Воспитување

„Во твоите раце се чувствував како да сум дома“ – писмо на новороденче до својата мајка

Фазата кога бебињата се новороденчиња е доста тешка за мајките, особено со првото дете, кога жената ќе се најде во сосема нова животна ситуација со милион нови обврски и грижи. Но, и таа фаза е многу убава на свој начин, бидејќи тоа е периодот кога го запознавате вашето бебе и се зближувате со него, за што говори и следното писмо на новороденчето до неговата мајка.

– Драга мамо, да можам само да зборувам, би ти кажала толку многу работи. Прво, би сакала да ти се заблагодарам. Ти благодарам што ме роди. Твојата топла утроба во изминатите девет месеци ме заштитуваше и ме смируваше, беше прекрасно.

Ти благодарам што пораснав во тебе. Беше толку убаво внатре, а се чувствував малку дезориентирана кога дојдов на овој свет. Ме исплаши што не го слушав чукањето на твоето срце. Колку бев изгубена! Утеха наоѓам само кога цврсто ме држиш в прегратка.
Докторите и медицинските сестри добро се грижеа за мене откако се родив – ми се насмевнаа и ми рекоа да престанам да плачам, но јас погледнав наоколу и само те барав тебе.

Знаев дека иако никогаш порано не сум те видела, можам да го препознам твојот мирис меѓу сите мириси на овој свет. И знаеш што, токму така и беше!

Штом ме ставија во твоите раце, се чувствував како дома. Тој момент беше магичен затоа што конечно можев да го видам твоето лице, кое можев само да го замислам.

Кога те видов првпат, ми даде мир, иако беше уморна од породувањето, никогаш нема да го заборавам начинот на кој ме гледаше. Или, подобро кажано, за жал нема да се сеќавам на тоа, но нежноста од тие моменти ќе остане вградена во мене, како скриено богатство, кое, иако не се гледа, е дел од мене.

Нема да се сеќавам на ништо што сега го правиш за мене, но сепак секој гест и љубов што ми го покажуваш ми помагаат да растам. Тоа е нешто слично како она што се случува со водата, која исчезнува во земјата, но го храни растението од коренот и му помага да цвета.

Штом те најдов повторно, по моето раѓање, сфатив дека секогаш можам да сметам на тебе. Животот е пред мене, но никогаш нема да ме оставиш сама на ова патување.

Поминаа неколку недели откако се родив и постојано ме уверуваш дека навистина сакаш да се грижиш за мене. Ти благодарам за сѐ што правиш. Ти благодарам што се грижиш, што ми даваш храброст и самодоверба, ти благодарам за млекото што ме храни, ти благодарам што се откажа од својот личен простор, пријателите, ТВ-сериите…

Ти благодарам што секогаш трчаш кај мене кога ми треба нешто и ти благодарам што, дури и кога си исцрпена, никогаш не си премногу уморна за да ми се насмееш. Признавам, можеби си многу исцрпена затоа што ти го отежнувам животот, но не го правам тоа намерно, верувај ми.

Ако плачам со часови секој ден од која било причина, тоа е само затоа што не можам да се изразам на друг начин. Ако повеќе сакам да спијам до тебе отколку во својот кревет, тоа е затоа што се чувствувам безбедно кога сум со тебе.

Кој би можел да ме повреди кога си покрај мене?

Жал ми е ако едноставно не можам да живеам без твоите раце. Тоа ме потсетува дека секогаш ќе имам безбедно место каде да одам.

Извини ако те будам навечер затоа што сум гладна, болна или едноставно не сакам повеќе да спијам и сакам да го поминам секој момент со тебе. Жал ми е што не можам да ја сменам пелената и да се пресоблечам. Жал ми е бидејќи знам дека сум обврска која чини многу.

Знам дека понекогаш мислиш оти не можеш повеќе. А можеби би сакала да спиеш, да јадеш или да се прошеташ, без страв дека во секој момент ќе се расплачам. Знам дека животот ти е тежок откако сум овде. Сепак, секој ден се трудиш да не го чувствувам тоа. Правиш сѐ што можеш за да ја скриеш исцрпеноста. Правиш сѐ за да не видам колку те чини. Секогаш сум ти најважна. И можеби не го знаеш тоа сега, но секоја жртва што ќе ја направиш ќе ти се врати.

Затоа што љубовта не се троши залудно, и ќе ја жнеат само оние што сеат радост во болка.

Бев во твојот стомак дента кога прочита пасус од книгата што ја сакаш: „Оние што го сакаат животот ќе го изгубат, оние што ќе го изгубат, ќе го заслужат“. Тато те праша дали тоа значи станување родител. Да, мамо, тоа е тоа…

Го губиш животот поради мене, но ништо што ќе посееш сега нема да биде изгубено. Едвај чекам да ти ги покажам плодовите од твојот труд и безусловната љубов што ми ја покажуваш секој ден.

Со љубов, твоето девојче.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top