Воспитување

„Тешко е да бидеш мајка кога не можеш да се потпреш на сопствената“

Може ли мајката навистина да ви биде најдобра пријателка?

Некои мои пријатели и членови на семејството тврдат дека тоа е можно. Во најмала рака, мајките ги сметаат за личности со кои се најблиски. Некој на кој може да му се обратат за што било. Се прашувам какво е чувството.

Мора да е убаво да се има некој што можете да го повикате кога имате напорен ден и кога ви е потребен некој убав збор. Или кога имате кај кого да отидете дома и знаете дека ќе добиете утешителен оброк и прегратка. Сигурно место во кое не постојат осуди и негативности, само безусловна љубов. Не знам како е, но понекогаш сум тажна. Имам мајка тука на Земјата, и таа е во мојот живот, но нашиот однос е дистанциран – потребна мерка за моето срце да остане недопрено. Бескрајно сум заглавена во дилема помеѓу желбата да ја отстранам мајката од мојот живот – жената која се молела за мене и ме носела во својата утроба – за да го спасам моето ментално здравје и да верувам дека ќе станам мајката за која се молам – топла, позитивна и полна со љубов. Мојата реалност е дека веројатно нема да се случи ни едното.

Читам приказни за жени што си ги сакаат своите мајки и имаат блиски врски со нив, па не можам, а да не бидам малку љубоморна. Како добиле такви прекрасни мајки? Се разбира, имавме и ние убави моменти додека растев. Сестра ми и јас живеевме во удобен дом и имавме сè што ни беше физички потребно. Мојата мајка сакаше прослави и секој Божиќ беше како детски сон. Но, љубовта не доаѓа во пакети. Не е замотана со убава панделка. Би требало да се зборува од длабочината на душата. Тоа е топлата мајчинска прегратка кога сте исплашени. Тоа е прегратка што не сакате никогаш да заврши. Тоа се два збора кои доаѓаат од срцето и никогаш не се кажани насила.

Тешко ми е да бидам мајка кога немам мајка на која можам да се потпрам кога ми е тешко. Се плашам да ја кренам слушалката и да ѝ се јавам на мајка ми бидејќи не знам како ќе биде расположена и не знам дали ќе имам доволно сила да се изборам со целата негативност што така слободно се тркала по нејзиниот јазик. Многу години поминав во агонија тагувајќи поради својата мајка и емоционалното запоставување на кое бев изложена. Еден ден одлучив дека не сакам повеќе така да живеам. Нема веќе да дозволувам нејзините темни води да се навлечат и на мене. Сфатив дека не можам да ја контролирам и не можам да ја променам. Можам да влијаам само врз мојата среќа. Па затоа ја држам на дистанца.

Иако мојата мајка не е пример на мајка каква што јас сакам да им бидам на моите деца, таа го поставува примерот за она што јас не сакам да бидам. Сакам да бидам сигурна дека моите деца знаат колку ги сакам и колку сум благодарна што ги имам. И не само да им го кажувам тоа – туку и да им покажувам. Со бескрајни прегратки без никаков повод им покажувам дека сакам да ги галам. Им покажувам со бакнежи за добра ноќ, бакнежи в образ и рацете, со впивање на секоја капка детска невиност.

Им покажувам зборувајќи им дека ми недостигаат кога сум на работа и ги поттикнувам да ги споделат своите чувства со мене. Љубовта е голема и комплексна и заслужува за неа да се зборува. Затоа, додека тагувам по мајката која никогаш не ја имав, давам сè од себе моите деца да ја имаат мајката што им е потребна. Моите деца ќе знаат колку ги сакам бидејќи тоа и ќе го почувствуваат. Ќе знаат колку се вредни и никогаш нема да имаат ни најмал сомнеж во тоа колку сум среќна и горда што сум нивна мајка.

Извор

Поврзани написи

To top