Модерното време донесе, логично, модерен начин на живот. И додека некои аспекти од тој модерен живот се вистински благослов, други се предизвик и многу често скриен непријател.
Одлично е што има машини за перење алишта и за миење садови за нас. Прекрасно е што имаме телефони, па можеме да разговараме со оние што ги сакаме, а не ни се блиску. Исто така, одлично е што има интернет, па секоја информација е на дофат на раката.
Но, како и некои други благослови, интернетот може да биде добар слуга, но лош господар.
Нема сомнеж дека паметните телефони се причина за повеќе видови проблеми, од кои најзагрижувачки е проблемот со зависноста кој ги погодува и возрасните и децата. И тоа се случува сѐ повеќе и повеќе. Нарушеното ментално здравје, занемарените односи меѓу партнерите и заостанатиот развој кај децата треба да вклучат црвен аларм и да нѐ натераат да внимаваме наместо да замижуваме.
Потоа повторно, покрај сето наведено (а ќе се согласите дека звучи страшно) има една тема за која ретко се зборува. Една последица од појавата на интернетот и социјалните мрежи би можела да се нарече „расеано родителство“.
Стигнавме до уникатен момент во историјата каде што мајките ефективно поминуваат повеќе време со своите деца отколку кога било во историјата, според истражување. Некогаш мајките стануваа многу рано и легнуваа доцна за да успеат да ги завршат сите обврски околу куќата и семејството. Немаше време за децата. Да се разбереме, ни сега нема многу, но благодарение на напредокот на технологијата, денес многу работи правиме побрзо и поедноставно, па ни останува малку време што можеме да им го посветиме на децата. Но, квалитетот на тоа време е многу сомнителен.
Ние сме со нашите деца повеќе отколку мајките во 60-тите години, но сме помалку емоционално вклучени. И ова не е текст за осуда. Но, повеќето луѓе навистина не разбираат колкава штета можат да направат дигиталните уреди на односите. Сè што гледаат е дека сите околу нив држат телефони в раце, па тоа ги тера да размислуваат: „Добро, да беше нешто толку страшно, светот веќе ќе беше во неволја или телефоните ќе беа забранети.“ Но, не е сè толку едноставно.
Работата е во тоа што вашите деца, кои се во развој и учат, имаат потреба од вашето целосно, неподелено внимание. Вие треба да бидете 100 отсто присутни во моментот. Ако трчаат кај вас со желба да се пожалат, да ви кажат нешто или да ги утешите, а вие сето тоа го правите речиси без да го тргнете погледот од телефонот, тогаш не сте таму. Вие не сте присутни.
Според истражувањето спроведено во Мичиген, оваа форма на „расеано родителство“ има сериозно влијание врз социјалниот и емоционалниот развој на детето. Една од причините за тоа е што децата гледаат во нашите очи барајќи контакт. И во тие моменти тие учат за социјалната интеракција. Ако очите на родителот се вперени во телефонот, тогаш детето не може ништо добро да научи. Освен тоа, друго истражување на медицинскиот центар во Бостон покажало дека родителите многу често се лути и нервозни кога нивното дете ќе ги прекине додека гледаат во телефонот, а потоа често реагираат бурно и грубо на однесувањето на детето.

И дури и ако ги оставите сите овие докази настрана и се повикате само на здравиот разум, сигурно ќе сфатите: ако очите ви се вперени во паметниот телефон наместо во детето кое ви зборува, нели испраќате јасна порака што ви е поважно?
Телефонот нема да побегне. Но, крајно време е да почнеме да го користиме попаметно и поодговорно. Не мора да бидете посветени на вашето дете 24 часа на ден, но внимавајте додека си играте со него, разговарате или му читате приказна пред спиење, вашето внимание да не талка кон тој уред што испраќа известувања и се обидува да ви го одвлече вниманието од најважните работи на светот – моментите со вашето дете кои нема да траат вечно.