Овие денови решавањето равенки и дропки не е толку суштинско како согледувањето на реалноста и сфаќањето на животот, вели психотерапевтот Пендароски

Колку е важно наставниците да одржуваат контакт со децата за време на наставно-образовниот процес користејќи онлајн-комуникација? Како да им помогнеме на децата да не бидат збунети и да соработуваат со родителите во реализирањето на наставата? Ова се дел од прашањата што се обидовме да ги одговориме заедно со психологот, психотерапевт и универзитетски професор Мирослав Пендароски.

Учениците ќе ја разберат убавината на училиштето

Авторитетот на наставникот и на самото училиште како институција и тоа како недостигаат периодов. Пендароски вели дека во вакви моменти можеби и самите ученици подобро ќе ги разберат важноста и убавината на училиштето и на школувањето.

– Жал ми е што во вакви тешки времиња родителите мора да изигруваат наставници, што не е во ред, но во променетиве околности и тоа е добро. Никогаш родителот не може и не треба да го замени наставникот и обратно, наставникот никогаш не е, нема и не бил родител и не треба да биде! Во луди и налудничави времиња улогите се драстично променети и почнува да важи правилото на неопходното и – „снајди се како знаеш и умееш“. Продолжете да работите со детето, полека и тоа самото ќе разбере што е суштинското во сето ова. Ваквите тешки времиња ни покажуваат и колку и дали образовниот систем е гломазен, тежок, долг и исцрпувачки или не е адекватен на една реалност во која современите деца живеат. Во овие денови сфаќаме сите како одеднаш сѐ што сме сметале за важно станува тривијално наспроти стравот за сопствениот живот и општиот поглед кон неизвесната иднина. Можеби сето ова ќе нѐ научи и нешто да промениме по долги години во нашето образование. Овие денови решавањето равенки и дропки не е толку суштинско како согледувањето на реалноста и сфаќањето на животот! – вели професорот и додава дека е добро што барем приватните часови по јазици се одржуваат, а секако и по други проблематики и курсеви што го дозволуваат тоа.

Менталното здравје е најважно

Колку е важно периодов да го сочуваме менталното здравје на децата и сопственото (на родителите) за да се справиме со сите предизвици што изолацијата ќе ни ги донесе? Дали можеби е поважно да го зачуваме менталното здравје на децата и на возрасните, повеќе отколку што е важна наставната програма. Според психотерапевтот, најмалку е важно колку ќе пропуштат.

Проф.Мирослав Пендароски

– Сѐ што се учи може да се доучи, приучи, донаучи, само животот и здравјето кога ќе се начнат, тешко зацелуваат! Можеби ќе звучи многу надмено кажано од психолог, но менталното здравје е најважно! Погледнете, ако ние немавме свест, емоции, разбирање, мисли и осет, не ќе го чувствувавме сето ова како опасност! Ако не постои рационалното и здраворазумско, стамено и реалистично гледање и перцепирање на нештата во вакви времиња, тогаш залудно е да ни се врати секојдневието ако ние ништо не сме научиле. Секоја криза има свои ефекти, како и грешките – или по нив стануваш попаметен и не ги повторуваш или остануваш глупав и ништо не си научил. Прашањето е што ќе научиме од ова, колку ќе станеме подобри луѓе, какви лекции на следните генерации ќе им пренесеме и конечно, дали ќе научиме да го цениме тоа што го имаме повеќе. Менталното здравје на родителите е и ментално здравје на децата и обратно. Сѐ на овој свет е системско, па и семејството, ако родителот не е психички стабилен и разумен, тогаш како ќе очекуваме детето да се чувствува различно?! Се разбира дека е природно да се чувствува страв во вакви денови, тоа е природно и здраво. Една наша поговорка вели – Страв лозје чува! Сепак, ако стравот продолжи и откако ќе помине опасноста, тој станува парализирачки фактор и негативна консеквенца која го ограничува нашиот живот.



912

X