Воспитување

„Бев, од мене доста!“ Вистинита приказна на татко за отворен ден во училиште

Морам да ви раскажам што ми се случи минатата недела, а вие смејте се наглас зашто сум го заслужил тоа, ја почнува приказната родител од Србија!

Мојата сопруга и јас се сакаме и одлично се согласуваме, освен кога се во прашање училиштето, оценките и наставниците на нашата ќерка Уна. Приближно еднаш неделно Оливера има монолог кој го знам напамет, а во скратена верзија гласи: „Во училиштето мислат дека Уна нема татко! Никогаш не си се појавил ниту на родителски состанок ниту на отворените денови!“ А како да се појавам кога и самиот работам на училиште и тоа во истата смена во која е Уна? Да излезам од моите часови за да се запознавам со нејзините наставници? И што да ги прашам? Уна е добро дете, одличен ученик, ги знам сите нејзини оценки, што ќе правам во училиштето? Не ми е доволно од колегите што ги гледам на работа, сега треба и нејзините наставници да ги гледам! И Оливера добро знае дека мразам отворени денови, дека мислам оти тоа е како место каде што родителите имаат можност да ни објаснат колку им се генијални децата и дека ние, наставниците, не сме го забележале тоа.

Успевав да се извлекувам сè до минатата среда кога се погоди „Денот на училиштето“ каде што работам јас и отворен ден во училиштето на Уна. Јас дојдов дома во 15 часот, сонував за попладневна дремка и тениски меч потоа, Новак и Надал во финале, но не! Излегува мојата жена со информација дека, ете, тоа е идеална шанса да одам на пример кај… (проверува на веб-страницата од училиштето, гледа на часовникот, ми го организира времето на најдобар начин), историчарката!

Што да правам…

Се пакувам, тргнувам кон училиштето, а надвор… крај на светот! Врне, небото црно. Забрзувам, газам по вирчињата, попатно смислувам прашања за таа наставничка што денес ќе ја запознаам. Уна има петка по историја, што да кажам, зошто сум дошол? Барем да отвори врата математичарката, Уна доби тројка на писмената, па би знаел што да прашам за тоа. Вака го трошам залудно и моето и нејзиното време.

Влегувам во училишниот ходник, го прашувам дежурниот ученик каде е кабинетот по историја. Вратите навистина се отворени, а внатре родителите и наставничката веќе почнале. Ова ми беше чудно бидејќи јас кога имам отворен ден, примам еден по еден родител, но тука бевме сите заедно. Бројам дека пред мене има девет родители. Ако секој остане по шест-седум минути, ќе задоцнам за првиот сет од мечот.

Родител 1

Но, веќе првиот татко ми покажа дека мојот временски план нема да се оствари бидејќи точно 13 минути ја оплакуваше ситуацијата во која неговиот син учел со денови и пак добил тројка, а тој добро знае историја и го испрашувал, па синот знаел сè, па сега ја прашува наставничката каде е проблемот, па наставничката вели дека таа не гледа никаков труд и работа, и го прашувала најосновни работи, а дека тројката му е подарена. „А, па немојте така, ве молам“, одговара таткото. „Најискрено ви кажувам“, се брани наставничката. „Ете, не знаеше како почнала Првата светска војна, што да зборуваме понатаму?“, тој одмавнува со раката, веројатно ја пцуе, веројатно не ѝ верува, ја замолува да го праша повторно, наставничката вели дека ќе го стори тоа штом ќе има можност; така и јас одговарам кога ме дави некој родител. Таткото излегува незадоволен, настапува мајката, родител број два, 14. минута отчукува.

Родител 2

Не ѝ е јасно зошто наставничката никако не го прашува нејзиниот син, тој постојано се јавува, наставничката ја прекинува, вели дека не само што не се јавува туку и го попречува часот, постојано го опоменува, а еднаш дури и побегнал, па мајката вели: „Дали сте сигурни дека зборуваме за истото дете, Илија Тадиќ?“, а наставничката вели „Да, да, Илија минатата недела побегна од тестот и го повикав на разговор и призна дека не учел, но вети дека ќе се поправи“… десет минути.

Родител 3

Потоа една госпоѓа зборува како нејзината ќерка има голем страв од наставничката, инаку одлично соработува со авторитети, но ете не знае во што е проблемот, а се гледа дека нема да има петка по историја и дали може да ја прашува малку почесто. „Има многу деца, сите сакаат повисока оценка“, одговара наставничката. „Но, ете јас ве молам, дали сте родител?“ „Не би сакала ова да стане премногу лично, знаете, разбирам што сакате да кажете“, вели наставничката. „Само родител може да разбере како е кога детето е очајно, таа, да извините, има дијареја кога има час по историја“, вели мајката, ги брише солзите, оди незадоволна и бесна. 11 минута.

Родители 4, 5 и 6

Некои се бунеа за обемниот материјал, дали навистина била важни податоците, сите тие имиња, дали тоа им е потребно на децата во животот, се прашуваат, а наставничката вели: „Не ја избирам јас програмата“…

Натпреварот веќе почна. Нечујно го извлекувам телефонот, сега останаа 5-6 родители, се кријам зад крупниот татко и одам на интернет да го проверам резултатот, Новак веќе му го зел сервисот на Надал, води со 3:1. Кога претходно?

Родител 7

Нова приказна. Момчето бесно излета од час и пцуеше зашто добило единица. „Знам, кога ќе се изнервира, спасувај се кој може“, се насмеа мајката, а наставничката за момент молчеше. „Но, јасно ви е дека тоа однесување е недозволиво, не е тоа прв пат“. „Дали вие тоа мене ме осудувате дека не сум го воспитала детето?“, рече мајката бесно. „Не ве осудив, зборувам за неговото однесување“.

Надал изедначи. И понатаму не знам што барам тука, доаѓаат луѓе чии деца имаат проблем, мојата Уна не пцуе, не бега од час, веројатно, се надевам, можеби баш тоа може да го поставам како прашање…

Смислив! Ќе речам: „Еве, дојдов бидејќи како ваш колега и како родител и сега овде на вашиот отворен ден сретнувам луѓе кои мислат дека знаат што им прават децата, па излегува дека не е баш така..“ Ќе почнам нешто такво, па се надевам дека таа ќе ми рече дека Уна е прекрасна и дека навистина не би требало да доаѓам, дека како колешка ќе ми се довери и ќе ми каже дека ѝ е тешко со родителите и тука ќе се согласам. 5:4 води Новак. Еден час и 20 поминаа откако дојдов.

Родител 8

Потоа следува таткото кој го вади списокот и прашува како наставничката која доцни на час може да им пишува неоправдани на децата, а доцни дури и на тестовите. „Од каде ги имате вие тие податоци?“, прашува таа. „Ми кажа ќерка ми, се запишувала, јас не отидов кај директорот, сакам прво со вас да разговарам и ова сите го знаат, само никој не сака да каже, сè зборуваат децата“. „Децата зборуваат сешто“, рече наставничката. „Ќе ви покажам кој од тие денови сум доцнела, знаете, имаме електронски дневник и сè се гледа“. „Ма, пуштете го вие електронскиот дневник, тоа може да се намести, а децата имаат тест половина час наместо 45 минути“. „Не можеме да зборуваме за тоа што кажуваат децата, доведете ја ќерката, па да седнеме сите заедно, доведете ги сите деца што го зборуваат тоа“. „Вие знаете дека тие се плашат и никој не сака да ја каже вистината“. „Па, што е вашиот предлог, јас да ви верувам вам, а вие мене не?“, прашува наставничката. Час и половина. Новак го доби првиот сет. Ја стиснав тупаницата под клупата, тооааа Новаак!

Родител 9

Последната мајка само донесе оправдување. „Па, тоа можел и Душан да ми го предаде“, вели наставничката. „Жал ми е што чекавте толку време“. „Нема врска, секако да прашам каков е“, десет минути, неочекувано, се надевав дека ова ќе биде брзо.

Сега училницата остана празна, само наставничката и јас. Го вратив мобилниот в џеб, часовникот го ставив на рака.

Родител 10

„Баш се изначекавте“, рече наставничката. „Што да се прави…“

„Ете и јас сум колега, предавам музичко, знам сè, во секое училиште е исто. И мене така ми доаѓаат на отворен ден, некои родители само сакаат да му се развикаат на некого, овде се големи и моќни, потоа одат дома и го казнуваат детето, на крај се лутат и на нас и на нив…“, се обидов да направам вовед. Што требаше да ја прашам…

„Баш така“, рече наставничката. „Секаде истото… А, вие сте?“

„Таткото на Уна Марковиќ“, велам.

„Уна Марковиќ… Уна Марковиќ… потсетете ме, кое одделение?“, праша наставничката.

„Осмо два“, велам.

„Осмо два?“, се зачуди наставничката. „Јас не им предавам на нив“. Ја гледам со полуотворена уста. „Не предавате?“

„Не…“ и таа во неверување.

„Не ѝ предавате на Уна? Сакате да кажете, дојдов залудно? И сето ова го слушав залудно?“

„За жал… Баш ми е жал… Барем да кажевте на почетокот…“, жал ѝ е, го гледам тоа. И мене ми е жал за мене, како што велеше мојата покојна тетка.

Станува, се ракува со мене. „Колешката Гордана предава на осмо два, но таа веќе отиде дома, дојдете за две недели, тогаш повторно ќе има отворен ден.

„Се разбира, се разбира“, велам. Заминувам. Не верувам. И што е најлошо, ќе излезам виновен. Оливера ќе ме нападне зошто не сум се распрашал каде одам. И немам оправдување за следниот пат да кажам: „Бев, од мене доста!“

Дождот престана. Помина цел еден век откако дојдов на отворен ден. Покрај училиштето има кафуле, а во него пуштаа спортска програма. Одлучив да одам на пиво, да го одгледам натпреварот докрај на мир, за време на паузата да му се јавам на другар ми Јоцо и да му раскажам. Ќе ме задева, но ако, затоа и го сакам. Потоа ќе отидам дома. Го одложив проблемот барем на час-два.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top