Таа веројатно не знаеше дека отидов дома и плачев за неа додека лежев во кадата. И веројатно нема да знае дека сè уште мислам и пишувам за неа

Во работниот ден акушерката Шели Лопез Греј се соочува со милион чувства – од среќа и радост при донесувањето нов живот на свет до болка и тага кога сè ќе тргне наопаку. На својот блог Adventures of a Labor Nurse таа сподели еден таков тежок ден и ѝ напиша емотивно писмо на мајката што го изгуби бебето.

Тој ден имаше многу работа. Неколку часа пред промена на смената, загрижена млада мајка дојде на преглед зашто не можела да ги почувствува движењата на своето бебе речиси 12 часа. Сите кревети беа зафатени, па моравме да ја сместиме во салата за породување. Кога не можев да ги најдам отчукувањата на срцето на бебето, имав толку многу работи што сакав да ѝ ги кажам, но не можев. Не беше вистинското време.

Ова сакав да ѝ го кажам:

– Не ми требаше многу да сфатам дека не треба повеќе да ги барам отчукувањата на срцето на твоето бебе. Не можев ништо да ти кажам, иако сакав. Морав да го почекам твојот доктор да ти ги пренесе вестите. Се надевав дека не е далеку и дека набрзо ќе дојде.
– Во моментот кога престанав да ги барам отчукувањата на срцето, знаев дека сите твои сомнежи се потврдија, иако ниедна од нас не кажа ни збор. Твојот сопруг сè уште не беше толку загрижен зашто не беше тој оној што почувствува дека движењето исчезна. Ги одбирав зборовите многу внимателно: „Бидејќи не можам да ги најдам отчукувањата на срцето на твоето бебе на екранот, одам да најдам некој што ќе направи ултразвук. Исто така, ќе го побарам и твојот доктор. Дали ме разбираш?“ Очите ти беа полни со солзи, но не плачеше.

– Кога излегов од твојата соба, се молев да не сум во право. Кога стигнав до телефонот, секоја сестра во собата ме праша дали успеав да ги пронајдам отчукувањата на срцето. Кога им одговорив одречно, цела соба потона во тишина.
– Кога му се јавив на твојот доктор, слушнав кнедла во неговото грло. Не ни требаше да ми каже, знаев дека во моментот ќе го остави тоа што го работи и дека ќе дојде право во болница.

– Кога се вратив во твојата соба, твојот сопруг те гушкаше и плачеше. Ти кажав дека докторот тргна кон болницата. Многу му бев благодарна на твојот сопруг што беше покрај тебе, што те разбираше и се трудеше да те утеши.
– Кога ултразвукот потврди сè што веќе знаевме, плачеше тивко, а твоето семејство плачеше хистерично. Обично е така. Ти нема да плачеш хистерично сè додека не го родиш своето бебе и не го видиш со свои очи.
– Во вакви случаи при породувањето, како акушерка, се надевам дека бебето не било долго време мртво. Сакам да се сеќаваш на него онакво какво што било: совршено, тивко, мирно.
– Ќе сакаш да ја знаеш причината, но веројатно нема да ја добиеш. А и ако ја дознаеш, нема да ти биде полесно.
– Дури и да дојдеше во болница во истиот момент кога престана да ги чувствуваш неговите движења, ќе беше предоцна. Немој да се обвинуваш себеси за што било што не си направила или што си можела да направиш.

Не плачев пред пациентката. Ја гушнав и ја бакнав на главата, ѝ донесов крпи и ѝ помогнав да се избања. Потоа ставив дополнителни перници на нејзиниот кревет за да ја подготвам за индукција. Не чувствував дека постоеја вистински зборови што би можела да ги кажам во тој момент.

Таа веројатно нема да се сеќава дека ја милував по раката додека докторот ги потврдуваше нејзините стравови. Таа веројатно нема да се сеќава дека на нејзиниот сопруг му реков да се јави кај нејзината мајка. Таа веројатно не знаеше дека отидов дома и плачев за неа додека лежев во кадата. И веројатно нема да знае дека сè уште мислам и пишувам за неа.

Таа вечер го зедов син ми в прегратка и го опсипав со бакнежи. Се пикнав во креветот на ќерка ми и ја прашав каков ѝ беше денот. Раскажуваше до недоглед за сè, сè додека не заспав заедно со нив, благодарна што се до мене.
Се надевам дека секоја мајка на светот што е скршена од тишината по престанокот на отчукувањето на срцето на нејзиното бебе – знае дека и нашите срца се скршија дента кога дојде да го роди бебето со кое нема да излезе од болницата.
И секојпат кога ќе видам пациентка како си заминува со празни раце од болницата, ги затворам очите и се надевам дека повторно ќе се сретнеме и дека тогаш сите ќе можеме да славиме.



912

X