Воспитување

За оние што веруваат во позитивно и мирно родителство, но тешко го спроведуваат

Пораснав со традиционални методи на дисциплина: викање, закани, награди, физичко казнување помешано со настапи на попустливост. Пред да ги добијам моите деца, се заколнав дека сè ќе правам спротивно. Не сакав да бидам таква мајка. Бев спремна да станам родител. Работев како воспитувачка неколку години и напишав есеј на тема социо-емоционално учење и домот го наместив според Монтесори-методи пред да го родам првото дете.

Но, за жал, сè уште тешко ги совладував нападите на бес, ривалитет меѓу браќата и сестрите, недостигот на послушност и борба за превласт на тивок и мирен начин. Колку и да се обидував, не успевав на долгорочен план да бидам позитивен и смирен родител. Денот ќе го започнев смирена и спокојна, но во еден момент нешто ќе се случеше и ќе ги изгубев нервите, ќе попуштев или би се оддалечев. Потоа ќе ме обземеа мисли дека сум потфрлила како родител. Откако почнав да читам многу контрадикторни и збунувачки информации за родителството, сфатив кои промени во начинот на животот и воспитувањето на деца најмногу ми одговараат. Ја научив техниката на позитивна дисциплина, го намалив нередот во домот, го забавив дневното темпо, печев леб со децата, им раскажував повеќе приказни, поминував повеќе време во природа, избегнував телевизија и шеќер како да се чума и вежбав јога.

Децата единствено можат да бидат подобри кога се чувствуваат подобро

Забележав дека сето тоа ми помага во соочување со предизвиците и стресот на модерното време. Меѓутоа, тоа не влијаело многу на моето оддалечување, нервирање, попуштање или едноставно откажување кога не се чувствував добро. Сфатив дека се борам да бидам смирен родител бидејќи бев заглавена во опасен круг од кој не знаев како да се извлечам. Од сопствено искуство увидов дека отуѓеноста е главната причина што децата лошо се однесуваат бидејќи бараат внимание, агресивни се и не слушаат. А токму борбата со тоа секојдневно лошо однесување придонела да се чувствувам изморена и напнато. И нималку смирена.

Очајно сакав да го прекинам тој маѓепсан круг, но ниту еден совет, начин, модел (дури ниту јога) не ми помогна навистина додека не го унапредив мојот начин на размислување како родител. Всушност, морав целосно да пресечам и да го променам наследениот образец на однесување. Научив како да ги надминувам емотивните кризи, да бидам подобра мајка, да се ослободам од емотивниот товар, родителските стравови и негативни мисли за конечно да бидам смирен родител.
Она што навистина се случи е што тој процес на учење ми помагаше емоционално и енергетски да се прочистам. Се ослободив од сите блокади што ме спречуваа да се поврзам и да останам поврзана со децата. Кога тие емотивни блокади беа отстранети, лесно беше да се извлечам од маѓепсаниот круг на негативно родителство. Можев да креирам циклус на позитивно родителство почнувајќи од поврзувањето. Токму поврзувањето со децата им помогна и ним да почувствуваат припадност и да бидат посмирени. Тоа ја намалува нивната потреба да бараат внимание, да искажуваат моќ, одмазда и своите негативни емоции. Сфатив дека децата единствено можат да бидат подобри кога се чувствуваат подобро.

И какво изненадување! Кога моите деца подобро се однесуваат, јас се чувствувам поодморена, опуштена и можам со нив да комуницирам, реагирам и да дејствувам на позитивен начин. Со отстранувањето на родителската блокада, направив простор за емоционален раст и подобра рамнотежа, која ми помага да одржам поврзаност и хармонија во домот подолго време. Колку порано сфатиме дека родителството е учење на долги патеки, толку полесно ќе ни биде. Никогаш нема да бидам совршена мајка. Совршенството беше мојот непријател. Она што ме спречуваше да бидам своја, ранлива и реална. Како тогаш да ја негувам блискоста во нашиот однос?

Повторно некогаш ми доаѓа преку глава од сè, ќе се изнервирам и налутам, но научив како полесно да се вратам од родителскиот „нервен слом“ и да ја вратам врската родител-дете кога ќе се изгуби. Повеќе не одам во кревет чувствувајќи вина. Брзо си простувам. Времето, енергијата и менталниот фокус, наместо за загриженост, ги користам за да откријам емотивен товар од кој сакам да се ослободам за да бидам подобра утре. Мирна сум бидејќи знам дека оваа промена во размислувањето ќе има ефект на бран кој ќе трае и во годините што ќе доаѓаат, а можеби и со генерации.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top