– Го променив за Евгенија крајот на „Црвенкапа и волкот“.

– Како мислиш го промени?

– Па, реков дека бабата направила посебен вид колач од кој волкот се подобрил, па таа, волкот и Црвенкапа на крајот станале добри пријатели. Ми изгледаше страшно да ѝ кажам дека волкот ја изел бабата.

Овој дијалог навистина се случи пред 5 години кога мојата ќерка и Евгенија одеа во градинка. Со чудење ја гледав мајката на Евгенија затоа што јас на ќерка ми Анѓелија секогаш ѝ ги читав бајките така како што се напишани, односно преведени. Знаеше дека волкот, Гаргамел, маќеата на Пепелашка, Капетан Кука, Али-баба и слични се негативни ликови. И во приказните и во цртаните филмови.

Кога слушнав дека е страшно што волкот во еден момент ја изел бабата, се сетив на мојата професорка по книжевност која на студентите пред 10 години на часот по методика им зборуваше дека постојат предлози нашата народна книжевност да се интерпретира поинаку. Односно, да се отфрлат „страшните сцени“, на пример во „Ѕидањето на Скадар“, кое се обработува во петто одделение и каде што се опишува како млада жена е соѕидана во основата на кулата, а ѝ ја оставаат дојката за да ги храни децата. Нашата студентска реакција беше смеа: „Тоа е невозможно, бесмислено, лажно“. Сега се смеам кога ќе се сетам на нашите реакции бидејќи излегува дека не е невозможно.

Не само што запознав мајки кои ги менуваат краевите на бајките, туку и компанијата „Дизни“ решила да ги менува своите класици. На почетокот на „Дамбо“, „Петар Пан“ и „Книга за џунглата“ се прикажува предупредување: Оваа програма содржи негативни описи за луѓето и културата. Во соопштението на „Ворнер брос“ се наведува дека компанијата сака сите да ги препознаат „негативните влијанија што треба да се уочат и што треба да поттикнат на разговор“. Ќе ви наведам само некои од содржините на кои предупредува „Дизни“.

Во „Мачките аристократи“ спорен е мачорот кој е прикажан како Азијат и кој на пијано свири со дрвени стапчиња! Во „Дамата и скитникот“ проблематични се двете сијамски мачки поради „антиазиски стереотипи“. За чивавата Педро и рускиот крт Борис, од истиот цртан филм, се вели дека негативно ги портретираат Мексиканците и Русите. Ликот на кралот Луј од „Книга за џунглата“ е прикажан како мајмун кој не е вешт со јазикот, пее џез и е мрзлив, па творците на „Дизни“ неодамна навеле дека ѝ се извинуваат на публиката поради „расистичката карикатура на Афроамериканците“.

Дали поради сабјите и боздоганите станавме насилни и почнавме на училиште да носиме ладно оружје

Слично е и со „Петар Пан“ бидејќи познатата песна „Што го прави црвениот човек црвен“ е изменета во „Што го прави храбриот човек храбар“. Има уште многу примери, а образложението за сите гласи: „Спорните содржини не ја прикажуваат денешната состојба во општеството, туку се емитуваат како што биле првобитно направени, бидејќи во спротивно, би било исто како кога би се тврдело дека овие предрасуди никогаш и не постоеле“. Што значи тоа? Дека сепак не е неверојатно оти некој еден ден можеби ќе реши да предупреди и на бајки, како и на народната епска поезија во училишната програма?

Инцијативите веќе постојат, а најчесто се наведени 2 образложенија: постојат содржини кои промовираат „беспотребно сурово насилство“ и „родови стереотипи“. Има уште многу примери и не се задржуваат само на јунаците, туку и на училишниот материјал каде што главна забелешка е „етничкиот стереотип“, за мрзливиот и превртлив „Циган“ или „не баш паметниот“ Мујо.

Читајќи ги предлозите, наши и од „Ворнер брос“, не можев а да не се запрашам како мојата учителка во основно би реагирала ако ѝ замерев што за контролен тест од нас бараше да учиме непознати зборови – на пр., што е топуз и балчак. И дали поради сабјите и боздоганите станавме насилни и почнавме на училиште да носиме ладно оружје. Не се сеќавам некому да му пречело што во „Ѕидање на Скадар“ на младата жена ѝ останале градите несоѕидани за да може да ги храни децата. А порано, пред училиште и лектирите, не се сеќавам дека некој плачел поради „суровост“ во цртаните и во бајките. Можеби имало деца што се бунеле и барале промени. И тоа е во ред. Но, јас такви не познавам.

Какви генерации пораснаа со бајката во која волкот ја јаде бабата (всушност, доброто победува на крај и бабата и Црвенкапа се спасени), а какви се генерациите на кои сакаме да им прикажеме дека злото не постои?

Но… Знам дека медиумите се полни со текстови за раст на врсничкото насилство кое е „побрутално од порано“. И не само тоа. Сè повеќе се пишува за вирутелно насилство. Сите слушнале за самоубиства на малолетници. Сите го играле предизвикот на „Тик Ток“ – издржи што подолго без воздух. И некои се задушиле. Дали е тогаш проблемот во содржините на класиците, домашни и странски, филмови и книги или нешто друго? Какви генерации пораснаа со бајката во која волкот ја јаде бабата (всушност, доброто победува на крај и бабата и Црвенкапа се спасени), а какви се генерациите на кои сакаме да им прикажеме дека злото не постои? Како и предрасудите.

И навистина ме интересира дали некој кај сијамските мачки во „Дамата и скитникот“ видел исмејување и повреда на правата на Азијатите! Исто се прашувам и за правата на Афроамериканците во „Дамбо“ и „Петар Пан“.

А кога се работи за народното богатство, во што ги вбројуваме и вицевите (умотворба која е главно заснована на стереотипи), не можам да се сетам дали некој некогаш зборувал за повреда на правата на полицајците, русокосите жени, Мујо, Хасо, Американците и Германците, или пак сите слатко се смееле.

Автор: Марина Благојевиќ

Извор



912

X