Емоционална писменост значи препознавање на сопствените чувства, како и чувствата на другите луѓе, што е тоа што ги предизвикува, но истовремено и управување со емоциите, односно знаење како, кога и каде да ги искажеме своите емоции

Со емоционална писменост можеме да ја подобриме соработката со другите луѓе, односно да научиме како да ги користиме емоциите за тие да работат во наша корист. Разбирањето на туѓите чувства и согледувањето на проблемот од различни перспективи овозможува подобро разбирање меѓу луѓето, а со тоа и можност за ненасилно решавање конфликтни ситуации. Оваа способност не е иста кај секого. За добро да се совладаат вештините на емоционалната писменост, важно е да се започне што порано, уште во детството. На пример, малите деца кои не располагаат со доволен фонд на зборови, нивното незадоволство, љубомората и другите чувства ги искажуваат преку нивното поведение. Па, како што растат, така им се зголемува вокабуларот и ќе можат да ги опишат своите доживувања и чувства.

Улогата на родителите е клучна во формирањето и развојот на емоционалната писменост кај децата. Сите ние сме модели за нашите деца, во секој контакт и интеракција со детето ни е дадена можност да му покажеме и да го научиме на емоционални вештини. Важно е да се запамети дека децата учат повеќе гледајќи што правиме. Сепак, не треба да се плашиме од грешките ако знаеме како да учиме од нив. На овој начин им покажуваме на децата дека може да доживеат и неуспех, како да се справат со него и како да почнат од почеток.

Како можат родителите да помогнат во развивањето на емоционалната писменост кај децата?

• Научете ги да ги препознаваат емоциите. Забележете како се чувствува детето во одреден момент и прашајте го да ги именува своите емоции. Добро е да создадете емоционално стимулативна материјална средина која ќе ги поттикне децата да ги искажат своите чувства, на пример: изработете „кутија полна со чувства“, за почеток со четирите основни емоции (радост, тага, лутина, страв); игри со изрази на лица (заедно со детето изработете картички на кои ќе означите разни емоции, сложувалки, пантомима на емоции, драматизација со кукли…);

• Многу е важно да им дозволите на вашите деца да се чувствуваат непријатно, да ги известите за тоа дека и стравот, и гневот, и бесот се нормални чувства кои не треба да се потиснуваат, секоја непријатна емоција е можност да се научи како да се справи со неа.

• Следен степен на емоционална писменост е кога детето е способно својата емоционална состојба да ја поврзе со одреден настан или мисловен тек. Тогаш тоа е способно да размислува за ситуацијата така што ја преиспитува било самата ситуација било својата емоционална реакција. Дајте им на децата едноставни и јасни објаснувања за тоа како другите луѓе се чувствуваат кога се тажни или повредени. Ова е особено важно ако детето предизвикало такви чувства кај други деца (на пр., кога му зема играчка на друго дете). Кога ќе се случи вакво нешто, разговарајте и објаснете му како се чувствува другото дете. Како примери може да послужат херои од бајките, сликовници или примери за живот кои на едноставен начин ги пренесуваат меѓучовечките односи, вредности и чувства. Со анализа на постапките и чувствата на херојот (тага, радост, гнев, повредување, разочарување, фрустрација …), децата забележуваат суптилни емоции и почнуваат да се соживуваат со ликовите.

• Детето мора да се чувствува како безбеден и важен член на семејството. За да биде сигурно, родителите не смеат да го осудуваат, постојано да го критикуваат, да го исмеваат и да го понижуваат. Нивна задача е да го поддржат, да имаат доверба во неговите постапки и да покажат верба во него. Емоционално безбедна средина обезбедува поддршка за детето. Тогаш родителите потврдуваат дека постојат чувства и отворено зборуваат за нив. Емоционалната искреност е поддржана со прифаќање на детето и безусловна љубов.

Социо-емоционалниот развој може да биде предуслов за снаодливост, успех на детето и унапредување на други области на развој:

• полесно остваруваат пријателства во кои се чувствуваат задоволни;
• имаат поголем успех и задоволство во училиштето и во социјалните ситуации (училишни и вонучилишни);
• поодговорни се кон себе и кон другите;
• подобро ги разбираат различните човечки перспективи (како е да се биде во туѓа кожа);
• имаат повисоко ниво на самодоверба и самопочит;
• способни да се спротивстават на притисокот од врсниците, подобро ги решаваат конфликтите;
• тие се помалку склони кон насилство и ризично однесување.

И за крај, емоционалната писменост и работата на психолошкиот имунитет се клучни фактори за надминување на сите кризи, вклучително и овие за време на пандемија на коронавирус. Децата се една од најчувствителните групи на примачи на медиумски пораки, пораки од возрасните и затоа секојдневната работа со нив, соработката меѓу родителите и стручните соработници во градинките и училиштата е неопходна со цел разбирање и реагирање на информациите на правилен начин.



912

X