Има една толку инспиративна анегдота што веќе со денови размислувам за неа. За мајчинската љубов и вербата во детето. Врзана е за Томас Едисон, научникот, кој како ученик еднаш донел писмо од учителката дома. Мајка му го отворила, го прочитала и на неговото прашање за што се работи во писмото, одговорила: „Учителката напишала дека си премногу интелигентен за нивното училиште и дека морам да ти обезбедам соодветно образование за твојот потенцијал да биде максимално искористен.“

Продолжила да го образова дома, а подоцна обезбедила и соодветно образование. Сите знаеме дека Томас Едисон се прославил како научник. По смртта на мајка си, пребарувал нешто по нејзините работи и го здогледал добро познатото писмо од учителката. Го отворил и го прочитал следното: „Вашиот син има умствено нарушување. Не можеме веќе да го образоваме кај нас. Преземете обврска и обезбедете му соодветно образование.“

Треба ли да напоменувам колку бил ѝ благодарен на мајка си што верувала повеќе во него отколку на писмото од учителката? И што никогаш не се откажала од него. Да бидам искрена, по читањето на оваа приказна бев во недоумица со денови. Без разлика на вистинитоста на самата приказна, која на крајот не е ни важна. Важна е пораката што ја носи со себе.

Колку веруваш во своето дете? Кому веруваш повеќе, на својот инстинкт или на мислењето на луѓето со кои си опкружена? Дали знаеш кои се неговите потенцијали? Дали си подготвена да дадеш сè од себе за детето да го препознае и извлече од себе максимумот? Дали знаеш што сака? Посакува? Во што ужива? Или само мислиш дека знаеш и ги проектираш врз него своите надежи, желби, стравови и неостварени соништа? Дали би сакала и во тебе некој така да верува и дали во животот би постигнала повеќе?

Ми се вртеа овие прашања во главата до недоглед. Во модерната интернет-заедница ваквите дилеми во повеќето случаи се решаваат онлајн. Збунета мајка на еден од милионите портали за мајки анонимно поставила прашања на кое би одговарале сите оние што ќе се најдат повикани. Сигурна сум дека тука би имало разновидни објаснувања зошто се случило тоа што се случило, би добила критики, осуди, поддршка и неколку адреси на кои би требало да се обрати, па да го заврши читањето со главата во форма на прашалник. А потоа можеби би имала грижа на совест. Што би можела да направи подобро и каде погрешила? Можеби нејзината верба во детето била поколебана. А можеби и не, доколку навистина го познава своето дете.

Мојата судбина да го прекинам свирењето на пијано ја одреди мојата последна професорка. Некогаш бев голем потенцијал, а сега едвај успевам да отсвирам мелодија, и тоа само со десната рака. Се случи да нема разбирање што јас не можев да свирам нешто што не ми се допаѓа. Можеби мојата кариера би одела во сосема спротивен правец. И можеби сега би била посреќна со изборот на професија. Единствено „можеби“ големо како куќа на кое никогаш нема да добијам одговор, иако некаде во длабочината на душата која пркосно сонува го наслушнувам. Којзнае на колку вакви „професори“ во животот сме наишле. И колку сме им дозволиле да ни го одредат животниот правец.

Не велам дека треба тврдоглаво да се држиме до нешто. Детската душа не можеме да ја познаваме освен ако редовно не ја набљудуваме и негуваме.

За да ги научиме да летаат, прво мора да им покажеме каде им се крилјата, да ги научиме да ги рашират, а потоа и да не се плашат да скокнат од висока карпа и да се нурнат во животот со широко отворени очи, свесни за своите потенцијали. Единствено така може да бидат задоволни и среќни. Кога ќе ги откријат талентите со кои се надарени и кога ќе ја исполнат целта на своето постоење. Да ги оставиме да бидат деца. Слободни, малку нескротливи. Бидејќи такви ќе ни го покажат она најдоброто во нив. За никогаш да не се свртат назад и да сонуваат за патеките по кои никогаш не газеле. Од кои стапалата им треперат и срцето им скока од радост.

Згазни и ти на една таква патека која одамна си ја отпишала. Поради која душата ти го надраснува телото и прави да се чувствуваш поживо и посилно. Ти си најсилниот пример за своето дете. Не некоја професорка по пијано или учителка која не нашла начин да ја отвори вратата од детскиот свет за чија убавина и сила останала слепа. Гледајќи како го остваруваш својот сон, па дури и во годините кога тоа се смета за лудост, ќе го научиш детето дека никогаш не е доцна за што било. И дека се потребни малку храброст и волја за соништата да се остварат.

Автор: Татјана Куљача

Извор



912

X