Дали таткото на вашето дете плаче пред него? Ако можете да ги изброите таквите моменти на една рака, тогаш можеби треба да поразговарате со него за ова. Еве зошто…

Кажано му е да не плаче

Младите генерации момчиња се охрабруваат да ги задржуваат емоциите и да избегнуваат плачење. Учени се дека не е општествено прифатено момчињата да плачат. „Не биди плачко!“, е позната реченица што се користи во детството на многу момчиња. Па така, тие растат во мажи кои не плачат (поточно, кои не сме ги виделе да плачат). Многумина од нас се борат и со сеќавањето на сопствениот татко и неговото ретко плачење. Тоа е случај со многу мажи. Ова е проблематично бидејќи на тој начин мажот ги чува чувствата во себе и не се ослободува емоционално. Некои мажи успеваат да научат да ги процесираат големите емоции на тој начин што се оттргнуваат од тоа што го чувствуваат. Некои мажи, пак, плачат на други начини, кои не се здрави, на пример, кога пијат и се тажни, или се гневни и агресивни кога чувствуваат премногу емоции. Ниту еден од овие начини не е здрав и дефинитивно не им помага ни на нивните деца.

Плачењето е ослободување

Секогаш се чувствуваме подобро кога ќе се исплачеме. Понекогаш тоа е експлозија од солзи, а некогаш е природен тек на солзите бидејќи едноставно ја ослободуваме емоцијата. Откако солзите излегуваат, луѓето се во подобра емоционална состојба. Плачењето е катарзично.

Децата треба да знаат дека е во ред да се плаче

Вистината е дека малите деца многу плачат. Но, потоа некако се учат да не го прават тоа. Причина е, се разбира, нивното растење – како што станувате повозрасни, така сфаќате дека за некои работи не вреди да се плаче. Дел од тоа е и социјализацијата – учите дека солзите може да бидат и исмејувани. Па затоа, децата, особено машките, се учат да не ги покажуваат емоциите и да не бидат ранливи.

Не кријте ги емоциите

Можеме многу подобро од ова. Мора да ги научиме нашите деца, особено момчињата, дека е во ред да се плаче. Тоа е здрав начин на ослободување на емоциите. Ако момчињата не го видат својот татко или друга машка фигура во нивниот живот како плаче, како ќе го научат тоа? Дали ќе се приспособат на родовиот стереотип дека на момчињата не им е дозволено да плачат? Ако така продолжат, дали со тоа ги изложуваме момчињата на ризик да станат емоционално недостапни мажи? Тоа е навистина голем ризик ако продолжиме да не го охрабруваме покажувањето на емоциите.

Затоа, татковци, ве молиме плачете пред вашето семејство. Можеби сте заборавиле како е да се плаче, но ако ви надојдат солзи, едноставно ослободете се и не кријте го лицето од вашите деца. Вашиот син треба да види дека плачењето е дозволено и дека со тоа се покажува сила, а не слабост. Таткото е најголемиот машки модел за својот син.

Автор: Лана Халовис



912

X