Денес таткото на своите деца им глуми татко, кој мора да биде во согласност со потребите на детето со кадифена свест (разгалено, насилно, мрзливо, тврдоглаво и дете зависно од најлошите виртуелни содржини). Глуми смирен, трпелив татко за да им угоди на своите деца, на сопругата, а под таа одлична глума сите чувствуваат бура.

Професорката Милица Новковиќ од Србија застапува изворно воспитување кое не користи казни, награди, презаштитување, вербализам и кое знае дека не смееме на детето прерано да му ги понудиме чудата на технологијата. Таа зборува за татковците, за нивната улога на татко, сопруг, глава на семејството…

Фото: Јутјуб

Дали има вистина во изреката „таткото е стапот“?

Таа грда изрека настанала во традиционалното семејство за таткото случајно да не ја покаже својата нежност, своите способности, кои ги има и мајката.

Тој „стап“ треба да биде закован за улогата што му е доделена од традиционалното семејство и од традиционалното воспитување.

„Ти си студен, незаинтересиран за активностите околу децата, кои ѝ припаѓаат на мајката. Ти не смееш да покажеш чувства, ни солзи бидејќи со тебе и со твојот каиш им се закануваат на децата.“

„Ќе видиш кога ќе дојде татко ти“, се велело. Но тој „татко-стап“ останувал во срцето на детето, бидејќи тоа непогрешливо знаело дека се работи за улога, а длабоко во душата таткото е добар и нежен и способен да работи околу него, исто како мама. Децата му простувале што малку време поминувал дома.

За жал, денес таткото не е „стап“, но станува тоа со текот на времето.
Денес многу татковци сакаат да учествуваат во воспитувањето на децата. Но, на тие татковци им се одзема скапоцена можност да се вклучат во растењето и воспитувањето на децата. Штом бебето ќе стигне дома, сите жени во семејството ќе се вртат околу мајката и бебето. Тоа трае и кога ќе заврши леунството.

Младиот татко се чувствува како „лево сметало“ и малку по малку „стапот“ индиректно се исфрла од процесот на воспитување на своето дете.

Тука се обложувачниците, кафулињата, старото друштво, заводливи девојки, тука е некој нов надворешен свет каде што ги нема саканата сопруга и малото дете. Второ, никој во куќата не забележува дека таткото недостига. Кога ќе се покажат првите негативни воспитни резултати, како последица на поткупувањето и презаштитеноста на децата, тогаш младите сопруги се сеќаваат на своите мажи. Низ солзи и гнев се обидуваат одговорноста за грешките во воспитувањето да ја префрлат на сопругот, на оној „стап“ кој не излегува од кафеана, кој живее момчешки живот.

Сигурна сум дека тогаш е вистинскиот момент младата жена да сфати дека младиот татко не е виновникот, туку преголемата заштитеност што ја добивала од својата мајка, сестри, другарки. На својот сопруг може да му ја објасни грешката што ја направила од незнаење, да им се заблагодари на роднините, и од таткото – „модерен стап“ да направи татко со кој ќе се гордеат неговите деца.

Колку таткото бил важен во растењето и воспитувањето деца порано, а колку денес?

До скоро било вака: отсекогаш се знаело дека таткото е важен во растењето и воспитувањето на децата, иако често се велело „таткото е стапот“. Но, за да ни стане појасна неговата улога денес, мора малку да се вратиме во минатото. До пред триесетина години сѐ било поинаку.

Традиционалното семејство, старо со векови, се одржувало во целиот свет, проследено со традиционални односи, традиционално воспитување и традиционална поделба на улогите во родителството. Мајката целосно и директно била посветена на воспитувањето на потомството. Таткото бил „надворешен човек“, кој го хранел семејството и се грижел за него. Значи, таткото индиректно учествувал во растењето и воспитувањето на децата. А потоа, во деведесеттите години од минатиот век сѐ што било традиционално се срушило, како никогаш да не постоело.
Се измениле односите меѓу мажите и жените, се измениле и улогите, а последиците биле неизбежни: отворено и молскавично рушење на традиционалното семејство, традиционалното општество и традиционалните улоги во воспитувањето на децата. Сѐ се срушило во налетот на „кадифеното“ воспитување.

А со векови било поинаку. Со векови семејството се контролирало преку награди и казни. Мажот со позитивно условување бил задржуван во рамките на својата силна машка енергија, од која потекнувале неговите задачи во семејството низ улогата на надворешен член и имал привилегирана положба на врвот од пирамидата.

Сигурно е дека тој имал силен копнеж понекогаш да биде нежен како мајката, но тоа било недозволиво. Жената со страв од казна била задржувана во рамките на женската енергија и силните женски емоции (грижа, тага, страв). Тоа спонтано ја одредило и нејзината улога на мајка, сопруга, домаќинка, некој што останувал во доменот на внатрешниот, семеен живот. И покрај сѐ, жената, мајката понекогаш имала изразена потреба и таа да биде дел од надворешниот свет. И така со векови. Страдал мажот, страдала жената, страдало детето, семејството. Страдале сите, но не како денес. Не сме знаеле дека сме целина.

Никој не насетувал дека со казнувањето и наградувањето и мажот и жената биле немоќни да спознаат дека не се половинки, туку дека се целина, дека во себе имаат и машка и женска енергија. Не помислувале дека животот, нивните улоги, нивните односи би биле сосема поинакви да можеле да ја срушат таа бариера на авторитарност (наградата и казната) и да станат целина.

А потоа, во деведесеттите години од минатиот век се случило нешто што само личело на скок, на промена, на блесок на љубов. И покрај објавата дека се укинува казната над жената и децата, за мажот казната била оставена, а тој, сакал-нејќел, полека влегувал во женската енергија, бидејќи стравот од казна почнал да доминира во животот на мажите. Никој не им објаснил која е нивната улога во општеството, во семејството, во воспитувањето на децата. Никој не му кажал на мажот зошто е тргнат од врвот на семејната и општествената пирамида, кој е неговиот нов идентитет. Жената побрзала во машката енергија поддржана од општеството, позитивното условување и привилегиите.
Жените се природно заштитувани од машкото насилство, а тие само се обидуваа да ги зачуваат своите стари позиции.
Тој прв, најсилен бран на насилство можеше да се избегне со укинување на казната и наградата. Со текот на времето насилството слабее бидејќи се засилува казната над мажите и полека тие се повлекуваат во женска енергија.

Со оваа промена на воспитните методи не се направи никаква суштинска промена. И натаму жената и мажот се половинки, само сега во многу полоша неприродна состојба.
Таа, жената, поприма одлики на силна машка енергија, а тој одлики на женска, мирна енергија. Конфликтите меѓу половите полека попуштаат, сѐ помалку има љубов, браковите се распаѓаат набрзо по добивањето дете.

Младите генерации веќе не сонуваат за брак, семејство и деца. Многу татковци одлучиле да се повлечат од борбата за враќање на старите позиции и се согласиле на жената да ѝ ја препуштат улогата на надворешен човек, додека тие се грижат за децата и внатрешниот дел на семејството.
Не им е лесно, не затоа што не умеат, туку затоа што и тие во воспитувањето применуваат казни и награди, па резултатите ги фрустрираат и нив, и сопругата, и децата.

Како ќе биде во иднина?

Технолошката револуција овозможи да не постои потреба од поделба на трудот меѓу мажот и жената, па зошто би постоела и потреба од строга поделба на улогите во растењето и воспитувањето деца. И мајка и татко се многу важни „улоги“ и децата го посакуваат денот кога тато ќе стане вистински татко, но кога ќе има потреба, ќе биде „вистинска добра мајка“.
Таткото наскоро како сеопфатно битие ќе биде најдобар во играта со малите деца, бидејќи и децата и таткото имаат силна машка енергија. Но, исто така, како целосни битија ќе бидат нежни, одговорни, вредни, вешти – како секоја мајка.

Во моментите кога таткото ќе ја преземе грижата за децата, додека мама работи и заработува, ќе биде најдобриот татко на светот бидејќи ќе ги користи и својата машка и својата женска енергија. Истото ќе ѝ се случува и на сеопфатната мајка, кога ќе остане со своите деца. Ќе има одлики на вистински татко, користејќи ја својата развиена машка енергија. Ќе има одлики и на својата прекрасна природно силна женска енергија кога ќе ги храни, образова, негува децата, додека тато заработува за целото семејство.

Сѐ ќе биде обвиткано со љубов, под услов да нема казни, награди, претерана заштитеност, вербализам и злоупотреба на екраните. Важно е само тато и мама да се договорат кој денес ќе биде мама, а кој тато, кој ќе си игра со децата, ќе ги бања и преповива, кој ќе ги успива, а кој вредно ќе заработува за живот. На детската среќа ќе ѝ нема крај.
Моментот на освестување на човештвото за потребата од укинување на казната и наградата при воспитувањето на децата и при креирањето на односите меѓу мажот и жената допрва доаѓа.

Доаѓа време за љубов. Таа последна битка за љубовта ќе ја извојуваат мажот и жената.

Автор: Вања Миленковиќ

 



912

X