За младите родители, љубовта од бабите и дедовците треба да биде додаток и поддршка, но конечните решенија за воспитување на нивните деца мора да бидат нивни

Огромна е важноста на бабите и дедовците во животот на детето. Тоа е потврдено со многу систематски истражувања во развојната психологија. Но, граница мора да постои. Ништо не може да ги замени родителите на детето, вели проф. д-р Марија Котевска-Димовска, психолог/психотерапевт од Битола. Со неа разговараме за влијанието и улогата на поширокото семејство и врз формирањето на детето и врз родителите. Котевска-Димовска едноставно вели:

– Баби и дедовци, уживајте во улогите на баба и дедо на вашите внуци, помогнете им на вашите деца, но имајте на ум дека тие се родителите!

Проф. д-р Марија Котевска-Димовска, психолог/психотерапевт

Столбови на мудрост и извори на емотивна поддршка

Според неа, да се биде родител е најубава, најодговорна и најскапоцена инвестиција во иднината. Во моментот кога се раѓа дете, се раѓа и желбата за добро родителство, зашто не постои ништо што носи поголемо задоволство од среќно и насмеано дете.

– Родителството е заеднички процес кој еднакво ги вклучува децата и родителите, но и другите од семејството имаат свои улоги, особено бабите и дедовците. Во денешното темпо на живот често се случува бабите и дедовците да поминуваат подолго време со своите внуци, додека родителите се на работа или зафатени со други активности. Затоа е значајно да се разјасни кој пристап е најефикасен за детскиот развој од гледна точка на сите три генерации – вели Котевска-Димовска.

Таа објаснува дека важноста на бабите и дедовците во животот на децата е потврдена со многубројни систематски истражувања во развојната психологија кои генерално ги покажува бабите и дедовците во позитивно светло (Смит и Дру, 2002). Тие исполнуваат значајна улога во развојот на детето зашто ги сакаат своите внуци со безусловна љубов. Како столбови на мудрост и извори на емотивна поддршка, тие можат да дадат многу забава, стабилност и мудрост. Емоционалната приврзаност на децата кон бабите и дедовците е втора најинтензивна емотивна врска што децата ја развиваат по нивните родители (Булјан, 2004).
– Позитивните ефекти на бабите и дедовците врз социјалниот, емоционалниот и психолошкиот развој на детето помагаат во подигнувањето среќни деца – вели Котевска-Димовска.

Преголемата вклученост има и слаби страни

Сепак, овие благодати се возможни само ако се задоволени одредени предуслови, кои се однесуваат на умерена вклученост која зависи од возраста на детето и која не ја презема улогата на родителот. Според Котевска-Димовска, бабите и дедовците можат да им дадат оптимална помош на родителите, но мора да акцентираме дека тие не се замена и не се исто што и родителите. За младите родители, љубовта од бабите и дедовците треба да биде додаток и поддршка, но конечните решенија за воспитување на нивните деца мора да бидат нивни. Преголемата вклученост на бабите и дедовците во воспитувањето на децата значи премала вклученост на родителите, а тоа може да има слаби страни. Тие можеби ќе ги разгалат внуците малку повеќе, ќе уживаат во нив, но треба да споделуваат поинакви пристапи за нивните родители.

– Тие веќе ја исполнија најубавата и најтешка животна улога на родител, и сега е време за еднакво убава, но малку опуштена улога на баба и дедо. Баби и дедовци, уживајте во улогите на баба и дедо на вашите внуци, но покажете им на своите деца дека верувате во нив и со тоа ќе го зајакнете нивното родителство. Родители: Охрабрете ги односите на децата со бабите и дедовците, заблагодарете се за помошта, но примарната одговорност и конечните одлуки во врска со родителството се лично ваши. Обидете се да не гледате на вашето детето како да е скапоцен камен, туку трудете се тоа да стане! – советува Котевска-Димовска.



912

X