Веднаш да кажам, ова не е еден од оние текстови што треба да ја натераат мајката на „само“ едно дете да се чувствува себична ако не роди друго. Не е една од оние приказни за тоа како не знаете колку е тешко да се биде мајка кога немате две деца. Сето тоа се предрасуди.

Ова е мојата приказна. Приказна за мајка која по едно дете била совршено среќна, а сепак решила да роди друго. Откако го родив првото дете, не знаев многу да уживам во родителството. Денот ми се сведе на постојано фаќање ритам и парчиња украден сон, а деновите беа исти. Јас бев една од оние што се грижат за секоја ситница, го мерев бебето пред и по доењето за да видам колку јаде, ѕиркав во пелената. За мене, родителството беше задача во која не можев доволно да уживам. Првиот пат. И немав некоја посебна желба да имам уште едно дете. Но, знаев што сакам. Сакав мојата ќерка да го има она што јас го имам – некој кој секогаш ќе биде тука за неа, без разлика на сѐ. Така таа го доби својот брат, а јас добив можност да се поправам – родителство во кое навистина ќе можам да уживам.

Знам, ќе речете, тоа што се имаат не е гаранција дека ќе се сакаат до крајот на животот. Има толку многу браќа и сестри што не се поднесуваат. Вистина е. Но знам уште многу, многу кои си се поддршка, безрезервна љубов еден на друг. Тоа се оние чии родители внимателно ги граделе нивните односи, не создавајќи ривалство меѓу нив. Тоа се оние во чии семејства не може да се слушне „угледај се на брат ти“ и „зошто не си малку повеќе како сестра ти“. Односите меѓу браќата и сестрите ги градат прво родителите, а дури потоа тие самите, низ животот.

Кога се карам со мајка ми или се грижам за нејзиното здравје, затоа што не слуша и не сака да оди на лекар, знаете ли кого викам да ме слуша и да ме поддржи во борбата со нејзиниот инает? Мојот брат. Кога ќе дојде викенд и слободни денови, знаете што прашуваат моите деца? – Дали ќе одиме да спиеме кај вујче? Кога ќе се скара со татко ми затоа што се создава конфликт на генерации, кому ќе се јави брат ми затоа што најдобро може да го разбере и да ги смири тензиите? Сестра му.

А навечер, кога моите деца си легнуваат, секој во својот кревет, ја слушам ќерка ми како му чита приказни на братчето. Бидејќи тој е уште мал, не знае да чита. Кога ќе се изгаснат светлата, тие заспиваат и јас одам да ги покријам, па гледам еден кревет празен и се плашам за момент. Мојот поглед брзо се врти кон другиот и ги гледам двајцата прегрнати. Кога ќе му се налутам на едниот и ќе одлучам дека нема да добие бонбони по ручекот, ни другиот не сака бонбони. Кога ќерка ми оди на зимување со другарките, едвај можам да ги сопрам солзите на син ми со некакви ветувања или награди. Затоа што сестра му не е тука. Па дури и да одиме по некоја играчка, тоа не може да биде само за него. Тој повеќе би сакал да излезе со празни раце отколку да купува за себе. А Ања? Тој ме прашува. Па, таа не е тука. Нема врска, ќе ѝ го дадеме кога ќе се врати.

Кога некој ќе му ја украде играчката во паркот, не мора да бидам мајката мечка што го штити младенчето. Тука е неговата сестра, од која треба да бранам дете кое се осмелило да земе нешто од нејзиниот брат. Браќата и сестрите се сакаат, инстинктивно. Ако ја негувате љубовта меѓу нив, таа само ќе расте и ќе стане посилна. Не треба да се грижите за фактот дека можеби познавате брат и сестра кои некаде не се сакаат. Или вие самите имате такви браќа или сестри. Можете да постапите поинаку. И, ако се сомневате, знаете, не е ниту патетично ниту флоскула: Најубавиот подарок што можете да му го дадете на детето е брат или сестра. Ниту патувањата, ниту скапите подароци, ниту играњето со родителите не е замена за тоа.

Да, детето може да порасне совршено здраво и среќно дури и ако е единец. Затоа овој текст не е наменет за оние што се сигурни дека едно дете е сѐ што некогаш сакале.

Наменет е за оние што секогаш се двоумат што да прават. Мојот одговор е: никогаш нема да зажалите ако им дадете на вашите деца некој кој, се разбира, секогаш ќе биде тука за нив. Цел живот.

Извор



912

X