Воспитување

Заборавете ја фразата: „Сѐ е до организацијата“

Мојата најдобра пријателка е самохрана мајка. Нејзините денови изгледаат приближно вака: станува, го дои бебето додека постарото дете гледа цртани, подготвува појадок, ги храни, облекува, пакува ручек, се подготвува себеси за работа додека децата гледаат уште еден цртан, ги води во дневен престој и градинка, фаќа превоз за до работа, работи најмалку 8 часа, се враќа со превозот во дневен престој и градинка да ги земе децата, одат да купат намирници, подготвува вечера, ги бања децата, го успива бебето додека постарото гледа уште еден цртан, го става постарото в кревет и му чита приказна обидувајќи се да остане будна за да го отстрани целиот хаос што останал. Потоа ја чисти кујната, подготвува облека за утредента, се тушира и буквално се онесвестува од замор. А утредента, сѐ одново.

И покрај сѐ, ретко ќе ја чуете како се жали. Сепак, еднаш, додека со уште неколку мајки и деца бевме на викенд-дружење во парк, искоментира дека би сакала децата помалку да гледаат телевизија, но дека нема друг начин да ги забавува додека се тушира или го чисти нередот. Другата мајка ја праша: „А зошто не се обидеш да им дадеш само боици или пластелин? И тоа ќе ги забавува некое време.“ Мојата пријателка воздивна и малку поразено одговори дека веројатно би можела, но дека ТВ е единствениот безбеден начин да ги забавува 20 минути, додека за боиците го губат интересот по само 2 минути. А потоа треба тоа да се средува.

Потоа започна разговор за храна, па другата мајка, која многу работи и чии деца често јадат купена готова храна, рекла дека би сакала кога би можела некогаш да им подготви нешто домашно, но од замор не може да стане откако децата ќе ги испрати на спиење. А потоа во групата се најде и една мајка која ја посоветува: „А зошто не би им подготвувала храна само за викендот, па тоа да го подгреваш во текот на неделата?“ „Тоа е невозможно“, одговори оваа мајка и објасни дека викендите се полни со веќе заостанати домашни обврски, чистење на станот, перење и пеглање облека и други обврски.

Овие одговори не беа ништо повеќе од искрена желба да се помогне. Секоја од овие мајки што дава совети мислела дека на другата мајка можеби ќе ѝ даде некоја идеја која порано не ѝ паднала на ум. Но, сепак, овие одговори на мајките што се пожалија им оставија горчлив вкус во устата. Да се само малку поефикасни, нивните деца би јаделе здрава храна наместо купена и би правеле некои креативни работи наместо да гледаат ТВ. Но, проблемот е во тоа што не постои никаква шанса да станете толку ефикасни за да можете да постигнете апсолутно сѐ што се очекува од една мајка. И јас сакам брзи решенија и секогаш сум во потрага по совети како нешто да направам ефикасно за да имам минутка повеќе да поминам со децата. Но, не е секој проблем решлив бидејќи ниту енергија ниту време немаме бесконечно многу.

Ох, го добив јас и своето „А зошто не се обидеш со…“ кога мојот син имаше само 1,5 месец, а пријателката од факултет ме повика да се видиме во град; јас живеев на периферија, некои 40 минути возење дотаму. Морав да ја одбијам бидејќи едноставно не бев подготвена да се соочам со логистиката на пакување и водење две деца до центар. „А зошто не можеш само едно дете да ставиш во количка, а другото да го фатиш за рака?“, ме праша пријателката. Да, веројатно можев. Но, ниту можев ниту сакав да се соочам со сето она што оди покрај тоа, а што луѓето кои немаат деца едноставно не го разбираат.

Пакување ранец за тригодишно дете, торба за бебе, ужина, доење, заспивање… Не можам „само“ ништо. Бидејќи сум премногу изморена, бидејќи чувањето две деца е премногу напорно и бидејќи не е само „организација“. Тие две фрази „Зошто само не се обидеш…“ и „Сѐ е до организацијата“ не служат за ништо. Освен што прават и веќе доволната вина која родителите ја чувствуваат да се зголеми и да бидат уште поразочарани и да се чувствуваат неспособни. Некои од нас понекогаш не можат сѐ да постигнат – да биде чисто и уредно, да има зготвен ручек секој ден, да одат на работа, на тренинг, да играат со децата и да му посветат време и на својот партнер. Некои од нас имаат денови кога не можат ниту половина од тие работи да ги постигнат и сѐ што сакаат е во 21 часот да бидат во кревет.

Затоа, предлагам овие две фрази да ги отфрлиме од речникот. Да ги забраниме. Не е работа на роднините и пријателите да ги решаваат вашите проблеми. Се разбира, сите знаат дека децата наместо да гледаат ТВ, треба да бојат и да цртаат. Не, нашата работа е на пријателот кој се бори и се труди да го одгледува своето семејство да му кажеме: „Ма што се грижиш? Колку цртани ние сме одгледале, па не сме испаднале толку лоши.“ Големо е искушението да се обидете на некој што ви се пожалил да му понудите некое свое решение.

Но, ако веќе гледате дека некој се дави во обидите да биде добар родител, можеби е подобро решение едноставно да му укажете на тоа колку се труди и дека сѐ ќе биде во ред. И да заборавите засекогаш на фразата „Сѐ е до организацијата“. Бидејќи, не е. Не секогаш и не за секого.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top