Пукнав. Викнав за да ме остави на мир, да престане да ме влече за ногата. „Пушти ме само да завршам со садовите!“ Ја фрлив чинијата во мијалникот и направив пукнатина отстрана за која знам дека ќе се зголеми, како и оваа пукнатина во моето мајчинско срце, секогаш ќе ме потсетува на овој момент.

Се свртив и се скршив. Моето срце се скрши кога го видов мојот син како панично бара некој кај кого ќе побегне, некој да го спаси, од мене. Но, не најде други раце. Потрча кон мене додека му течеа солзите по неговите румени бебешки образи. Моето срце повторно се скрши кога го кренав в раце, а тој ме стисна со многу повеќе сила отколку што може да се очекува од дете што нема ниту две години. Ме стегна со олеснување, со страв, збунето. Со рацете ме стегаше за вратот.

Но, тоа не ме задуши. Се чувствувам благодарно. Благодарна сум бидејќи оваа љубов е безусловна. Благодарна сум што постои и продолжува не само да ме искушува, туку и да ме спасува.

Поради него сум подобра личност, а кога не сум, тој ми простува. И така само се топевме заедно. Нашите тела се опуштаа едно во друго, знаејќи дека сме безбедни. Дека сме дома.

Неговата рака го допре мојот образ додека му шепнував колку ми е жал што се налутив, колку го сакам и колку е прекрасен.

Тој ги затвори очите и двајцата воздивнавме. И еве го сега, се гали со мене и мирно спие, како она од пред 20 минути никогаш да не се случило. Мојот син е сè што јас би сакала да бидам.

Нежен.

Грижлив.

Лесно простува.

Силен.

Емотивен.

Емпатичен.

Флексибилен.

Јас не сум совршена мајка. Постојано грешам, секогаш го правам тоа. Но, со сигурност знам дека сум родена да бидам негова мајка. Јас сум родена за да го родам него. Јас постојам за тој да може да постои. Ме теши сознанието дека иако не сум совршена, јас сум негова. Јас сум негова мајка и баш поради тоа сум најдобрата мајка за него.

Јас го можев ова, дури и кога изгледа дека не можам.

Ако некогаш изгубиш контрола, не значи дека си лоша мајка. Тоа што си фрустрирана и не сакаш никој да те допре, не значи дека си лоша мајка. Тоа што сакаш малку време само за себе, не значи дека си лоша мајка. Со самото тоа што се грижиш дека можеби си лоша мајка, значи дека си добра мајка.

Мајки – ние сме избрани да бидеме мајки токму на нашите бебиња. Рачно се изработени за нас. И ние за нив.

Го можеме ние тоа, дури и кога чувствуваме дека не можеме.

Автор: Каел Ејбл

Извор



912

X