Звучеше како добра идеја, тогаш, во минатото. Сакавме да имаме 3 деца. НЕ големо семејство. НЕ мало семејство. НЕ просечно семејство (во број). Туку малечко големо семејство, со малку повеќе енергија со малку повеќе од две деца кои јас и Бил ќе ги одгледаме.

Ха!

Да кажам само дека не може да бидете „малку бремени“ и не можете да имате семејство кое е „малку големо“. По 9 години откако го родив моето трето дете, тука сум за да кажам дека домаќинство со 3 деца е циркус кој никогаш не го напушта градот.

И да не мислите дека сум невообичаено кршлива индивидуа, има ново истражување кое ме поддржува.

Анкета што била спроведена на 7 илјади мајки низ САД открива дека мајките кои пријавиле дека се најмногу под постојан стрес, всушност, се мајки на 3 деца. Не само што им е потешко од другите мајки на две деца или на едно дете, туку тие всушност и опишале повисоки нивоа на стрес од мајките на 4, 5 или повеќе деца. Се разбира, можам да разберам зошто е полесно да се има 1 или 2 деца. Тоа е како да поминувате улица. Ако имате едно дете, чекате светлото да стане зелено, а потоа да го фатите за рака и да ја преминете улицата. Ако имате 2 деца, подобро е да ги грабнете нивните раце пред да се промени светлото, во случај едно од нив (најчесто помалото) да одлучи да се втрча кон сообраќајот. Потоа поминувате, помалку фокусирани на еден правец можеби, но успевате да менаџирате со по едно дете во секоја рака.

Потоа имате 3 деца и одеднаш тука е изборот: Кој може да успее во ова без да ја држи мојата рака? Кој може да го помине овој момент сам, бидејќи јас сум премногу зафатена со неговите браќа/сестри за да му помогнам? Има вина во оваа одлука. Има анксиозност. Веројатно има и фрустрација, бидејќи тоа дете сака да ја држи вашата рака дури и кога ќе биде доволно возрасно за да успее самото, па се разбира дека ќе се жали, ќе плаче можеби, ќе започне кавга со братчето/сестричката. Па така, уште еднаш има хаос и вие ја преминувате улицата со срце кое ќе ви излезе од градите и си ветувате дека следниот пат ќе ја менаџирате работата подобро.

Додајте го на сето ова и финансискиот дел од целата ситуација со 3 деца и го добивате резултатот: стрес вкоренет во секојдневниот живот во домаќинство со 3 деца.

Но, зошто е полесно да се менаџираат дури и повеќе деца? За да откријам, им испратив електронска порака на 3 пријателки што имаат по 4 деца. Ова ми го кажаа:

„Додека пристигне твоето четврто дете, не обрнувате внимание на некои работи. Ако давањето сладолед на своето тригодишно дете или лижавче пред вечерата го задржува мирот, тогаш го правите тоа. Знаете дека тоа нема да го уништи за цел живот!“ – Присила Холмс, Филаделфија.

„Верувам дека 4 деца ме научија дека треба да бидам посовесна за она што е важно во животот. Останувам фокусирана на малите нешта бидејќи тие всушност се големите нешта“ – Хедер Трилинг, Вестлејк Вилиџ, Калифорнија.

„Со 4 деца е полесно бидејќи децата се во пар/особено ако имате 2 девојчиња, 2 момчиња. Со 3, едното секогаш е изоставено. Исто така, кога беа 3, најмалечкото постојано беше третирано како бебе. Со 4 деца не можете да го разгалувате најмалото и тоа повеќе ќе се обидува да биде во чекор со другите“ – Ен Арикиан, Лос Анџелес, Калифорнија.

Можно е дека ќе бев повеќе „зен“ доколку имавме 4 деца, а децата пак ќе успеваа подобро да се справуваат. Се борам со желбата да им го дадам потребното внимание и ресурси на сите еднакво, како што тоа го имаат домаќинствата со 2 деца. Со 3 деца тоа е само поголем дел од времето. А има и помалку (време, енергија, пари) за мене и сопругот. Сепак, би го направила истото повторно. Да се има 3 деца можеби е постресно од 2, но исто така има повеќе забава, возбуда и радост. Но, сепак, не брзам повторно да забременам.

Автор: Констанс Сомер

Извор



912

X