Воспитување

Воспитувањето не е дресура – колку повеќе го карате детето, толку е полошо

Јулија Хипенрајтер е познат руски психолог специјализиран за семејна терапија. Затоа, корисно е да се слушне нејзиниот совет за воспитување деца, односно што родителите не треба да прават.

Покажувате љубов кон детето тукутака

Многу е важно детето да знае дека е прифатено и сакано безусловно, а не затоа што ја завршило домашната задача или успеало да не ги скине панталоните. Во спротивно, детето ќе живее во постојан страв дека ако направи нешто погрешно, ќе ја изгуби љубовта на родителите.

– Причината за овој широко распространет евалуациски однос кон децата лежи во цврстото верување дека наградите и казните се главно средство за воспитување. Пофалете го детето и ќе биде добро, казнете го и лошото ќе исчезне. Но, колку повеќе го карате детето, толку е полошо. Зошто се случува ова? Затоа што воспитувањето дете не е дресура. Родителите не постојат за кај децата да развија условни рефлекси – вели психологот.

Не попречувајте го нивниот природен развој

Ако детето сака да се качува насекаде, да се валка, да поставува милион прашања – тоа значи дека сѐ е во ред со него. Така ја покажува љубопитноста неопходна за неговиот развој.

Најдобро нешто што можете да направите е да не се мешате. Љубопитноста може брзо да исчезне ако детето слуша само „Не поставувај глупави прашања“, „Порасни еднаш“, „Доста беше правење глупости“. Родителите треба да се вклучат во развојот на детето поддржувајќи ги неговите природни аспирации, а не да ги потиснуваат, заменувајќи ги со нешто друго што тие мислат дека е поважно или покорисно.

– Морате да бидете многу внимателни во однос на самостојниот развој на детето. Наголемо се зборува за важноста на методите за ран развој, раното читање и раната подготовка за училиште, но децата најмногу мора да играат – вели психологот.

Поттикнете ја независноста на детето

Еднакво е важно да не го вознемирувате детето при неговите први обиди да стане независно. Ако детето сака само да ги врзува врвките на чевлите, почекајте го со внимание и почит, дури и ако брзате. Нему му е потребно тивко внимание – без навестувања, совети и критики. Ако брзате да направите сѐ за детето секојпат со зборовите „Дај, јас ќе направам“, „Не ти оди, морам јас“, тоа наскоро ќе престане да се обидува да направи нешто самостојно. Се чини дека родителите денес особено грешат со ова.

– Воздржете се од критики. Ако покажете искрен интерес за напорите и работата на вашето дете, тогаш вашата меѓусебна почит и прифаќање растат. Освен тоа, возрасен човек не треба да интервенира ако детето е зафатено со нешто и самото не побара помош. Со тоа немешање родителот порачува: Можеш и имаш сила – вели психологот.

Оставете го детето да преземе одговорност

Како што расте детето, повеќе треба да му се дозволи самото да се снаоѓа. Постепено тоа ќе почне самостојно да ја преминува улицата, да ги извршува домашните задачи, да избира пријатели. Нека го направи тоа, но поставете граници. На пример, договорете се дека тоа може да избере кога ќе ја заврши домашната задача, но дека тоа мора да биде завршено до осум часот навечер. Сепак, оваа независност не треба да падне врз детето одеднаш. Пред секој чекор треба да разговарате со него и да му објасните дека му давате поголема слобода – не затоа што сте уморни и му дозволувате да прави што сака, туку затоа што верувате дека ќе се снајде. И, се разбира, бидете таму во случај да му треба помош.

– Парадоксално, на вашето дете му треба негативно искуство, се разбира, под услов да не го загрози неговиот живот или здравје. Дозволете му на вашето дете да се соочи со негативните последици од своите постапки (или својата неактивност). Дури тогаш ќе порасне и ќе стане свесно како функционира светот и што е одговорност – вели таа.

Не мешајте ја грижата со ексклузивноста

Родителите треба да се грижат за детето, но и да ги слушаат неговите желби, а не автоматски да се водат од тоа: „Знам што е најдобро за него“.

– Кога детето повеќе не знае што сака затоа што не е навикнато да се слуша себеси, тоа е само резултат на родителски диктат – вели психологот.

Не критикувајте го детето

Додека расте, детето ќе мора да се соочи со разни тешки прашања, па полесно ќе се справи со тоа доколку се навикне да зборува за тоа со родителите. Довербата се гради на добар став: ако вашата прва реакција на искреноста на детето е критика, осудување или невнимание, вториот пат нема да каже ништо.

Разговарајте со вашето дете за вашите чувства

Користете ги таканаречените јас-пораки. Така ќе можете да ги изразите своите негативни чувства без конфликт со детето. На пример, наместо „На што личиш!“ можете да кажете „Не ми се допаѓа кога моите деца носат искината облека затоа што се срамам пред соседите“.

– Јас-пораките им даваат можност на децата подобро да ги запознаат своите родители. Честопати ги затвораме децата со оклоп на авторитет што се обидуваме да го одржиме со сите средства. Носиме маска на воспитувач и се плашиме да ја соблечеме дури и за момент. Понекогаш децата се изненадени кога дознаваат дека мама и тато имаат емоции. И тоа остава траен впечаток врз нив. Сржта е во тоа што на овој начин возрасен човек му изгледа поблизок и почовечен на детето – вели психологот.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top