Се сеќавам на ситуација кога бев мала, во прво одделение, кога родителите за ужина ми спакуваа некое „егзотично“ овошје, нешто што го немав често, на пример, малинки. Бев многу возбудена околу тоа и кога на одморот ја отворив кутијата, децата се втурнаа кон неа, а јас со сите сили ја бранев. И, се разбира, добив коментар дека сум себична и скржава.
Тоа беше првата голема критика што ја добив од пријателите од одделението и се сеќавам дека се чувствував бедно, отфрлено и бев незадоволна од себе.
Кога се вратив дома и раскажав што ми се случи, сите се шегуваа со мене, но нивниот заклучок беше дека требало ужината да ја поделам со другите, значи, потврдија дека сум згрешила! И од најблиските добив осуда.

Донесов логичен заклучок – дека јас не сум добра, дека треба да се натерам да се променам и да се поправам!

Тогаш научив да не ја прифаќам својата себичност, туку да очекувам од себе да бидам великодушна, дури и тогаш кога сè во мене ќе се бунтува против тоа, научив да не ги почитувам своите чувства бидејќи што ќе кажат другите за мене, научив дека не сум доволно добра, дека морам да се променам и дури откако ќе се променам, ќе можам да се сакам себеси, а потоа и другите ќе ме сакаат!
Многу деца растат вака! Всушност, мислам дека 90% од децата вака растат и денес!

Што сè е погрешно поставено во оваа приказна?

Прво, погрешна е идејата дека во таа приказна јас сум негативецот, а другите деца се во право. Вистината е сосема спротивна, тие деца беа посебични од мене! Јас не бев великодушна, но тие сакаа да земат нешто што беше мое, и тоа насила. Мене ми рекоа дека сум себична бидејќи не ги исполнив нивните желби! Ве молам, обидете се да го сфатите ова!
Второ, погрешна е идејата дека треба да се оди преку сопствените граници бидејќи непочитувањето на тие граници е пат кој води кон непочитување на самиот себе!
Трето, погрешно е да се бориш против себичноста бидејќи луѓето по својата природа се себични во извесна мера и тоа не треба да се исмејува, тоа треба да се уважува затоа што себичноста не ни е залудно дадена, таа ни служи, нè штити од претерување, да не претераме со давањето! Убаво е да се мисли на другите, но наша главна задача е да се погрижиме за себе, па дури потоа, во мера во која се чувствуваме сигурно и пријатно, да им даваме и на другите! Сè друго освен ова е насилно и агресивно кон самиот себе!
И четврто, погрешно и целосно глупаво беше очекувањето повеќе да се грижам дали моите пријателки се задоволни отколку дали јас сум задоволна.

Каде е решението?

Решението е кон својата себичност и кон својата великодушност да се однесуваме како кон гости што ни дошле дома. Го почитувам и едниот и другиот гостин, без да вреднувам кој колку е морален и на двајцата им принесувам чинија, им подготвувам кревет и разговарам со нив. Ете како треба да се однесуваме, да не ги занемаруваме и двете наши страни.

А што се однесува до давањето, даваме онолку колку што ни одговара! Даваме во зависност од тоа како се чувствуваме кога даваме! Не даваме со чувство дека мораме да дадеме, бидејќи не мораме, туку само кога ќе сакаме да го направиме тоа! Како што ќе се развиваме и ќе зајакнуваме како личности, така ќе се чувствуваме сè посигурно, поотворено за љубов и нашата великодушност ќе расте. Така ја зајакнуваме нашата моќ за давање!
Но внимавајте, никогаш не престануваме да бидеме себични! И тоа така треба да биде!
Се радувам кога помагам и давам, но сега, во моите зрели години, секогаш тоа го правам во согласност со своите граници!

Почитувајте ги вашите граници, тие ве чуваат, тие работат за вас!

Автор: Билјана Грбовиќ

 



912

X