Малечка моја,

Денес бев премногу груба. Дојде до некои тешки моменти, а јас тешко се справував со нив. Со часови го набљудував часовникот и сакав да се движи брзо, но во моментот кога дојде време за спиење и сите станавте тивки, веднаш ме преплавија вина и тага. Денес ти викав. Брзо се прибрав, но и понатаму викав и ми е жал поради тоа. Ти си дете. Јас сум возрасна личност и би требало тоа да го решам со повеќе трпение и грациозност. Сѐ уште учам како да бидам мајка. Никогаш не сакам да се оправдувам за себе – секој ден морам да се потрудам колку што можам и да учам од своите грешки, но би сакала да го искористам овој момент и да ти објаснам зошто викав. Кога го губам трпението, кога не сум грациозна, тоа речиси секогаш оди подлабоко од она поради кое сум загрижена. И сакам да го знаеш тоа.

Викав бидејќи бев загрижена

Пред да станам твоја мајка, не ни сфаќав колку длабоко може да се сака некој. Ти си мојот цел свет. Ти си мојата прва мисла наутро и последна ноќе. Ти си голем дел од моето срце, а моја работа е да те чувам. Понекогаш моите постапки во мене будат страв – овој дел е тешко да се објасни. Мислам дека понекогаш, кога не ме слушаш, се плашам дека нема да го послушаш мојот совет кога ќе бидеш постара и дека ќе донесеш лош избор. Знам дека денешниот инцидент беше поради играчките и дека оваа интензивна грижа не звучи рационално, но мајчината љубов е сѐ само не рационална. И затоа понекогаш викам.

Викав бидејќи бев изморена

Грижата за тебе ми е најголема чест. Сакам да го знаеш тоа. Но, тоа е и многу напорна работа. Ти си многу малечка личност, со многу потреби, а јас сум одговорна за сите нив. Со години не сум се наспала и покрај сите напори за самопомош, сѐ уште не сум го совладала константниот замор. Има денови кога едноставно сум изморена до своја срж. Тоа воопшто не е твоја вина. И да бидам искрена, всушност, ништо не би променила, но кога сум вака изморена, мозокот не ми работи како што треба. Брзо го губам трпението, потешко го пронаоѓам хуморот во работите и реагирам… понекогаш гласно како денес.

Викав бидејќи сум под стрес

Да бидам родител ми е најважната работа, но тоа не значи дека сето друго престанува кога ќе станеш родител. Всушност, понекогаш ми се чини дека животот се врти околу мене побрзо отколку што со него можам да управувам. На вести има грозни приказни, сметките се веќе за плаќање, роковите на работа си стојат, другите членови на семејството се исто така тука, а и домот треба да се одржува. Многу се трудам да бидам присутна во моментот со тебе – тоа се моите најсреќни моменти на сите времиња, но понекогаш животните околности и работата едноставно ме спречуваат навистина да бидам овде, а кога се чувствувам под стрес, ситниците што ги правиш предизвикуваат да реагирам на начин на кој вообичаено не би го применила. Сепак, не сакам ти да го чувствуваш тој стрес. Моја работа е да те заштитам од тоа.

Викав бидејќи сум „само човек“

Моментално знам дека мислиш оти сум суперхерој. И додека јас се трудам, вистината е дека сум само обична личност со чувства и маани. Секојдневно се трудам, но секој ден грешам. Сите го знаеме тоа, а и ти ќе правиш така, до крајот на животот. Иако ми е жал што ти викав, не ми е жал што ја виде мојата помалку совршена страна. Сакам да научиш дека грешките се нормални, па дури и добри. Грешките ни помагаат да научиме за себе и ни помагаат да растеме. Јас денес погрешив. Ти благодарам што ми помогна да научам и да „израснам“ како личност.

Викав бидејќи во моментот ме налути

Те сакам со целото срце, но во тој момент ти се лутев. Но, во тоа е работата – да се чувствуваш лут на луѓето кои ги сакаш е сосема во ред. Поминуваме многу време заедно, би било невозможно да не си се налутиме едни на други. Тато и јас меѓусебно се вознемируваме, но сепак секогаш се сакаме. Исто е и со тебе. Понекогаш ќе си се налутиме едни на други. Моја работа е да ти помогнам да ги обработиш тие емоции, особено кога се големи. Важно е да знаеш дека луѓето може истовремено да чувствуваат лутина и љубов. Во нашето семејство љубовниот дел останува ист, без разлика на другите емоции. Ќе те сакам секогаш и засекогаш, секој ден сѐ повеќе. Дури и кога викам.

Те сакам!

Автор: Дијана Спалдинг

Извор



912

X