Кога малку ќе размислам, животот ми изгледа како бесконечна партија шах. Постојано правам некои потези, измерувам, одмерувам. Ако го направам ова, тогаш ќе се случи она, а јас морам да внимавам на она што ќе се случи ако не го направам тоа што сум требала да го направам.

Ако го поместам пионот напред, ќе го изеде ловецот.
Ако со топот тргнам кон ловецот, ќе го изеде кралицата.
Ако погрешам, го губам кралот.
Ако се успијам, ќе задоцниме и двете, ќерка ми на училиште, јас на работа.
Ако се успијам, детето ќе ми остане гладно. Ако не ги исперам и не ги испеглам алиштата, ќе немаме наутро што да облечеме.
Ако не ѝ покажам како се пишуваат римски броеви, нема да се снајде на часот по математика.
И така животот ми поминува во размислување и тактизирање. Животот ми е шаховска табла, а јас сум обичен пион.

Се обидувам да ги контролирам случувањата, се обидувам да размислувам и да постапувам паметно.

За шахот, баш како и за животот, треба да знаете тактики. Треба да се премолчи она што мора, треба да се смешкате. Треба да бидеме љубезни и кога сме огорчени, нервозни или бесни. Треба да лажеме, или во најмала рака – вистината да ја приспособуваме на соговорникот и на ситуацијата. Затоа станав вистински шаховски велемајстор. Се обидувам секогаш да изгледам добро, одморено, дотерано, расположено. Се обидувам да зборувам смирено, љубезно. Избегнувам бури, ги претчувствувам црните облаци и брзо бегам во засолниште.

Мојот живот стана партија шах.

Бидејќи луѓето, пред сè, сакаат форма. Ако ја почитувате формата, дури и да е без никаква содржина, тогаш сè е во ред. Ако се осмелите да прозборувате, да ги кажете работите такви какви што се, она што го мислите, ве гледаат како да сте будала и ве заобиколуваат. Навикнати сме да се преправаме, да се фолираме. Дека сè е во ред. Дека нема проблеми. Молчиме и се правиме луди. Но, има и ситуации кога одбивам да се преправам дека сè е во ред, а не е.

Пред некое ден ја испраќам ќерка ми на училиште, тргнувам назад кон автомобилот, па потоа на работа. По пат се судрувам со друга мајка чие дете е во истото одделение со ќерка ми. Разменуваме неколку збора, а таа ми вели: „Е многу сакам што вашите пораки се секогаш директни, а коментарите реални, секојпат слатко се насмевнувам“.

Моите пораки во вајбер-групата за одделението…

Зошто да лажам дека образованието ни оди како песна, кога веќе почнав во сон да составувам равенки? Утрово детето се разбуди, уште очите не ги отворила, а ми вели: „Мамо, римското пет се пишува V“. Така што да, реално и отворено, двете веќе полудевме од училиштето, само се шетаме низ станот и нешто се преслушуваме. Од мака, во недела навечер половина од нејзините училишни книги ги заборавив на маса (јас ѝ го подготвувам ранецот), па душичката во понеделникот на училиште отиде без најважните учебници.

Нема да лажам, нема да се фолирам таму каде што не морам. Пред две недели ќерка ми доби вошки. Велат дека вошки има постојано и секаде, но еве кај нас се случи првпат. Бламирање, но тоа е. Испратив порака во вибер-групата на одделението: „Ќерка ми доби вошки, ве молам прегледајте ги децата и преземете мерки за проблемот да не се прошири и повтори“. Добив два одговори во вид на стикери. Дали и другите родители исто така чистеле вошки? Не знам. Не сакаат луѓето да кажат. Непријатно им е, или мислат, ако не реагираат, тоа со нив нема врска. Навистина е непријатно, но не сакав да премолчам. Секому може да му се случи, а најлошо е ако се прошират. Но, бидејќи никој друг не се огласи, излезе дека моето дете било единственото со вошки во класот… важи.

Ете, се враќам јас на мојата шаховска табла, односно подготовка на стратегии за учење за следниот викенд. Ако вежбаме математика, дали ќе остане доволно време за да го утврдиме годишното време? Ако некако се избориме со првата лектира (народни умотворби – не можам да верувам дека такво архаично дело е на списокот со лектири за второ одделение), можеби ќе стигнеме да изработиме и некој диктат.

Ако ќерка ми ја испратам кај татко ѝ за викенд, можеби конечно ќе излезам на вечера со некоја пријателка, можеби конечно ќе се наспијам…

Нема да се случи тоа. Шахот е мојот живот. Белиот му дава мат на црниот во четири потези…

Извор: „Дневникот на супермајката“



912

X