте го и прифатете ги неговите стравови или грижи, не игнорирајте ги.
– Охрабрувајте ги позитивните размислувања – децата со анксиозност често се фокусираат на најлошите сценарија. Помогнете им да се насочуваат кон позитивните мисли, така што ќе им ги потврдувате фактите. Потсетете ги, на пример, дека молњата не може да ги повреди додека се на безбедно место внатре, а крокодилите не може да се качат по скалите до тоалетот. Потсетете ги на моментите кога се соочиле со слични проблеми и резултатот бил позитивен на крајот.
– Планирање во однос на нивната реакција кога работите нема да излезат како што тие се надевале. На пример, што ќе направи детето ако група деца се непријателски расположени и не се дружат со него.
– Одржувајте врска полна со љубов со вашето дете.
– Избегнувајте етикетирање на вашето дете – не велете му дека е анксиозно, плашливо или срамежливо.
– Упатувајте пофалби кога пробува работи што му предизвикуваат анксиозност.
Запомнете, знаците на анксиозност не значат секогаш дека детето искусува анскиозност, туку дека треба да бидат сфатени сериозно како индикатор дека можеби ќе биде потребна медицинска помош од професионалец. Ако се сомневате, секогаш побарајте професионален совет.
Автор: Клер Хаек