Едно од многуте лета кога сите пријатели и кумови, бидејќи семејство и немам, беа кај нас во викендица, кога кумата подготви прженици за појадок. Ме праша дали ми се допаѓаат, а јас, јазичар и случајно искрена, повеќе приврзана и пристрасна, реков дека татко ми ги прави подобро. „Па тогаш, татко ти нека ти направи“; рече таа суетно. Одлучив дека ако го нема тато, нема веќе ни прженици.

Испржен леб, натопен со јајца, веќе никогаш нема да јадам. Да излезам и да се покријам со ќебе и да пијам кафе на клупата пред куќата, веќе никогаш нема да го направам тоа.

Ти простувам. Си простувам себеси што не го свртив добро познатиот број, бидејќи не смеев.

Ти простувам што морав да бидам силна.

Ти простувам што знаев дека не би сакал да плачам, па гледав како луѓето се простуваат од тебе со загризан јазик. Бидејќи да заплачев, не ќе знаев да престанам.

Ти простувам што станав емотивно осакатена.

Ти простувам што на 22 години ми е здодевно. Таткото и мајката, кога многу работат за на тебе да ти биде добро, често не се дома. За тоа време се трудиш да знаат за што работат. За тебе. Па додека се дома, ти им кажуваш сè што си правел.

Ти простувам што не беше тука, па кога беше, се обидував да бидам најуспешна, најдобра. Секој следен пат, сè повеќе. Затоа и ми е здодевно.

Ти простувам што знам и со пари и без нив.

Ти простувам што можам да преживеам сè, добро сте ме научиле да имам 40 години на 20.

Ти простувам што сум смотана за „нормални работи“. Бидејќи јас не знам да се справам со едноставни работи, тие ме збунуваат. Можам да проживеам и преживеам секакви животни катарзи, но не знам што да правам кога ќе ми пукнат хулахопките во автобусот до факултет.

Се сеќавам дека првиот пат дојде по мене на забава. Седеше покрај некоја пијана девојка, обидувајќи се да дознае каде живее за да ја однесе. Беше сосема избезумен, бидејќи не можеше да ѝ помогне. Направи уште мали милион работи за луѓе. Им беше потребен, а тогаш кога и тие нему му беа потребни – беа тука. Чудно е кога зборувам со неговите пријатели од детството, колку им е тешко, па едвај зборуваат за него. Веројатно ја имам таа себична црта да не сфаќам дека тој не бил само мој татко, туку и пријател, брат, кум и маж. Имал многу улоги, а сепак улогата на татко изгледа му била најлошо одиграна. Не затоа што бил лош татко, туку затоа што не ја одигра докрај. Ќе ги пропушти најубавите моменти од мојот живот, оние во кои ми е најпотребен. Не се важни вечерите во 3 часот наутро и доаѓањето по мене кога ме боли трепката и не можам пешки од училиште или работа до дома. Не верувам во бракови, свадби и обичаи. Сега особено, бидејќи нема кој да ме испрати. Каде ќе бидеш кога сè ќе биде убаво? Каде ќе бидеш кога мама нема да може повеќе? Зошто моето дете, како ни јас, нема да има дедо?

И тоа ти го простувам. Но, не се простувам и нема да им правам на децата пржени лепчиња.

Автор: Дуња Петковиќ

Извор



912

X