Пренесуваме став на популарна српска блогерка, самохрана мајка, кога пишува „Дневник на една супермајка“

Стареењето е тешко. Не одговара. Мене не ми одговара.

Во главата сум во ред, навистина, жалам што пред 20 години не го имав овој ум, којзнае како би живеела сега. Но.

Се променив. Потклекнувам секојпат кога ќе наидам на некоја своја слика од младоста. Бев свежа. Немав брчки, а контурите на лицето ми беа цврсти. Имав мнооогу килограми помалку. Сега денот ми почнува со хидратантен крем, а ноќта со отстранување шминка и крем против брчки. Ете, стареам и нема да се однесувам како тоа да ми одговара.

Често наидувам на текстови со кои жените се убедуваат дека не треба да се грижат за своите години. Не требало да ни бидат важни. Треба да се прифатиме и да се сакаме себеси, не е важно како изгледаме или како се чувствуваме. Уживаме во брчките и вишокот килограми, се гордееме со нив, три пати ура за животот! Секојпат  се нервирам. Не ми се допаѓа тој начин на размислување и не го прифаќам. Не се работи за суета. Не се работи за неприфаќање на себеси или реалноста. Работата е во тоа што научив и се навикнав во животот дека за сè морам да се борам. Така е – животот не е бајка, не е розова приказна со среќен крај. Живот – тоа е работа, сериозна работа.
Во својот живот досега сум поминала низ сито и решето. И љубовта и предавството. И раѓањето и смртта. И убавото и грдото. Од сите тие ситуации – а посебно од тешките, нешто научив:

– Никој не сака да слуша за туѓите проблеми. Никој не сака да се занимава со туѓите (вашите) проблеми. Никој нема да ви рече „браво“ што изгледате лошо, но се гордеете со тоа. Во 21 век, век на дигиталното, социјалните мрежи и виртуелното, формата е важна.

И тоа е така, се согласиле ние или не. Можеме да ја презираме формата, можеме да се гордееме со брчките или килограмите. Можеме да го занемариме фарбањето на косата, да одбиваме да се шминкаме. Можеме така да излеземе на улица и да зборуваме дека не ни е гајле. Но, тоа не е паметно. А особено тоа не би им го препорачала на мајките што сами ги одгледуваат децата.

Јас сум самостојна и независна. Сакам и се обидувам да изгледам добро, пред сè, бидејќи така се чувствувам подобро. Брчките се тука, белите влакна, исто така, но не ми паѓа на ум да ги покажувам или истакнувам.

Самохраните мајки мора да вложуваат дополнителен труд во сè што прават. Не можеме да се успиеме и да задоцниме на работа – бидејќи пред тоа мораме да ги однесеме децата на училиште. Не можеме да се разболиме, бидејќи кој ќе нè гледа и кој ќе ги гледа нашите деца? Не можеме да имаме лош ден бидејќи сите наши денови мора да бидат добри – заради нашите деца. На сè мораме да мислиме, бидејќи кој друг ќе го прави тоа? На набавките, на задачите, на обврските, на роденденските подароци.

Ние не можеме да си го дозволиме луксузот да седнеме на фотелја, да замолиме за кафе (кого?) и да се одмориме додека некој друг ја врши работата низ домот наместо нас. Ние сме програмирани да туркаме и да запнуваме и така во недоглед. Покрај сето тоа, треба да изгледаме добро бидејќи не ни се простува ништо, па ни формата. Животот е работа. Луѓето се сурови. Никого реално не му е многу грижа за другите. Тоа е така и колку побрзо тоа го сфатиме, полесно ќе ни биде да ги совладаме препреките и себеси и на своите деца да си обезбедиме пристоен живот.

Не сум цинична. Само сум реална и, за жал, искусна. Затоа, следниот пат кога ќе ве мрзи да одите на фризер – немојте да ве мрзи. Следниот пат кога ќе бидете во искушение од дома да излезете во природно издание, бидејќи природното е најдобро – добро размислете. Следниот пат кога ќе посакате навечер добро да се најадете – немојте.



912

X