Пред мајчинството моите пријателства секогаш без одраз на 23-годишната јас. Имав голема група на пријатели – сите луѓе со кои можев да излезам, да одам на кафе и да се дружам без некоја посебна најава. Никогаш немав проблем со создавање пријателства и каде и да бев, секогаш се запознавав со некого бидејќи сум таква – друштвена.

Неодамна сфатив дека тие пријателства биле јасен показател на моите приоритети: уживање во животот и забава. Тоа има смисла за тој период од мојот живот, со оглед на тоа дека бев сама.

Но, откако тоа се промени и откако дознав дека сум бремена, почувствував голема промена во тие односи. Со исклучок на моите најдобри пријателки и неколку други со кои практично пораснав, набрзо сфатив дека сите тие луѓе што ги нарекував „пријатели“ всушност не припаѓаат на тој опис.

И додека тие продолжија и понатаму да ги посетуваат сите возбудливи настани и да патуваат на возбудливи дестинации, јас бев дома, со утрински мачнини и исцрпена. Повиците и пораките почнаа да стануваат сè поретки, но сето тоа се случи во моментот кога моите вистински и доживотни пријателства почнаа да сјаат повеќе од кога и да е. Токму тоа е време кога сите тие долгогодишни пријателства поминуваат низ тест и кога почнав да ги ценам вистинските односи што сум ги имала. Рано во мајчинството, моето време и енергија беа примарно насочени и потрошени на воспитување на малото живо суштество. Одеднаш сите работи што некогаш ми беа важни почнаа да бледнеат и копнеев по пријатели кои ќе ме разберат и со кои ќе можам да се поистоветам.

Помислата на драма или разговори станаа изразено непривлечни и некако станав многу посвесна за луѓето што ги пуштав во својот свет. Копнеев по друга мајка со која ќе можев да се поистоветам и која ќе можев да ја прашам „дали е ова нормално“ без да ме осудува. Некој што ќе ме разбира. Со оглед на тоа дека со мајчинството на некој начин созреваш, мислам дека е природно да се стремиш кон оние што имаат слични чувства. Сакаме и треба да се поврземе со другите што поминуваат низ слично искуство како нашето.

За да не се чувствуваме сами.

За да се чувствуваме нормално.

За да се чувствуваме признато и вредно.

Овие денови бројот на моите пријатели се проретчи, но тие неколку се вредни. Жените што седат со мене на маса се многу повеќе од пријателки. Плачеме, се смееме, си помагаме една на друга и се поддржуваме меѓусебно.

Тие жени ми праќаат порака или ми се јавуваат само за да ме слушнат и да прашаат како сум. Тие жени ми носат кафе без посебна причина. Тие жени ми овозможуваат време за себе. Тие жени му даваат првенство на нашето пријателство за да ги продлабочат нашите односи. Тие жени се обединуваат кога на некоја во групата ѝ треба помош. Тие жени ги споделуваат своите приказни со мене – добри, лоши, моменти на славење и моменти на борба во мајчинството. Тие жени се како мои ѕвезди водилки, ми даваат совети и ме инспирираат. Тие жени поминуваат низ еднакви предизвици и преплавувачки емоции поради одгледувањето деца и затоа ме разбираат.

Разбираат кога заборавам да одговорам на порака и разбираат кога сум премногу изморена за да одам на јога. Тие жени се моето село, моето семејство и тие ме научија како изгледаат вистинските пријателства.

Автор: Рејчел Гортон

Извор



912

X