„Веројатно никогаш нема да зборува“ – тоа беа зборови што ме скршија на илјада парчиња. За мене, тоа беше најлошото нешто. Плачев поради фактот дека можеби никогаш нема да го слушнам како ми вели „мамо“. Или да го слушнам како ми вели дека ме сака.

Пред болеста беше навистина зборлив. Потоа само се слушаше врескање и плачење. Често плачев и јас. Ме лутеше кога ќе слушнев други родители кои сакаа нивните деца да замолкнат или се жалеа дека многу зборуваат децата и дека тоа ги полудува. Ми требаше време да сфатам дека нечиј глас не доаѓа само од неговата уста.

Можете да чуете глас преку очите, говорот на телото, изразите на лицето. Така измисливме свој сопствен јазик. Го слушаме како вели „те сакам“ со својот весел, бистар поглед и сјајна насмевка, а притоа се слуша и нежно воздивнување. Ни раскажува приказни со своите мали движења на устата. Понекогаш, кога ме погледнува, имам чувство како да гледам во очите на стара душа која видела и научила многу повеќе отколку што јас некогаш ќе посакам. Тешко е да се објасни тоа.

Со секоја насмевка, поглед, смеа, израз на лицето, промена во чукањето на срцето, лесното движење на телото и треперењето во очите, тој комуницира со нас. Кој било може да биде скептичен кон сето тоа, но ако немате дете кое не може да зборува или да го движи телото со своја волја, не знаете кои мали чуда може да се случат секој ден.

Тоа не е јазик кој сите може да го разберат, но е вистинскиот. Додека одвреме-навреме се гледам себеси како копнеам да го слушнам неговиот глас и се прашувам како би звучел, пронаоѓам мир во сознанието дека го слушам тоа, само на наш начин. Пронаоѓам мир во верувањето дека еден ден тој прекрасен глас ќе го чуе сиот свет.

За љубов не се потребни зборови.

Извор



912

X