Јасно е дека стресот е составен дел од животот. Сепак, важно е да го сведеме до најмала можна мера бидејќи тоа ќе ни помогне и нам и на нашите малечки.
Без оглед дали се карате со партнерот околу финансиите „зад затворени врати“ или константно му викате на вашето дете за нешто што направило или не направило, стресот на родителите влијае врз целото семејство и може да предизвика прикриен притисок, истакнуваат психолози од Јоханесбург.

Децата го „впиваат“ стресот на родителите

Децата се многу интуитивни. Тие се како малечки сунѓери кои го впиваат изреченото, но и неизреченото. Тие практично го детектираат тој стрес и можат да се однесуваат исто. Значи, ако сте под стрес, постојат големи шанси вашето дете да стане гневно или вознемирено.

Ефекти од постпородилниот стрес

Навистина, секој стрес на родителите влијае врз детето. Се чини дека и делумниот стрес во бременоста може да влијае врз развојот на мозокот на бебето, па дури и врз неговите гени.
Доколку жената доживее значителен стрес во текот на бременоста, хормоните на стресот, како кортизолот, влијаат и врз плацентата. Мозокот на фетусот, кој сè уште е во развој, прима сигнали и тоа го интерпретира така што се чувствува дека е во сериозно стресно опкружување. Ако мозокот на бебето реагира премногу бурно на оваа ситуација, може да се зголеми ризикот за развој на АДХД-синдром кај детето подоцна.

Како да се справите со стресот

Иако е многу важно на детето да му покажете љубов и наклонетост, студиите покажуваат дека коригирањето на стресот е следната најважна работа што мора да ја направите за детето.
Стресот во секој случај е неизбежен. Секој го доживува во поголема или помала мера одвреме-навреме, а многу често е уште поголем ако поминувате низ големи промени во животот, како бременост, губење блиска личност, селење или промена на работното место.

Постојат неколку начини да влијаете врз вашиот стрес за да го заштитите вашето семејство:

1. Вежбајте длабоко дишење

Можеби ви звучи како клише, но дишењето навистина е најважната работа на која треба да се концентрирате кога сте под стрес, токму поради психолошкиот ефект врз духот и телото. Добро е и вашите деца да ги научите да запрат и заедно со вас неколкупати да вдишат длабоко. Учете ги полека да вдишуваат, да го задржат воздухот неколку секунди, а потоа да издишат. Ова е едноставна вежба која добро влијае врз ослободувањето од стрес.

2. Отворено разговарајте со детето

Натрупувањето емоции не е здраво. Всушност, долготрајното задржување на стресот во себе може да предизвика во еден момент да експлодирате и да изгубите контрола за неважна ситница. Многу е битно што ќе направите со таквото чувство на гнев, анксиозност, притисок.
Кога сте под притисок, обидете се тоа да го доведете во нормала и да го вербализирате. Доколку вашето дете има околу 3 години, можете да му кажете: „Мама е малку под стрес, но тоа е во ред, сите понекогаш така се чувствуваат. Затоа сега мама ќе вежба, дали ти сакаш да ѝ се придружиш?“ Разговорот треба да биде едноставен и соодветен на возраста на детето. Децата не треба да го доживуваат вашиот стрес, но можат да разберат дека тоа е нормална работа.

3. Приоритет нека ви бидат менталното и психичкото здравје

Токму поради брзиот и напорен начин на живот што го водиме, најважно е да бидеме добри кон себе и да се грижиме за своето здравје и благосостојба. Ако се чувствувате лошо, голема е веројатноста дека ќе бидете нервозни и дека ќе изгубите контрола кога сте со семејството.

4. Сонот е важен

За да си дојдете при себе, многу е важно да спиете добро. Сонот има неверојатни придобивки за духот и телото бидејќи ги смирува мозокот и нервниот систем.

5. Тренинг

Ако немате доволно време за сала за вежбање, тоа е во ред. Само дваесет минути вежбање на ден е доволно да ја забрзате работата на срцето и да почнете да се потите, што е сосема доволно да се ослободи ендорфин и низ вашето тело да проструи кислород. Ако немате бебиситерка за вашето дете, можете да вежбате заедно со него. Куќните работи и дневната прошетка на свеж воздух се идеален избор.

6. Исхрана

Исто така, многу е важно да консумирате храна која ќе ви го подигне нивото на енергија во телото. Исчистете се од рафинирани шеќери, слатки пијалаци и храна преполна со трансмасти. Наместо тоа, пијте многу вода, јадете овошје и зеленчук бидејќи изобилуваат со антиоксиданси, како и храна со низок гликемиски индекс, која е добра за вашето тело и мозок бидејќи бавно ги исфрла јаглехидратите. Обезбедете доволно протеини во организмот, за целосно да ги регенерирате клетките.

7. Модел на однесување

Не заборавајте дека како родители вие сте им основен пример на вашите деца. Тоа значи дека детето исто така треба добро да спие, да се храни здраво, да биде без стрес што е можно повеќе. Еден од најлесните начини да му помогнете на детето да се опушти по напорниот ден е да има редовна навика навреме да легнува да спие.

8. Разговор со експерт

Доколку не сакате вашиот стрес да се шири, најлесно е да поразговарате со психолог или со советник. Доколку немате доверба во странец, разговарајте со блиските пријатели или со други родители што ќе ве поддржат и ќе ви помогнат, или едноставно ќе ве ислушаат и ќе разберат дека сте преоптоварени.

9. Бидете позитивни

Значително влијание врз менталното здравје има ослободувањето од помалите стресови и негативните мисли. Секогаш запрашајте се дали тоа ќе ви биде проблем и по пет седмици, месеци или години. Доколку одговорот е „не“, едноставно надминете го тоа.
Целта е да се избегне непотребното изложување на сè што ве влече надолу. Исклучете ги вознемирувачките медиуми, оттргнете се од озборувања, непријатни луѓе и од оние што осудуваат, променете ја рутата од работа за да избегнете бучава, загадување, кавги и други провокатори.

10. Не оптоварувајте го вашиот распоред

Премногу социјални случувања и обврските што се ставаат во распоредот можат да предизвикаат огромен стрес и за родителите и за децата. Ним им е потребен простор и време да бидат без обврски и притисоци. Децата треба да имаат доволно време за играње во дворот или едноставно да прават што сакаат.



912

X