Како родител, нормално е да се чувствувате како нешто да не е во ред кога искусувате друго чувство освен радост во целиот тој процес. Уште поголем предизвик е кога во време на пандемија некои мајки и татковци го сносат товарот на родителството сами, без поддршката од поширокото семејство. Наоѓањето поддршка во овие моменти е многу важно, но што се случува кога оние околу вас не ги забележуваат вашите грижи и наметнуваат ведар пристап кон секој предизвик?

Иако може да биде добро да се остане оптимистичен за иднината, некогаш едноставно е потребно некој да ве ислуша. Кога пријателите и семејството инсистираат да останете позитивни во време на предизвикувачки проблеми, може да ви биде уште потешко да се справувате.

Кога овој ведар пристап едноставно ќе ви стане премногу напорен, тоа е појава позната како токсична позитивност.

Ова се случува кога оние што ви се блиски го одбиваат, одрекуваат или минимизираат вашето соочување со стрес или негативност во животот.

Токсичната позитивност е, исто така, карактеризирана и со прекумерна генерализација и охрабрување среќни емоции низ сите области од животот. „Токсична позитивност е верување дека индивидуата мора да постави позитивен став кон искуствата иако тие му влијаат негативно и длабоко. Детето, на пример, може да дојде дома со приказна за врсничко насилство или социјална исклученост, па наместо да покажете емпатија и да обезбедите безбеден и неосудувачки простор каде што ќе се истражува влијанието од настанато, вие одговарате со став дека тоа е во ред и дека детето ќе создаде нови и подобри пријателства“, вели Лиен Лори, клинички психолог од Парктаун, Јоханесбург.

Токсична позитивност во родителството

– Токсичната позитивност, всушност, го инвалидизира вашето право да чувствувате што било друго освен среќа и радост. Опасноста од токсичната позитивност во родителството е тоа што не прави ништо за да се создаде емоционална интелигенција кај детето или отпорност, туку креира понатамошен срам околу чувствувањето тешки емоции и искуства. Исто така, не му се обезбедува на детето потребниот простор за да процесира одредено чувство, што доведува до потиснување на емоциите и несоодветно справување со нив – заклучува Лори.

Чувство на несоодветност

Лори вели дека токсичната позитивност може да ги натера мајките да се чувствуваат како да не се соодветни како родители ако не израснат супер совршено и среќно дете.

– Може да искусуваат депресија, анксиозност и да се обвинуваат себеси во однос на тешкотиите со кои се соочуваат нивните деца. Но, иако има милиони книги за родителството, не се случува двајца родители да ги искусуваат работите на ист начин – вели Лори.

Поддршката што им е потребна на мајките

– На мајките треба да им се даде безбеден простор во кој ќе биде во ред да не се чувствуваат совршени. Потребна им е поддршка од други жени кои не се плашат да признаат дека животот не е секогаш сонце и рози – вели Лори.

Таа додава дека ако мајките добиваат емоционална валидизација и си ја даваат на себеси, тогаш се далеку поопремени да го обезбедат тој простор и за децата, негувајќи ја способноста да ги идентификуваат сопствените емоции и да ги подготват децата со вештини кои ќе им бидат од корист во однос на ефикасно справување со стресните животни ситуации.

Автор: Атенкоси Мденде

Извор



912

X