Во мојата психолошка практика со деца спортисти особен акцент ставам на позитивниот самоговор. Искуството во работа со детска спортска психологија досега ми покажало дека младите спортисти го занемаруваат делот за ментална подготовка како дел од нивната рутина за загревање. Непосредно пред секој натпревар, децата треба да имаат рутина што ќе им помогне ментално и физички да се подготват за натпреварот. Позитивниот самоговор треба да биде дел од нивната рутина пред започнување на натпреварот. Тоа се всушност здрави, позитивни и реални убедувања за себе како спортист.

На пример:
-Јас сум добар тимски играч.
– Добро комуницирам со мојот тренер и играчите во тимот.
– Не пропуштив тренинг оваа сезона, добро сум подготвен за овој натпревар.
– Моите нозе се моето најдобро орудие или моите раце се моето најдобро орудие.
– Го правам тоа што најдобро го знам.
– Мојот жар ми дава сила да дадам сѐ од себе итн.

Непосредно пред натпреварот или на самиот натпревар децата треба да одвојат две до три минути за да ги повторат овие позитивни изјави за себе. Нивната цел е да ја зголемат нивната продуктивност, квалитет, перформанс во играта и да ја одржат нивната ментална кондиција во моменти кога ќе настапат негативни размислувања, сомнежи или грижи. Во спортските сесии за овој ментален тренинг секогаш вклучувам симулации со помош на визуализација, на пример, да се видат себеси како одлично додаваат, шутираат итн., поткрепена со мотивирачка музика.
Пишува: Христина Стефановска, психолог и автор на литература за деца
912