Воспитување

Родители, ве манипулираат учениците? Еве како да се справите…

Сака доцна да оди во кревет, ги избегнува домашните задачи само за да биде по цел ден со другарите, да гледа ТВ или да игра игри на компјутерот. Накратко, вашиот ученик сака да прави сè освен да оди на спиење во нормално време и да ги работи домашните како што треба. Дополнително, секогаш наоѓа „паметни“ причини да биде по негово.
Според докторот по психологија Давид Свонсон, ова се шесте најчести начини на кои учениците манипулираат со родителите:

1. Емотивно уценување

Ситуација: „Само да ги погледнам новите епизоди, па потоа ќе ја направам домашната задача. Зошто никогаш не смеам малку да се разонодам пред да ги работам задачите? Тебе не ти е грижа за мене!“
Што да правите: ваков емотивен испад е или манипулација или детето е тажно и налутено. Без оглед за што се работи, дајте му до знаење дека разбирате како се чувствува и дека се грижите за него, но останете на вашето барање. Емоциите се дел од животот.

2. Исклучување

Ситуација: Детето ќе се обиде да го избегне соочувањето со проблемот, како што е на пример одењето во кревет во текот на работната недела, така што едноставно нема да ви одговара на вашите обраќања. Вие му велите да го изгасне телевизорот, а тоа не се помрднува следните десет минути. Ова ќе трае сè додека не го спречите тоа!
Што да правите: „Ако не го исклучиш телевизорот во рок од 5 минути, утре нема гледање ТВ“. Постапете на тој начин.

3. Ирационална логика

Ситуација: „Зошто морам да одам во кревет пред 23 часот во текот на школската недела? Минатата година ги имав сите петки“.
Што да правите: Не наседнувајте на мамката. Воопшто немојте да трошите енергија на објаснување дека едното нема врска со другото. Бидете истрајни во своите барања.

4. Преговарање

Ситуација: „Дозволи ми да одам кај Ана после училиштето и ветувам дека ќе ја направам домашната задача!“
Што да правите: Кажете му на детето дека знаете дека му треба време за играње, но сè уште не го заслужило. Ако го исполни својот дел од задачата (завршување на домашната), може да смета дека заслужило и време за играње.

5. Изигрување жртва

Ситуација: „Јас сум единствената личност во куќата што не смее да гледа филм во текот на неделата“.
Што да правите: Морате да ја одвоите емоционалната конотација од која било краткорочна цел што детето се обидува да ја оствари. Наведете го детето да ви раскаже како изгледа и како се чувствува како „единствена личност“ и ставете му до знаење дека се грижите за неговите чувства. Краткорочната цел на детето (да биде будно до доцна) е одвоена тема и не е поврзана со емоциите. Не попуштајте му.

6. Раздели, па владај

Ситуација: „Но тато ми рече дека смеам да го гледам натпреварот со него ако ја работам домашната задача за време на рекламите“.
Што да правите: Прво разговарајте и однапред договорете се со својот партнер какви видови одлуки ќе споделувате (на пример, домашни задачи, џепарлак, социјални активности), а потоа или консултирајте се со него или приклонете му се, односно попуштете. Ако проблемот спаѓа во сивата зона, кажете му на детето дека ви треба време прво да размислите.

Поврзани написи

To top