Те гледам. Те гледам како тивко работиш во таа слабо осветлена канцеларија откако ги смести твоите малечки в кревет. Те гледам како потонуваш на каучот, опкружена со хартии, лаптопот ставен во скутот, моливите отскокнуваат од нередот. Ги гледам сите тие текстови и листови расфрлени по кујнската маса, борејќи се за простор меѓу шолјите и боиците.
Мајко, те гледам – како остануваш будна до доцна и се будиш рано за да го предадеш извештајот. Те гледам како ги прегледуваш картичките, како потсетници на натпреварот од ќерка си, за да се подготвиш за испит или како брзате за да го фатите училишниот автобус навреме. Гледам како го правиш кафето од дома наместо да земеш едно по пат, за да заштедиш пари и те гледам како грациозно одбиваш да одиш на роденденска забава за да имаш време да читаш дома.
Ги гледам тешките разговори со твојот сопруг за времето, парите и грижата за децата. Ги гледам е-пораките помеѓу тебе и професорот прашувајќи го за продолжување на твоите задачи бидејќи имаш болно дете цел викенд. Гледам како седиш во предавалната кога можеш да бидеш дома на вечера со своето семејство или кога си залепена за екранот а со задоволство би седела дома и би го гледала „Снежното кралство 2“ (по 87. пат).
Мајко – тука сум за тебе. Се приближувам кон крајот на мојот пат до докторатот – осумгодишен пат. Ја започнав мојата програма пред да станам мајка и оттогаш имам две прекрасни девојчиња, а трето е на пат – мојата перспектива е толку многу променета. Откако станав мајка, чувствувам огромна вина за времето што го вложив во мојата програма – тоа значеше време оддалечено од моите бебиња. Како резултат на тоа, се откажав од други работи што сакав да ги надоместам за изгубеното време. Петок вечер – вечера со пријателите? Одбивав, знаејќи дека поради останувањето до доцна, не ќе можам да се фокусирам на учењето следното утро.
Откажувајќи се од тие работи, имаше моменти во програмата кога имав чувство дека целосно се изгубив себеси. Во последните 8 години плачев и се смеев. Имав одолжувања од комплетирањето на неверојатните задачи и поминаа месеци без да напишам нешто. Ја изгубив страста и повторно ја пронајдов. Па, кога конечно го гледам крајот и почнувам да се потсетувам на тоа како ова искуство ме промени мене, а и моето семејство, сакам да знаеш дека не си сама.
Мајко, ги гледам твоите солзи откако го оставаш детето кое те моли да останеш. Го гледам твоето кратко трпение кога малите прстиња тропкаат по компјутерот откако си ја свртила главата една секунда. Гледам како се прашуваш дали можеш да го завршиш образованието и дали е вредно за твоите жртви. Но, исто така, гледам дека зад солзите и фрустрациите има решителност. Гледам страст. Гледам искра што го разгорува огнот.
Па вака – без разлика дали децата се помали или поголеми, знај го ова – тие те гледаат. Се разбира, може да имаат моменти на тага и фрустрација. Но, и покрај сè, учат лекции за тешка работа и менаџирање на времето, како и да бидат трпеливи. Децата те гледаат како ја следиш својата страст – не би го правела ова ако не си насочена кон она што го сакаш. Те гледаат како поставуваш цел и имаш приоритети за да ја постигнеш. Те гледаат како се бориш, и тоа е во ред. Бидејќи и тие ќе се борат во животот. Твоите деца треба да те видат како се бориш и ги надминуваш пречките. Да те гледаат како пример. Па продолжи, мајко. Знам дека е премногу тешко. Знам дека на моменти се чувствуваш себично, вознемирено, пред откажување. Верувај ми, знам дека има моменти кога си исцрпена како никогаш дотогаш. Па кога го чувствуваш сето ова, запомни дека е само период – на кој ќе му дојде крајот. Ти го можеш ова. Ќе завршиш. Ќе го завршиш докторскиот труд. Ќе се појавиш да го одбраниш. А твоите деца? Тие ќе гледаат.
Автор: Даниел Ричи