Во еден сосема обичен разговор, прашањето на мојата тетка ми наметна нова тема за истражување. Разговаравме за деца и потоа следуваше: „Зошто децата што растат во исто семејство, во исти услови се сосема различни? Исти родители ги родиле, исти ги воспитувале и повторно се сосема различни“.

На момент навистина застанав, а потоа следуваше објаснувањето кое некако го ограничив на три деца како репрезентативен примерок кој многу убаво и лесно може да се преслика и на семејствата со повеќе од три деца.

1. Темперамент

Темпераментот е вродена предиспозиција која никој од нас не може да ја избере, а подоцна ни ја канализираат и насочуваат родителите преку надградување на нашиот карактер. Децата се толку различни, ако се, пред сè, поради темпераментот. Едното дете се родило да биде „мирно бебе“, тивко дете, послушно, не се расправа, дури и во ситуации кога можеби би требало да се „сврти и да одговори“. Другото дете е баш спротивно, родено како многу живо, она што „постојано бара внимание“, кое морало да ја отвори секоја фиока во дневната соба, знае да се расправа, налути и вика. Третото најчесто е некоја комбинација од првите две. И сето тоа има свое објаснување.

Се родиле со развиени способности да имаат одредени особини и способности повеќе отколку некои други, дали ги слушате – дали знаете кои се?

2. Вие никако не сте „исти“ родители

Панта реи – сè тече, сè се менува – секој ден без исклучок. Размислите, дали вие сте исти во улогите на родители кон првото, второто, третото дете? Не, тоа е невозможно и сосема е природно да биде невозможно. Кога се раѓа првото дете, и вие се раѓате повторно, баш тој ден првпат во улога на родител. Сè што е ново и непознато треба да се истражи, испита, провери, направи, погреши и научи. Баш така изгледа вашето прво родителство. Ќе признаете, најчесто е малку стегнато, плашливо, несигурно.

Да, денес постојат различни едукативни материјали на тема родителство, но да бидеме искрени, најмногу учите од лична пракса и тоа со онаа класична метода – по пат на грешки и погодоци.

Кога ќе видите дека нешто што сте направиле не дало соодветни резултати, следниот пат – променете го тоа. Во една серија слушнав реченица која ме насмеа, но мислам дека е најдобрата дефиниција за родителство:

„Го правиш она што мислиш дека е најдобро во тој момент и го молиш Бога да испадне како што треба!“

Сето она што сметате дека сте го згрешиле во воспитувањето на првото дете, го поправате при воспитувањето на другото дете. Сето она што сметате дека сте го згрешиле кај воспитувањето на првото и второто дете, го поправате во воспитувањето на третото.

Кога ќе се погледне ретроспективно „од балконот“, вашето прво и трето родителство немаат многу допирни точки. Постои тука и една техничка работа просто наречена рутина или пракса. Сте научиле нешто во улогата на мајка или татко првиот пат и сега веќе не е толку тешко, застрашувачко, непознато, стегнато и несигурно. Знаете во што се впуштате и пристапувате со помалку притисок и тоа прима друга „агрегатна состојба“ која дава различни резултати од самото воспитување, па потоа децата од исти родители баш многу се разликуваат.

3. Заземање на своите улоги

Можеби звучи малку строго и чудно, но вие сте најодговорни за првото дете. Вие сте единствен пример, оние во кои детето гледа, ги слуша и се впива. Првото дете дошло на една „целосно празна хартија“ и ги пишува своите улоги – најдобар ученик, добар фудбалер, мирно дете, успешна балерина, татина принцеза, мамин син…

Често во кругот на психолози и психотерапевти сум слушнала дека улогата на првороденото дете е и проклетство бидејќи ги одбира своите улоги, а сите се слободни, но расте под поголем притисок од родителите за разлика од своите браќа и сестри. Ако земеме за пример дека првото дете е девојче кое е мирно, добро, послушно, одличен ученик и татина принцеза, што мислите какво ќе биде другото дете? Сето она што првото не е, бидејќи тие улоги се веќе „пополнети“. Ете објаснување зошто често се случува едното дете во семејството да е многу фино, а другото проблематично, првото е одличен ученик, победник на републички натпревари, а другото не сака училиште, едвај го поминува одделението и се занимава со пишување графити.

Пораката гласи: Мораш да ме сакаш за она што сум јас, а не затоа што ќе ја имитирам својата добра сестра, бидејќи колку и да се трудам, таа улога е веќе нејзина.

„Тој е добар, расте, јас постојано го споредувам со постарото девојче, па до скоро умеев да кажам дека не е интересен како таа кога беше мала, но сфатив дека тој е интересен на свој начин“, гласеше реченицата на еден татко кој го слушнав на пракса – и да, прекрасно е што тоа го сфатив!
Првите деца често се и „трети“ родители на вторите деца и кога ќе го додадете тоа на вашиот различен пристап кон родителството и самото дете – тие никогаш не можат да бидат исти, а некогаш дури ни слични. Замислете го тогаш третото дете кое на самиот почеток има „пет родители“ и повторно еден сосема нов пристап на одгледување и воспитување, далеку поопуштен од порано. Тие често растат со најмалку притисок од страна на родителите, самите истражуваат и стануваат во најголема мера „она што треба да бидат“, бидејќи им е дозволено многу повеќе отколку на претходните деца кои го пробиле мразот за сите забрани и казни и го трасирале патот на третиот член за кого уште и се грижат бидејќи „тој/таа е мал/мала“. Секој ја одбира улогата што е слободна.

Да сумираме, тоа не се деца на „исти“ родители бидејќи како што велат: „Првото дете го бањавме во кадичка во спалната соба, другото над кадата или лавабото во тоалетот, а третото – ене го се бања самото“.

Автор: Кристина Вукомановиќ

Извор



912

X