Бројот на деца во Велика Британија што се третирани од професионалци поради екоанксиозност е во пораст, а тоа е чувство на страв поради климатските промени и можните природни катастрофи, пренесува „Дејли телеграф“.

Протести од групи како „Бунт против истребување“, неодамнешните пожари во Амазонија и апокалиптичните предупредувања од тинејџерската активистка Грета Тунберг предизвикаа „цунами“ од млади лица што бараат помош. Психолози што работат на Универзитетот „Бат“ велат дека добиваат голем број барања од наставници, лекари и терапевти кои не успеваат да се справат со проблемите на децата.

Алијансата за климатска психологија информира дека на некои деца што се жалеле на екоанксиозност им биле дадени психијатриски лекови. Се покренуваат и кампањи за стравот за иднината на планетата да се препознава како психолошки феномен. Сепак, експертите не сакаат да биде класифицирано како ментална болест бидејќи, наспроти стандардната анксиозност, причината за грижата е „рационална“.

– Многу родители доаѓаат на терапија барајќи помош за своите деца, а таа бројка ескалира летово – изјави Каролин Хикман, наставник во „Бат“ и директор во Алијансата за климатска психологија.

„Симптомите е исти како и кај клиничката анксиозност, чувствата се исти, но причината е различна“.

„Страв од еколошка пропаст – дека сите ќе умреме“.

Шведската активистка Грета Тунберг стана позната годинава кога почна да ги поддржува протестите организирани од „Бунт против истребување“, кои предизвикаа застој во делови на централен Лондон. Тунберг вели дека ЕУ мора да ги намали своите емисии на штетни гасови до 80 проценти до 2030 година за да се избегне егзистенцијална криза, а „Бунт против истребување“ бара Велика Британија да постигне „нула“ емисии на штетни гасови до 2015 година.

Г-7 самитот, исто така, беше место каде што се спротивставија ставовите на Франција и Бразил поради пожарите во Амазонија откако претседателот Макрон рече дека белите дробови на Земјата горат. Каролин Хикман, пак, вели дека родителите треба да зборуваат со своите деца за глобалното затоплување, но не треба да велат дека човештвото е пред пропаст.

– Родителите треба да најдат зборови со кои соодветно ќе им објаснат на децата, а тоа да не биде застрашувачко. Треба да се издвојат фактите од она што е непознато: да им се каже на децата дека некои видови ќе бидат истребени, а на некои луѓе ќе им биде нанесена штета, но не велете им дека сите ќе умреме бидејќи тоа не е вистина. Она што не го сакаме е децата да западнат во депресија, па да велат: Која е поентата да одам на универзитет или Која е поентата да ги завршам тестовите?, а тоа често го слушам од децата – вели Хикман.

 

Алијансата за климатска психологија препорачува пристап од четири фази, за одговорно да им се објаснат климатските промени на децата без да бидат заплашени. Првично, родителите треба постепено да ги запознаат со познатите факти, потоа да ги прашаат како се чувствуваат по тоа прашање, пред да констатираат дека крајниот резултат е неизвесен. Конечно, родителите треба да преземат практични чекори за да направат разлика, на пример, да престанат со користење на производи што не може да се рециклираат и да одбираат поздрава храна.

Екоанксиозноста постепено добива признание и од академската заедница. Во 2017 година студија од Американската психолошка асоцијација објави извештај за признавање на влијанието и повика на спроведување истражувања во врска со последиците врз менталното здравје. Во еден од последните акти како премиер на Велика Британија, Тереса Меј постави цел да се доведат емисиите на штетни гасови на „нула“ до  јуни 2050 година.

Автор: Хенри Бодкин



912

X