Третоодделенците со години немаат учебник по општество. Учебник по овој предмет нема ниту во листата со учебници што се очекува децата да ја добијат до крајот на првото полугодие, ниту, пак, е на листата со учебници што сè уште се во фаза на одобрување. Деца.мк се заинтересира што е проблемот токму со овој предмет.

Според Бирото за развој на образованието, кое е задолжено, меѓу другото, за изготвувањето на наставните програми, во наставната програма донесена во 2014 година, за предмет, во делот на дидактички препораки од наставната програма, е предвидено наставникот да користи повеќе наставни средства, меѓу кои и учебник.

Во петто одделение децата се среќаваат со првиот учебник по општество

Родителите се чудат од што учат нивните деца. Се обративме до Педагошката служба, која е надлежна за учебниците и оттаму ни одговорија дека за сите учебници за кои имаат добиено наставни програми објавиле конкурс за нивна изработка.

– Согласно законските обврски, Педагошката служба објавува конкурс за изработка на учебник по доставување наставни програми од страна на Бирото за развој на образованието. За сите учебници за кои имаме добиено наставни програми имаме објавено конкурс за нивна изработка. За предметите за кои не се предвидува учебник, како што е општество за трето одделение, одлука носи Бирото и можеби е добро да се обратите до нив за одговор на ова прашање – стои во одговорот.

Во меѓувреме наставниците користат прирачници, им диктираат на децата или им даваат наставни ливчиња.

Од Бирото за развој на образованието појаснуваат повеќе за наставната програма по општество за трето одделение.

– Во наставната програма се дадени голем број предлог-активности во согласност со потребите на учениците и актуализација на наставата. Поставените цели од програмата се реализираат во наставниот процес во училиштето, а се организираат излети и разгледување на непосредната околина. Наставникот користи и работилници од програмата и прирачникот за образование за животни вештини. Бирото за развој на образованието за учебната 2018/2019 година изготви Прирачник за наставата по предметот општество со многубројни работилници врз основа на наставната програма, кој се користи од наставниците и притоа не е доведен во прашање квалитетот на наставата по општествo – објаснуваат од Бирото.

Оттаму додаваат дека со новите реформи во деветгодишното основно образование, измените на Концепцијата за деветгодишното основно образование, изготвувањето на новата концепција за учебници и изготвувањето национални стандарди во образованието ќе дојде до промена на наставниот план и наставните програми, а со тоа ќе се утврди и потребата од учебници по одредени предмети.

Во тековната учебна година и четвртоодделенците немаат учебник по општество, но нов учебник е во постапка на одобрување.



912

X