Воспитување

Знаете ли што му правите на детето кога му забранувате да плаче?

Дали мислите дека солзите се резервирани и дозволени само за малите деца? Грешите! Секое дете, впрочем, како и секој човек, мора да има слобода да заплаче кога има потреба за тоа.
Затоа никогаш не засрамувајте го вашето дете-ученик ако плаче, дури и ако мислите дека веќе требало да престане со тие фази на плачење бидејќи врсниците ќе го задеваат поради тоа. Нема да го направат тоа. Училницата е место каде што децата всушност првпат почнуваат да стекнуваат чувство за себе во однос на другите. Сето она што се случувало претходно било влезница во ова големо чувство на самосвест за сопствената личност и своите емоции, кои се разликуваат од човек до човек, односно од дете до дете.

Како што наведуваат учителите, тој пат на созревање не е лесен, но е интересен и динамичен. Децата на школска возраст не се веќе под надзор на возрасните, како што биле кога оделе во градинка, па со самото тоа доаѓа до сè поголеми меѓусебни конфликти кои водат до болни искуства, разочарувања, навреденост, но и откривање на сопствената внатрешна сила на секое дете. Тоа е патот на кој учителите, а не родителите, ја играат главната улога на судија меѓу индивидуалните потреби на поединците и групните потреби на целото одделение. А тоа е торба полна со различни потреби!

Не си веќе бебе, престани да плачеш!

Голем број деца среде кавга со другар од класот едноставно се расплакале, а на тоа учителите најчесто реагирале со реченица под типот „престани да плачеш, не си веќе бебе“.

Во тој момент секое дете, засрамено од сопствените солзи, со сите сили ќе се бори да ги задржи солзите, при што во детскиот мозок ќе се создаде хаотична борба – солзите се само за бебиња, јас сум голем, но ми се плаче – но, не смеам, не можам никаде да се скријам – морам да престанам да плачам!
Инаку, солзите се најуочлив индикатор за чувства, а кога се во прашање децата, свесни сме колку им е потешко да ги совладаат. Дури и нам честопати не ни успева тоа, па затоа и не треба да го бараме тоа од децата. Единствено во случај кога детето вообичаено плаче за секоја ситница, без вистинска причина, би требало да почне да распознава кога солзите се неопходни и прифатливи, а кога не. Всушност, ова укажува токму на тоа – дете кое среде банална кавга почнува да плаче, би требало да ја сфати лекцијата дека е време да ги совладува таквите солзи. Тоа е време кога мора да почнат да сфаќаат дека нивните емоции повеќе не се само нивни, туку се дел од колективот – и тоа е големата работа на созревањето, таа интеграција на едно дете во општество кое нема премногу разбирање за индивидуалните потреби на поединецот.
Се разбира, доколку детето почувствува дека му е направена голема неправда, ако во некоја расправија некој го повреди физички или емоционално, солзите, вистинските искрени солзи, покажуваат дека тоа едноставно нема друг начин моментално да се „излекува“. Во таков случај солзите се прифатливи и никогаш не исмејувајте ги таквите солзи!

Плачење пред другите

Сите облици на плачење во основата имаат многубројни биолошки и психолошки поттици. Солзите се продолжена рака на емоциите со кои се среќаваме и ние и нашите деца. Тие се реакција на емоциите и затоа не скратувајте му на детето да ги искажува своите емоции, бидејќи со нивното замолкнување автоматски му праќате порака дека нема право да ги изрази.
Затоа понекогаш солзите се неизбежни, дури и кога се појавуваат во присуство на поголема група луѓе, како што е одделението или класот. Прашањето на плачење во оваа доба е супер чувствително и контрадикторно прашање бидејќи, од една страна, се препорачува – доколку се работи за беспоговорна потреба, а од друга страна, се прави обид да се сузбие доколку се работи за плачење без врска. Родителите треба да поработат со децата за да им помогнат да ја разберат поентата на вистинските и на солзите без врска – првите би требало да се прифатливи, а вторите не.

4 начини како да престанете да се борите со солзите

Ако им дозволиме на другите да плачат за подобро да ги изразат своите емоции, им правиме добро во тој момент, а и дозволуваме нивната емоција да го заврши својот природен циклус. А плачењето најчесто е најсилната реакција на емоцијата, па затоа е прифатлива и за поединецот и за групата во која се наоѓа, бидејќи придонесува за колективно сочувствување.

1. Дајте им можност да ја процесираат емоцијата докрај

Кога се работи за деца на школска возраст, треба да им дозволиме да ја покажат емоцијата низ солзи докрај, бидејќи така полесно ќе го прифатат проблемот и ќе го исплачат. И таа ситуација во одделението ќе предизвика сочувство, со оглед на тоа дека децата имаат слични аршини кога станува збор за стресни ситуации.

2. Дозволете им да ја прифатат тагата

Секоја емоција има свој процес. На крајот од тој синџир солзите, всушност, значат дека детето почнало во својата глава да ја процесира информацијата што го довела до солзи, па затоа не инсистирајте побрзо да престане да плаче бидејќи нема да го дозаврши процесот, што не е природно.

3. Бидете отворени и сочувствителни

Никогаш немојте на детето дополнително да му наметнувате чувство на тага така што ќе ги запрете неговите солзи, особено со навредувачки зборови. Детето е дете, човекот е човек, без оглед на полот и возраста!
Бидете поотворени и потрпеливи и проблемот, по солзите и вашата трпелива утеха, ќе биде значително помал. Така ќе го научите вашето дете да биде и посочувствително кон својата околина.

4. Опкружување каде што солзите се дозволени

Доколку учителот или учителката од првиот ден се постави праведно кон солзите, тогаш секоја следна ситуација со плачење и солзи не само што нема да предизвика негативни критики, туку сосема спротивно – ќе предизвика позитивна реакција кај другите деца во форма на сочувство, оставање детето докрај да ги процесира своите емоции за потоа сите колективно да можат отворено да поразговараат за проблемот што предизвикал солзи.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top