Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог, психотерапевт

Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог, психотерапевт

е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психотерапија и Советување Тест

Повеќе од авторот

Без разлика дали сте родител, дете, брат или сестра, искуството што ќе го доживеете во семејниот животен циклус ќе влијае врз тоа кои сте и какви ќе бидете во животот

Семејството во кое сме родени, растеме и се развиваме е првата група на која ѝ припаѓаме во животот. Во него ги стекнуваме првите искуства, учења, усвојуваме уверувања, ставови, навики. Создаваме први емотивни и социјални врски, формираме облици на однесување, мислење и комуникација. Го обликуваме својот однос и односот кон другите. Самото семејство, пак, е под влијание на поширок културен и општествен контекст. Детето што е родено во семејството не е пасивно, туку е под директно влијание на она што го опкружува.
Детето манифестира специфично однесување, потреби, темперамент, а подоцна ја манифестира и својата личност активно вклучувајќи се во обликување на специфичното опкружување на семејството.

Како што секој човек има развојни фази, така и семејството преоѓа од една во друга. Секоја фаза ја тестира функционалноста на семејството

Промени и приспособувања

Семејството е динамична целина во која сите членови меѓусебно комуницираат и како што на семејството му влијае надворешната средина, така и семејството влијае врз средината во која се наоѓа. Динамичен систем на меѓусебна интеракција, на меѓучовечки односи, на меѓузависност… Грешката или проблемот што ќе се појави во еден дел во семејниот систем ќе се одрази врз функционирањето на семејството во целина. Иако многумина мислат дека семејството некако има некој свој тек на развој, сепак, најголемите кризи и најголемите стресни ситуации се случуваат во точките кога се преоѓа од една фаза во друга. Тогаш промените се најинтензивни, па поради тоа е потребно ново балансирање и приспособување.

Симптомот што ќе се појави во едно семејство е всушност сигнал дека семејството има проблем во совладувањето на задачите кои се карактеристични за одреден циклус на животот во кој преоѓа.
Животниот циклус на брачните другари или поединецот се во постојана размена и преклопување со животниот циклус на потесното и пошироко семејство.

Како што секој човек има развојни фази, така и семејството преоѓа од една во друга развојна фаза. Секоја развојна фаза има свои задачи и предизвици кои семејството треба да ги реши за да прејде во другата фаза од животниот циклус.
Секоја фаза ја тестира функционалноста на семејството. Тогаш се појавува барање од членовите за промена и приспособување на новите предизвици, новата структура, се појавуваат нови облици на однесување, се добиваат нови приоритети за добивање стабилност во семејството.

Несвесни за циклусите, потешко се соочуваат со проблемите

Бидејќи многу луѓе не се свесни за овие животни развојни циклуси на семејствата, потешко се соочуваат со проблемите и промените што се јавуваат. Кога семејството знае во кој животен циклус се наоѓа, тогаш членовите имаат можност свесно да се фатат во борба со проблемите, полесно да ги пребродат кризите и да живеат поквалитетно и поубаво.
Без разлика дали сте родител, дете, брат или сестра, искуството што ќе го доживеете во семејниот животен циклус ќе влијае врз она кои сте и какви ќе бидете во животот. Колку повеќе ќе ги разбереме предизвиците што доаѓаат во секоја нова фаза од циклусот, толку ќе биде поголема и веројатноста добро да живееме.

Фазите низ кои поминува семејството се:

1. Независна млада личност
2. Основање партнерски однос (брак)
4. Семејство со мало дете
5. Семејство со предучилишно дете
6. Семејство со училишно дете
7. Семејство со адолесцент
8. Заминување на децата од семејството
9. Постродителско семејство (празно гнездо)

Да се биде млад и независен е навистина важно. Тоа е можност од родителскиот дом младата личност да живее самостојно и независно, можност за уште поголем развој. Исто така е и многу ранлив период, полн со страв и збунетост каде што мораме полека емоционално да се одделуваме од примарното семејство. Тогаш постои простор да се откријат вистинските потреби, интереси, желби, личноста да биде посигурна и свесно и полесно понатаму да ги исполнува првите барања и потреби што ќе се појавуваат во фазите во семејството. Многу млади луѓе имаат тешкотии при одделувањето од примарното семејство и не се во состојба да продолжат сами. Како и зошто, за тоа ќе зборуваме во некоја друга пригода.

Основање партнерски однос, брак. Ова е период од почетокот на заедничкиот живот на партнерите до раѓањето на првото дете. Во оваа фаза партнерите учат да живеат заедно, да го организираат својот заеднички живот, се учат да ги делат обврските, да ги почитуваат потребите на индивидуалност и заедништво, да бидат поодговорни и да изградат свој сопствен стил на живеење. Квалитетот во бракот ќе го одредуваат флексибилноста на партнерите, јасната комуникација, чувството за потребите на другиот партнер, поттикнување на партнерот на развој. Доколку тие не се приспособат и усогласат уште во оваа почетна фаза, можат да постојат кризи кои понатаму ќе доведат до развод или раѓање дете, што привидно ќе се појави како лажно решение и ќе ги пренесе сите незадоволства и проблеми во наредната фаза.

Семејство со мало дете. Ова е фаза која е со најголеми барања, таа обично трае од бременоста до 5-тата година на детето. Тогаш се добиваат нови улоги, улога на родители, а секако се појавуваат и поголеми очекувања во исполнувањето на сето она што го носи родителството. Од друга страна, предизвик е одржувањето на партнерскиот однос без мешање со родителската улога. Од овој период ќе зависи каква ќе биде динамиката и длабочината на односот. Овој период исто така е многу интензивен и физички и емотивно бидејќи бара дополнителен напор за разбирање помеѓу партнерите и прифаќање на тежините што новата животна фаза им ги става како предизвик. Од големо значење е распределбата на задачите, како и усогласување на професионалните потреби, потребите за одмор и рекреација на секој поединечно. Во оваа фаза може да дојде до губење на близината помеѓу партнерите, кога мажот се врти повеќе кон работата, родителите, пријателите, забавните случувања, а жената е свртена повеќе кон детето и тоа оддалечување или не го забележува или го доживува како отфрлање. Во оваа фаза мажот чувствува дека понекогаш партнерката повеќе време му посветува на детето, односно дека поголем дел од љубовта му е одземена и му е дадена на детето. Оваа напнатост во односите може да се пренесе на детето, па тоа почесто ќе биде раздразливо и болешливо.

Семејство со предучилишно дете. Во овој период децата треба да имаат добри модели на идентификација од своите родители, преземајќи на себе голема одговорност во тој дел од развојот на детето. Партнерите ја зацврстуваат својата улога како родители и одговараат на потребите на детето и неговата социјализација во средината. Се почитуваат меѓусебните релации и односи.

Семејство со училишно дете. Оваа фаза почнува кога детето поаѓа на училиште и трае сè до пубертетот на детето. И оваа фаза се појавува како кризна точка. Родителите, како и детето, се соочени со повратни информации што ги добиваат од училишниот систем, соочени со вреднување на детето, со преиспитување на воспитните мерки кои влијаат врз градењето на личноста на детето. Во овој период се очекува приспособување на надворешната средина и способност за адаптација, како на детето така и на родителите. Проблемите што ќе се појават кај децата, на пр., проблеми во учењето, стекнување работни навики, можат да се појават како маска поради неразрешените односи и конфликтите помеѓу партнерите, кои се таложат од претходните животни фази.

Семејство со адолесцент. Ова е фазата кога детето влегува во пубертет и трае до неговото заминување од семејството. Адолесцентите носат новини во семејството, тие се стремат кон независност и самостојност, на поместување на границите, а периодично повторно враќање барајќи сигурност и поддршка. Тие развојно се растргнати помеѓу потребата да пораснат и детските потреби за родителска грижа и заштита. Во овој период постои голем емотивен набој, се појавува побуна против родителите со цел што повеќе да го развие својот идентитет. Се појавуваат нови пријатели, нова музика, се појавуваат нови ставови. Ако не постои хармонија помеѓу надворешниот и семејниот систем, можат да се појават развојни симптоми како кај децата така и кај родителите. Многу родители во оваа фаза се во криза на средните години, време во кое може да дојде до преуредување на односите во бракот или развод.

Заминување на децата од семејството. Тоа е нормален процес, кога едно дете заминува, а другото или останатите деца се спремаат за заминување. Начинот на кој младиот човек ќе го напушти семејството ќе одредува во која мера и како ќе оди и неговиот живот во иднина (способноста за брак, за дружење, професионална работа…). Во оваа фаза сите членови од семејството се соочуваат со одделување, па така кај некои од членовите може да се јават стрес и тешки емотивни чувства. Начинот на кој децата ќе го напуштат своето семејство е многу важен за нивното осамостојување и способноста за независен живот. Во некои семејства оваа фаза се доживува како период на уживање, во кој родителите можат да си се посветат на себе, на своите хобија, а кај некои период што е полн со празнина и доживување губиток, кој може да доведе до депресија и дезинтеграција.

Постродителско семејство или синдром на празно гнездо. Ова е фаза кога сите деца го напуштиле семејството и каде што партнерите повторно се свртени еден кон друг како на почетокот од нивниот партнерски живот. Во оваа фаза тие се соочуваат со реорганизација на заедничкиот живот, а многумина ја преиспитуваат својата блискост. Ако задачите и барањата од претходните фази се исполнети и позитивни, решени, оваа фаза дава нови можности на задоволства. Ако не се, можат да доведат до разделување, конфликти, дистанцирање. Многумина уживаат во улогата на баба и дедо, но ситуацијата може да биде тешка ако во овој период се изгуби партнерот и ако партнерите сè уште не се реализирале како баба и дедо.

Секое семејство е незаменливо и единствено. Не постојат две исти семејства, секое на свој начин е специфично и неповторливо



912

X