Писмо на мајка објавено на порталот www.mother.ly

Бебе мое,

Толку си малечко. Како и твоите грижи. Се надевам дека така и ќе остане. Знам дека моето трпение е сè потенко. До вечерта моите барања за тишина и мир доаѓаат од намуртените веѓи и стегнати заби, зад светлото од компјутерот. Можам подобро од тоа. Ќе бидам подобра од тоа. Благодарам што имаше толку разбирање за мене во изминатите неколку дена.

Го спакував бирото и погледнав кон него, прашувајќи се кога ќе седнам на него повторно. Слегов од велосипедот кај салата за вежбање и ги спуштив теговите со солзи во очите, прашувајќи се кога ќе ги видам повторно. Знам дека ти недостига и игротеката и базенот во неа. Бараш да одиш таму секој ден.

Минатата недела се симна по лизгалката, а ниту еден од нас не знаеше дека тоа ќе биде последниот пат, засега. Не знам кога повторно ќе ги видиш наставниците и пријателите. Ни недостигаат нашите рутини и не знам кога повторно ќе се вратиме на нив.

Но, она што можам да ти го кажам е дека ќе ме гледаш секој ден. И јас сум длабоко благодарна што знам дека ти си таа една личност за која нема да треба да се прашувам кога ќе ја видам повторно. Работењето од дома со тебе е нешто за кое сум благодарна, исто така. Тоа значи дека имам редовна плата. Иако не знам колку ќе трае прекувремената работа на тато, сепак, знаеме дека и тој сè уште има работа. Ќе се појави по смената, подготвен да помогне каде што треба. Ќе ни недостига кога не е тука, но ќе знаеме дека наскоро ќе го видиме пак. Благодарни сме што е здрав.

Твоите кучиња сè уште се тука да те поздрават секое утро и да те прегрнат додека ти се смееш и велиш: „Ги сакам моите кучиња“. Ќе седиме заедно на појадок и ручек и вечера, бидејќи има храна во фрижидерот. Ќе имаш секогаш вода во твојата чаша. Ќе го гледаме вториот дел на „Снежното кралство“ додека не прегори телевизорот бидејќи постојано е вклучен. Ќе ни недостигаат роденденските забави и времето поминато со саканите. Овој период значи и поднесување многу жртви, во различни форми. Се грижам секој ден. Се грижам дали ќе има болнички кревет за нас кога ќе пристигне твојата сестра за неколку месеци. Се грижам дали мојот лекар ќе биде доволно здрав за да биде таму за мене, како што беше кога те родив тебе. Се грижам што луѓето не го сфаќаат карантинот сериозно. Се грижам за малите бизниси. Се грижам за тато, кој пренесува болни луѓе, па се враќа дома кај нас. Се грижам за нашето семејство и пријателите. Се грижам за постарите и болните. Но, сега, сега сме само јас и ти, и не можам, а да не бидам благодарна за сето што го имаме и знаеме.

Не се грижам за светот во кој те донесов тебе или за светот во кој ќе дојде сестра ти. Колку неверојатна можност за нас што можеме да те научиме на љубезност, грижење за соседите и за заедништвото кое произлегува од меѓусебната грижа. Без разлика колку сакаш да одиш во паркот, одговорот ќе биде „не“. Ќе јадеме дома, без разлика колку сакаш храна од надвор, бидејќи сме одговорни и си ветивме дека ќе ја израмниме кривата и нема да инфицираме други лица. Кога одиме во продавница, го земаме само она што ни е потребно, без разлика дали ќе видиме некој што ги полни кошниците. Ќе им помогнеме на луѓето да ги земат работите од полиците што не можат да ги дофатат. Тато ќе продолжи да оди на работа и да им помага на болните, без разлика колку е лудо и страшно тоа. Ќе бидеме креативни со играчките и ќе измислуваме нови игри. Ќе одиме на долги прошетки и ќе го истражуваме нашето соседство.

Можеме да зборуваме за несебичност, храброст, љубезност и благодарност, но сега е одлична можност тоа и да ти го покажеме. Ме стегаат градите и анксиозноста е посилна во текот на денот, но мојата смиреност доаѓа кога завршува капењето, твоите омилени книги се прочитани, а светлата изгаснати. Се припиваш до мене и можам да го намирисам шампонот од лаванда на твојата коса. Твојата сестра се движи помеѓу нас во мојот стомак, а јас ве имам двете до себе. Во целата оваа неизвесност во нашите животи, јас тука го наоѓам мирот. Мојата константа си ти. Кога твоето дишење забавува, а очите ти се затвораат, исполнета сум со благодарност за твоето здравје и времето што го поминуваме заедно. Сега, имаме сè што ни треба, а за тоа сум сигурна.

Автор: Таит Вимонт



912

X