Воспитување

Какво е значењето на тропалката – првата играчка на бебињата, објаснува физиотерапевт

Денес, благодарение на многуте научни истражувања, се знае дека новороденчето во првите денови од животот е способно за суптилна комуникација со околината. Тоа не е како кај возрасните преку сетилата за вид и слух, бидејќи тие подоцна се развиваат, туку преку кожната чувствителност, па оттаму допирот е од извонредна важност. Со време се развива координацијата на очните јаболка, слухот се изострува, бебето почнува да дофаќа и да манипулира со предметите, а потоа и да гуга и да „одговара“ кога му се обраќаме.

Кога знаеме дека бебето има способност, но и потреба да си игра, улогата на возрасните е да му овозможат соодветна атмосфера и да му нудат играчки што ќе го мотивираат. Играчката е добра ако има три функции:

– да поттикнува зацврстување и проширување на способностите на актуелното ниво на развој;
– да овозможува задоволување на потребите на претходното, регресивно ниво;
– да поттикнува развој кон наредните нивоа.

Првата играчка на бебињата од дамнина, па до денешен ден е тропалката. Некогаш тоа подразбирало кугла која штрака кога ќе се протресе, а денес се тоа различни форми, со мелодии и имаат светлосни ефекти. Ваквите модерни тропалки го збунуваат бебето зашто му ги бомбардираат сите сетила истовремено. Првата тропалка треба да биде во облик на круг со пречник од 5 сантиметри, со дршка од 10 до 13 сантиметри, со црвена боја за бебето да може да ја фиксира и да ја следи. Може да биде и црвено-жолта или црно-бела бидејќи тоа се контрастни бои што може да ги уочи. Кога во првиот месец ја придвижуваме тропалката по хоризонтала пред лицето на бебето, тоа ќе ја следи до 45 степени на страна.

Во вториот и третиот месец од поголемо интересирање и живите движења ќе може да ја следи и до 90 степени. Звукот треба да биде јасен за да се издвои од другите звуци што доаѓаат од околина. Мелодиите не се погодни бидејќи не влијаат поттикнувачки, односно бебето нема да ја следи тропалката додека ја движиме од една на друга страна. Улогата на тропалката во првите месеци е поттикнувачка, предизвикува одредено однесување со тежиште на перцепцијата. Низ игра со бебето и следењето на видните и звучните стимуланси го стимулираме доживувањето на сопственото тело. Бебињата се раѓаат со цврсто стиснати дланки поради рефлекс кој ги витка прстите кога ја допираме дланката. Ако му ставите тропалка во раката, цврсто ќе ја стегне, нагло ќе ја доведе до устата и ќе ја испушти. Ова се рефлексни активности во рана возраст, па оттаму таква е и реакцијата, што никако не значи дека на бебето не му се допаѓа играчката.

Друга тропалка што бебето треба да ја има е посложена, во форма на макара, шарена, со живи бои. На крајот од четвртиот месец за разлика од рефлексниот кој дотогаш постоел, почнува да се развива волниот дофат со рака. Ако им понудиме на бебињата тропалка во облик на круг, тие ќе пружат рака по неа, ќе ја дофатат и ќе ја доведат до устата. Со тој чин бебето почнува свесно да ги фаќа предметите. Тогаш може да му се дадат сложени тропалки, бидејќи функцијата на фаќање во петтиот месец се проширува на допирање, кога треба да се понудат различни меки материјали кои ќе ги допира со рацете. Со сè поголемиот интерес, бебето ја набљудува и преместува тропалката од рака в рака, развивајќи координација околу раката. Задолжително нудете му ја тропалката од двете страни за да се развие дофатот еднакво и на десната и на левата рака. Играјќи, бебето стекнува искуство кое за него станува сознание, а резултат е развојот на бебето.

На шест месеци на бебето му нудиме коцка и гумени играчки, но и понатаму му даваме тропалка, која бебето ја користи до 10-11 месеци. Освен што има значајна улога во поттикнувањето на одредено однесување и перцепција, а подоцна во развојот ја фаќа и манипулира, тропалката помага и во емотивниот развој. Детето ќе посегне по неа кога ќе се почувствува несигурно, во ситуации кога треба да премине во следна развојна фаза или во периоди на регресија ќе игра со тропалки бидејќи тоа добро познато искуство му дава чувство на сигурност.

Автор: Снежана Милановиќ, физиотерапевт

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top